петок, 19 јануари 2018 | Вести денес: 76 ново

„Македоника литера“ ја објави мемоарската книга „Моите спомени“ од Георги Баждаров

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, неодамна ја објави мемоарската книга „Моите спомени“ на Георги Баждаров, во превод од бугарски јазик, со предговор и белешки на Славчо Ковилоски.

Георги Баждаров (1881 – 1929) бил новинар, учител, истакнат македонски револуционер, задграничен претставник на ВМРО и теоретичар на македонската револуционерна борба. Автор е на повеќе книги за македонското револуционерно движење од илинденскиот и постилинденскиот период, а како најзначајна се издвојува книгата со неговите сеќавања, размислувања и расудувања насловена „Моите спомени“.

Во неа Баждаров изнесува низа податоци за образованието, ученичките бунтови во Солунската гимназија, за првите македонски револуционерни кружоци, за основањето на Македонската револуционерна организација, како и животот како член на четите на Јане Сандански, Илија Крчовалијата и други. Баждаров пишува за организациската работа пред Илинденското востание, за препреките со кои се соочувале македонските револуционери, изнесува и низа биографски податоци за нивните животни врвици – Гоце Делчев, Михаил Попето, Атанас Тешовалијата итн., а пишува и за Тодор Александров, Димитар Влахов, Иван Михајлов, Арсени Јовков, Петар Чаулев, Јане Сандански, Александар Протогеров, Димо Хаџи Димов и др.

Како мошне значајни се оценети неговите спомени кои се однесуваат на периодот по Првата светска војна, односно по 1918 година. Тука Баждаров изнесува и документи кои ги поткрепуваат неговите ставови со барањата за формирање на независна македонска држава. Спомените на Георги Баждаров претставуваат важно сведоштво за еден значаен период од македонската историја од крајот на 19 и првите децении на 20 век.

Ракописот на „Моите спомени“ од Георги Баждаров се чува во Регионалниот историски музеј „Академик Јордан Иванов“ во Ќустендил, а првпат е објавен од Институтот „Бугарија – Македонија“ во 2001 година, во редакција на Ангел Џонев. Спомените на Баждаров се напишани на бугарски јазик, без датум на нивното создавање. Сепак, според изнесените податоци во нив, може да се утврди дека нивното настанување се случило во 1929 година, односно непосредно пред убиството на авторот. Составени се од два дела: „Книга прва – За време на управувањето на Турците во Македонија“ и „Книга трета – По војните (1918-1928)“. Недостасува вториот дел, односно настаните од Илинденското востание до крајот на Првата светска војна (1903-1918). Овој период од петнаесетина години Баждаров свесно го прескокнал – имал предвид да го заврши по третата книга, но во меѓувреме бил убиен и втората книга не е напишана.

Од описите и приказите на одредени настани и личности на кои Баждаров им посветил посебно внимание, интересен е неговиот восхит од ликот и делото на Гоце Делчев: „Ние самите, по своја желба и по своја одлука бевме станале војници на Македонија, ние самите, доброволно, го признававме Гоце за свој началник, бидејќи тој беше најстариот војник доброволец, најхрабриот, најсмелиот, најпреданиот на Делото, најискусниот меѓу борците, но и најскромниот. Затоа тој беше повеќе од генерал, од командувачката армија, тој беше општопризнат и општосакан водач на револуционерите патриоти“. За разлика од односот кон Гоце Делчев, Баждаров дал сосема поинаква слика за Иван Михајлов.

 

Георги Баждаров (Горно Броди, Серско, 1881 – Варна, 1929) се школувал во  Солунската машка гимназија (1896 – 1899) и во Битолската гимназија (1899 – 1900), каде што заедно со Трпен Марков, Андреј Кезепов, Ѓорѓи Христов и Георги Тодоров формирале ученички револуционерен кружок. Учителствувал во селото Крушево, Демирхисарско во 1900 – 1901 година и бил член на Демирхисарскиот околиски револуционерен комитет. По 1901 година бил четник во четата на Јане Сандански. Од 1902 до октомври 1903 бил е секретар во четата на Иљо Крчовалијата, а подоцна е во четата на Атанас Тешовалијата. Во летото 1903 година бил делегат од Серско на конгресот на Серскиот револуционерен округ. Учествувал во Илинденското востание. По востанието емигрирал во Бугарија каде што завршил историја и географија на Софискиот универзитет. По враќањето во Македонија бил уредник на весниците „Учителски глас“ (1910 – 1912) и „Искра“ (1911 – 1912).

По Првата светска војна играл значајна улога во револуционерното движење на македонската емиграција во Бугарија. Бил избран за член на Задграничното претставништво на ВМРО, а во 1925 година на Шестиот конгрес во селото Србиново бил реизбран на истата функција, заедно со Наум Томалевски и Кирил Прличев. Од 1919 до 1923 година бил главен уредник на весникот „Македонија“ и на списанието „Македонски преглед“. Во својство на задграничен претставник и уредник на списанија и весници имал чести контакти со голем дел од македонските револуционери, за кои оставил пишани сведоштва. Бил еден од основачите на Македонскиот научен институт.

Баждаров бил жртва на братоубиствената борба во ВМРО. Убиен бил на 19 септември 1929 година во Варна.

Автор е на книгите: „Револуционерната борба во Македонија“ (1917), „Духот на Македонија; Зборник од биографии и карактеристики на македонски револуционери“ (1923), „Низ македонската земја. Впечатоци и белешки“ (1926), „Горно Броди“ (1929), „Die Makedonische Frage“ (1925).

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top