вторник, 12 декември 2017 | Вести денес: 1 ново

ВМРО-ДПМНЕ: СДС нема намера да работи во корист на граѓаните, ФЗОМ сака да ги укине најхуманите проекти на ВМРО ДПМНЕ

ФЗОМ сака да укине еден од најхуманите проекти кои ВМРО-ДПМНЕ ги промовираше за подобрување на здравствените услови на студентите кои имаа проблеми со видот, се вели во денешната реакција од партијата на одлуката на ФЗОМ за укинување на проектите „Модерни очни помагала за студенти и средношколци“ и „Ласерска корекција на диоптрија на студенти“.

Оттаму велат дека двата проекти беа ветени во програмата на ВМРО-ДПМНЕ и требало да се реализираат во корист на студентите кои се од семејства корисници на социјална помош.

-Ласерската корекција комплетно ја елиминира потребата од носење очила и леќи, трошоците за купување рамки, очила. Тоа е трајно решение за луѓето кои имаат ваков проблем. Затоа требаше да биде целосно бесплатно за студенти од 18-26 години. Со овој проект се предвидуваше да се овозможи корекција на диоптријата за над +/-2 диоптер. ВМРО-ДПМНЕ вети и субвенционирање на ортопедски очни помагала на студенти и средношколци на возраст од 14 до 26 години од семејства корисници на социјална помош. Наместо да користат очила ќе може на товар на Фондот да користат леќи за плус и минус 2 диоптер, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека од оваа мерка се намалува психолошки притисок на учениците и студентите и се намалува прогресијата на кратковидост или далекувидост во периодот кога видот најмногу им е потребен.

-Овие проекти ќе претставуваа значителна финансиска поддршка за младите. Лага е дека нема пари за овие проекти. Сумата од 655.000 евра е планирана за повеќе години, за двата проекта, и секоја година ќе се издвојуваат онолку пари за колку што осигуреници од овие категории ќе исполнуваат услови што ќе биде поткрепено со соодветна документација од очен лекар. Оваа сума е рамка и не значи дека сите пари ќе бидат исцрпени. Според планираното требаше да се распише јавен повик за здравствени установи кои би учествувале во реализирањето на овој проект кои потоа би ја наплатиле услугата од ФЗОМ, додека студентите не би имале никаков трошок, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму истакнуваат дека со ова се потврдува фактот дека СДСМ нема намера да работи во корист на граѓаните и наместо да ги подобруваат условите за живот, тие ги прекинуваат добрите проекти кои се ветени од ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, СДСМ на 15 октомври ќе бидат казнети поради погубните политики.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top