вторник, 12 декември 2017 | Вести денес: 130 ново

Ќе продолжиме неуморно да работиме во интерес на граѓаните

Аеродром изминатите неколку години прерасна во општина за која многумина сметаат дека е најурбана, а истовремено и најзелена општина во земјава, па и пошироко. Сведоци сме на една преобразба која е синоним за успешна и посветена работа. На чело на општината е градоначалникот Ивица Коневски, кој во текот на двата мандата доби голем број признанија и награди за својата посветеност во решавањето на локалните прашања, кои секако се круцијални за квалитетен живот на граѓаните. Со него разговаравме за над 500-те реализирани проекти откако е тој градоначалник, но и за проектите кои ќе ги реализира доколку ја добие довербата од жителите и за трет градоначалнички мандат.

Што би издвоиле како заштитен знак на општината? Што сметате дека ја издвојува општина Аеродром од останатите општини?

КОНЕВСКИ: Изминатите осум години јас и администрацијата во општината работевме и работиме напорно на создавање квалитетни услови за живот на жителите. Убеден сум дека сѐ започнува од домот. Најважно е во околината каде што живеете да ги имате сите потребни услови за нормално функционирање. Покрај континуираното решавање на инфраструктурните прашања, се посветивме и на одржувањето и разубавувањето на животната средина. На вашето прашање за тоа што сметам дека е заштитен знак на Аеродром, веднаш ќе одговорам дека тоа се парковите. Успеавме да подигнеме десетина прекрасни паркови на различни локации.

 

Парковите – заштитен знак на Аеродром

Секој е различен и носи поинаква приказна во себе, но она што им е заедничко се пространите водени површини, катчињата за најмалите и зеленилото. Аеродром е најзелена општина во земјава со над 28 квадратни метри зелена површина по глава на жител. Овие паркови се вистинско место за одмор и рекреација за сите возрасти и особено ме радува што се многу посетени, како од аеродромци, така и од жители од други општини. Ние секако мислиме и на домашните миленици, па неодамна го отворивме и првиот, но секако не и последен парк за миленичиња во општината. Навистина сум среќен што голем број локации, кои претходно претставуваа депонии и напуштени земјишта, успеавме да ги претвориме во зелени оази. Задоволните граѓани се мерило дека сме успеале во нашата намера да создадеме баланс меѓу урбаното и зеленото во нашиот Аеродром.

 

Депонии и напуштени земјишта претворивме во зелени оази

Општина Аеродром демографски е млада општина. Во Отчетот наведувате дека се реализирани многу проекти за згрижување и образование на децата.

КОНЕВСКИ: Токму така, во нашата општина имаме многу дечиња и тоа особено ме радува. Оваа година на училиште тргнаа 800 првачиња, а бројот на ученици е околу 7000 илјади. Ние како Општина, навистина се посветивме на прашањата поврзани со нивното воспитување, образование и секако, згрижување. Отворивме три нови градинки со капацитет за околу 500 дечиња. Покрај градинката „Штркче“ во населбата Јане Сандански и „Сонце“ во Реонски центар Аеродром, успеавме да изградиме прва градинка „Лавче“ во Горно Лисиче. Со тоа го исполнивме долгогодишното барање на родителите од тој дел на општината. Изградивме сосема ново основно училиште „Александар Македонски“ во Реонски центар Аеродром, а неодамна започна и изградбата на новиот објект на ОУ „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче. Сите училишта се реновирани, а учениците веќе четврта година добиваат бесплатна училишна облека, која придонесува за еднаквост на сите ученици, но и претставува големо олеснување за семејните буџети. Исто така, основците во нашата општина имаат уште еден мотив плус за постигнување поголеми резултати. Веќе неколку години, најдобрите ученички од сите училишта посетуваат еднонеделна настава во училиштето „Брнтвуд“ во збратимената лондонска општина Вандсворт. Оваа година, ја продлабочивме соработката и кон крајот на месец септември ќе ги испратиме најдобрите ученици на настава во училиштето „Ернест Бевин“ во Лондон.

 

Младите во Аеродром ќе добијат средно училиште блиску до своите домови

Но, тука не застануваме. Неуморно работиме на нови проекти и имаме предвидено изградба на гимназија, со што ќе го подигнеме образованието во нашата општина на едно повисоко ниво, а младите ќе добијат средно училиште блиску до своите домови. Но, нема да ги заборавиме ниту дечињата со посебни потреби. Затоа, во наредниот период ќе отвориме дневен центар за нив.

