понеделник, 16 октомври 2017 | Вести денес: 88 ново

Почна 38. издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“

Под мотото „Допри ја светлината“ и со македонската премиера на краткиот филм „Крајот на времето“ на режисерот Милчо Манчевски, синоќа во Битола почна 38. издание на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов кој во своето обраќање пред гостите од државата и странство потсети на мотивите и посветеноста на браќата Манаки кон познатата „Камера 300“, како и уметничката примена на светлината.

„Наспроти разликите, сите филмови имаат едно нешто заедничко, а тоа е контрастот меѓу темнината и светлината, физичката но и етичката. Затоа кога ни се чини дека темнината натежнува и ситуацијата изгледа безнадежна треба да се сетиме на зборовите на еден наш поет дека ноќта е најтемна пред разденување. Светлината најјасно свети во најмрачните моменти, таа светлина ни дава надеж и сила да продолжиме да чекориме кон нејзиниот извор, да продолжиме и да не се откажуваме“, истакна Иванов кој како прокровител на фестивалот му врачи златна „Камера 300“ за животно дело на годинашниот лауреат, францускиот кинематографер Пјер Лом.

Присуството на кинематограферот Лом во Битола беше поздравено со долготраен аплауз, додека пак вториот добитник на наградата за животно дело, славниот италијански кинематографер, Џузепе Ротуно, заради својата возраст не дојде во Македонија, но негов претставник ја прими големата награда на фестивалот на кинематограферите кој до 30. септември ќе се одржува во Битола.

На гала отварањето на фестивалот се одржа и перформанс во режија на Нела Витошевиќ, а на кој настапија актерите Сашко Коцев, Драгана Костадиновска, Денис Абдула, танчерот Агим Бафтии и студенти од одделот за современ танц при Факултетот за музичка уметност од Скопје.

Триесет и осмото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ има 10 различни филмски програми кои денес продолжуваат на различни локации во битолскиот Центар за култура.

Top