понеделник, 16 октомври 2017 | Вести денес: 88 ново

Мицевски бара јавна дебата за текстот на Законот за јазици

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски денеска од собраниската говорница порача дека постои политички договор меѓу две политички партии за да се подигне рејтингот на една од нив која во изминатите четири години на локални ниво не направила ништо, а од друга страна, за да се даде поддршка на, како што рече, климавата Влада за да ги заврши работите за кои што е конструирана.

Начинот на изборот на Владата, сите активности кои што ги презема во овие 111 дена е заеднички договор со само една единствена цел, остварувањето на овие цели. Јас уште од самиот почеток од поставуањето на овој закон имам одредени недоумици затоа што, прво, самиот закон, поставувањето на законот на комисијата за европски прашања, а не на политички систем, како матично тело е избегнување на дебата. Дебата за која што повикуваат премиерот на Владата на Република Македонија и пратениците. Во секое повикување единствено зборот „дебата“ го користи во секоја реченица, а од дебата денес немаме ни „Д“, истакна Мицевски.

Тој потенцира дека тоа е така бидејќи пратениците кои го побараа овој закон се исклучиле и избегале од дебата.

-Се исклучија од говор за да не можеме ние како пратеници да ги прашаме што е она што е договорено, а за кое не знае ниту македонската јавност. Затоа што во предизборниот период ветуваа дека вакво нешто нема да има. Денеска е сервирано и се бара форма и начин како да се продаде на македонските граѓани. Второ, јавна дебата требаше да има за уставноста од овој закон, затоа што самиот закон од самиот старт, од првион негов член е неуставен. За ова требаше да дискутираме пред да дојде на собраниска седница на која што треба да се дискутираат сите овие работи, посочи Мицевски.

Тој побара јавна дебата за текстот на Законот за јазици, да се повикаат сите надлежни институции, МАНУ, Филолошкиот факултет, Институтот за македонски јазик и сите релевантни експерти кои што ќе можат да зборуваат на оваа тема.

-На овој начин се унапредува само правото на една етничка заедница. Јас не сум против и таму да се подобрат и да се унапредат, меѓутоа, согласно Устав и согласно почитување на правата на сите етникуми во Република Македонија, потенцираше Мицевски.

Top