 

Аеродром ќе добие дневен центар за децата со посебни потреби

Загаденоста на воздухот, особено зиме, е многу голема во вашата општина. Какви мерки презема Општината за решавање на овој проблем?

КОНЕВСКИ: За жал, еден глобален проблем, како загадувањето, не ја одминува ниту општина Аеродром. И како градоначалник, но пред сѐ, како жител на Аеродром, сум свесен за овој проблем и можам да кажам дека како општина досега ги имаме преземено сите неопходни мерки за намалување на загадувањето на воздухот. Како што кажав погоре, ги исчистивме сите депонии, изградивме 10 нови паркови, насадивме многу нови садници, од кои само последнава година 50.000 нови дрвца, кои долгорочно ќе придонесат за поздрава и почиста животна средина. Сепак, станува збор за многу комплексно прашање, кое бара системски приод, а ние како општина не седиме со скрстени раце. Сметам дека треба државата треба да врши секојдневна контрола на филтрите во фабриките кои се во непосредна близина на нашата општина. Аеродром на својата територија нема фабрика, но не може да се постават граници на воздухот и неговото струење. Покрај фабриките, еден од најголемите причинители на загадувањето е и начинот на греење на домаќинствата, а за да се смени тоа, потребно е Владата на Република Македонија да обезбеди субвенции за граѓаните, затоа што ниту една општина не е економски моќна од својот буџет да финансира таков проект. Општината континуирано работи и на подигање на екосвеста кај граѓаните, и преку разни акции се обидуваме да влијаеме граѓаните да покажат поголема грижа за животната средина и поголемо користење на велосипедите и јавниот превоз, како алтернатива на автомобилите, кои се исто така, големи загадувачи на воздухот. Сметам дека само со заедничка посветеност и вклученост на сите чинители во општеството, може да успееме во создавање на здрава животна средина.

Старите згради во Аеродром добиваат ново руво. Можете ли да ни кажете за каков проект станува збор?

КОНЕВСКИ: Овој проект предизвика големо внимание кај нашите жители. Станува збор за проект со кој во наредните неколку години ќе ги смениме сите оштетени фасади на зградите. Покрај убавата надворешност, станарите ќе добијат и подобра изолација во своите станови, што секако значително ќе ги намали нивните трошоци за загревање или разладување на домовите. До крајот на оваа година ќе бидат реконструирани 11 фасади, така што за неколку години очекувам да бидат заменети сите оштетени фасади на зградите.

Често велите дека Аеродром е најспортската општина. Што значи тоа?

КОНЕВСКИ: Тоа значи дека вложуваме многу во спортот. На целата територија на општината има многу спортски терени, на кои младите, но и возрасните можат да спортуваат и да се рекреираат. Аеродром е општина која на децата, од најмала возраст, им нуди можност да се запознаат одблиску со различни спортови, а со тоа кај нив да се развие спортски дух. Тоа се должи на достапноста на спортските терени кои ги има буквално на секој чекор. Изградивме голема и современа сала во Горно Лисиче, како и повеќенаменски спортски игралишта и терени во сите маала во општината.

 

 

Игралиштата во рамки на основните училишта, ги опремивме со рефлектори за ноќно спортување. Интересот на младите за спортување е огромен, а искористеноста на спортските објекти е само доказ дека навистина сме спортска престолнина. Салата „Јане Сандански“ секако е храм на спортот во нашата општина, но да не го заборавиме ниту Спортскиот центар „Ново Лисиче“ кој од обична „дупка“ го претворивме во квалитетен простор за спортски и културни настани. Секако, се водиме од мислата дека секогаш може повеќе и токму затоа во план е изградба на нов голем фитнес центар во Ново Лисиче.

 

Ново Лисиче ќе добие голем фитнес центар

А, особено сум горд што општина Аеродром набрзо ќе добие и Спортски тениски центар, каде ќе се организира АТП турнир, а тоа значи дека нашиот Аеродром ќе добие уште едно место, каде ќе доаѓаат светски познати спортски имиња. Тоа ќе го зголеми нашиот углед и реноме како спортска општина, но што е најважно ќе ги мотивира децата и младите да се посветат на некој од спортовите, земајќи ги како позитивен пример овие успешни спортисти.

Аеродром ќе прерасне во тениски центар

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top