четврток, 19 октомври 2017 | Вести денес: 109 ново

Дрските лаги основен белег на владеењето на Заев

Ненад Мирчевски

Историската „средба“ меѓу Заев и Трамп ќе остане запомната како врв на лицемерието и безобразното лажење на човекот кој ни го наместија да ни биде премиер и на целото негово министерство за пропаганда кое се обидува да испере од срам лице-ѓон. Не е срамот толку опасен поради содржината, колку за леснотијата со која се посегнува по лага и во одбрана на лагата, колку и да е очигледна.

Го слушам правдањето во интервју за една телевизија блиска до шефот на Заев, и прво што ми падна на памет е еве, гувернаторот повторно се обидува да го извади од г…а неспособниов. Арно ама за човек како Заев поправниот испит е само шанса за уште поголемо резилење.

Што ќе каже Заев на прашањето „имавте ли навистина време да размените мислење со Трамп?“ Пустиот тој, имал дилема дали било средба или настан,иако јасно се гледа дека самиот тој сака да верува дека имал средба со претседателот на САД. Ако изразот на лицето му беше реален додека го кажуваше тоа, Господ нека му е на помош, а Бога ми и нас со него на чело на државата. Да го оправат овој човек нема да можат уште две министерства за пропаганда, ама ете, во иднина имајте предвид кога ќе ви пренесат провладините медиуми дека имал средба со некој државник, побарате и видео снимка за да се уверите сами за што станува збор.

Очигледно лагата толку длабоко е вкоренета во неговата свест, што е неверојатно тешко некој да допре до неговата совест и да му стави до знаење дека е дрско и безобразно да излажеш дури и дете од позицијата која ја има, а камо ли цела домашна јавност. И сето ова можеби ќе се сместеше во категорија гаф да не ни беше секојдневие.  Сепак, лажго да одвикнеш од лажење е како на свиња да и забраниш да рие во земја.

И покрај тоа што беше фатен жив, го гледам како продолжува да лаже… Се правда, само сакал да посака среќа… Демек кога посакуваш среќа не може да ти се лутат дека си излажал. Нели? Не се ни обиде да размисли дека за време на ракувањето од половина секунда човек нема време ниту да трепне, а камо ли да посака нешто… Уште помалку да го изусти тоа што го посакал… Па демек, добил и возвратен одговор. Боже мили колку е очајна и корегиранава изјава, а да не ја споменуваме срамната прва верзија од соопштението испратено од неговиот кабинет каде што се вели на средбата со претседателот Трамп изразил поддршка за неговата иницијатива преку Декларација да се поддржат реформите предложени од генералниот секретар на ОН и посакал успешен старт на реформите на организацијата на ОН.

Ако постои човек на планетава што може да го каже, прочита, или дури и да го помисли во половина секунда, би сакал да му честитам лично.

И од Заев да е, премногу е. Ама и тој не е виновен што имаме премиер-патолошки лажго. За овој безнадежен случај на последните избори гласаа 435.000 граѓани, најголемиот дел Македонци, но и завиден број Албанци, а потоа, иако ги изгуби изборите, амбасадорите се погрижија да му направат и влада. Во изминатиот период, голем дел од неговите гласачи ги слушам како кукаат дека биле измамени и дека ни на сон не верувале дека гласаат за ова што ни се случува денес. Но, никој нема храброст гласно да признае – да и јас сум еден од тие што му овозможија да го прави ова.

И, ете го… Сега ни крив ни должен, си тргува со националните интереси како да ги наследил од дедо му од Муртино. Лажгото ни кажува што е слобода а што е режим; што е криминал, а што е во рамки на законите; кои се жртви, а кои насилници; кои ги бранат, а кои ги продаваат националните интереси; што е уставно, што е противуставно. Ете, денеска Заев рече – законот за јазици е Уставен. Алелуја! Штом Заев го прогласи предлог-законот за уставен, тогаш сите правни експерти нека си ги искинат дипломите, а уставниот суд да се распушти. Чуму ни се кога го имаме Заев? Не ни требаат ни дебати, ни закони, ни устав. Доволно е што си го имаме него. Тој знае што е најдобро и најисправно за сите нас.

Пак ќе речам, не е тој виновен што имаме еден куп интелектуалци и новинари-професионални исполнувачи на агенди. Колку ли е само понижувачки да одработуваш агенда за ваква цепаница поставена да води држава. Не знам дали сите скапо го наплатуваат самопонижувањето, но знам дека флеките нема така лесно да се извадат кога ќе заврши неговото. Да потсетам, ќе има и одговорност. Од сите!

А неговото ќе трае додека народот му дава дури и минимум шанса да ја игра неговата игра на лаги и измами. Зошто е потребна убедлив пораз на предавничката и разнебитувачка политика? Неговите налогодавачи сигурен сум веќе имаат добар план за нов изборен фалсификат кој ќе помине исто како и на последните избори ако народот и малку се двоуми за изборот.

Колку и да изгледа наивно, лажењето на Заев станува се поопасно за сите нас, а ќе го достигне зенитот во периодот по локалните избори за кога е најавено решавањето на спорот за името. Веќе ги гледаме последиците што 350.000 Македонци не ги сфатија сериозно предупредувањата на последните избори за целосната двојазичност. Сакате уште да се коцкате со својата иднина и со иднината на државата? Тогаш продолжете да си прераскажувате вицови со Заев и да му ги препишувате гревовите на наивност и неискуство. Тој многу добро знае што прави. Прашањето е дали ние ќе се освестиме на време?

Top