среда, 20 септември 2017 | Вести денес: 34 ново

Тони Димков, автор на „Кантар со метафори“: Интервјуто ќе биде жанр кој ќе треба поинтензивно да се практикува

Со сигурност може да ви кажам дека крал на македонските интервјуа е Тони Димков. Не затоа што секогаш со задоволство сум давала интервјуа, туку затоа што секогаш со задоволство сум ги читала неговите интервјуа. Затоа што биле поразлични, нуделе нешто ново. Понекогаш биле и револуционерни. За жал, се помалку имаме простор да читаме добри интервјуа - рече Лабина Митевска, промоторка на „Кантар со метафори“, инаку актерка и филмска продуцентка

Пријатели, колеги, соговорници, присустуваа на промоцијата на книгата „Кантар со метафори“ на новинарот Томи Димков која се одржа синоќа во „МКЦ клуб и ресторан“. Издавачката куќа „Магор“ ја објави  втората книга на Димков која има поднаслов „Збирка интервјуа што ја мерат тежината на времето“. Димков, долгогодишниот новинар од областа на културата во својата нова книга прави природно продолжување на претходно објавената книга „Зборот остава траги“ (2016 г.).

– Тоа што ја го направив во книгата е еден искрен одбир на инттервјуа. На промоцијата на првата книга „Зборот остава траги“ најавив дека имам материјал за две книги. Сега нема да најавувам дека имам материјал и за трета, бидејќи третата книга планирам да ја водам во сосема друга насока. Токму одбирот на интервјуата што се поместени во „Кантар со метафори“ беше еден момент на рационализација на тоа што јас досега сум го спознал од моите повеќе од 25 соговорници. Ценам дека интервјуто ќе биде тој жанр кој што можеби ќе треба и понатаму и поинтензивно да се практикува, секако со одредени занаетски вештини кои чувствувам дека во последно време сѐ помалку ги има или сѐпомалку новинарите имаат можност да ги практикуваат своите новинарски вештини притиснати од брзиот тек на времето. На секој човек веројатно му треба еден соговорник, ако ништо друго тогаш за да си ги провери работите, фактите и вистините што ги носи во сопствените мисли – изјави на промоцијата Димков.

Со филигрански направена селекција на интервјуа, објавени во списанијата „Граѓански“, „Глобус“, „Арт република“ и на интернет-порталот МКД.мк, со личности и појави и од ретко застапената алтернативна култура во државата, книгата претставува придонес кон изворното зачувување и документирање на меморијата и на трагите од времето во кое живееме. Во книгата „Кантар со метафори“ се објавени 25 интервјуа со истакнати творци, како академик Луан Старова, театарскиот деец Ристо Стефановски, поетот Никола Маџиров и виртуозниот пијанист Симон Трпчески (национални уметници на РМ), сликарите Трајче Јанчевски (1928 – 2015) и Александар Станкоски, професорката Јасна Котеска, сликарката Весна Бајалска, сценографот и директор на Битолскиот народен театар Валентин Светозарев, диригентот Запро Запров, музичарите Кирил Џајковски, Тони Китановски, Зоран Маџиров (1968 – 2017), Сеад Хаџиќ-Сецко, Александар Пејовски, групите „ПМГ колектив“ и „Легијата“, новинарката Гена Теодосиевска, актерката Лабина Митевска, поетот Сашко Гигов-Гиш, извршниот продуцент Пеце Талески, Златко Стевковски како директор на Младинскиот културен центар во Скопје…

– Во Македонија, во овие 20 години, за жал, намерно или ненамерно, го изгубивме нашиот медиумски простор. Згаснаа или беа затворени многу медиуми и на тој начнин ги изгубивме интервјуата. Со сигурност може да ви кажам дека крал на  македонските интервјуа е Тони Димков. Не затоа што секогаш со задоволство сум давала интервјуа, туку затоа што секогаш со задоволство сум ги читала неговите интервјуа. Затоа што биле поразлични, нуделе нешто ново. Понекогаш биле и револуционерни. За жал, се помалку имаме простор да читаме добри интервјуа – рече Лабина Митевска, промоторка на „Кантар со метафори“, инаку актерка и филмска продуцентка.

Таа смета дека добрите интервјуа ни се потребни на сите нас, затоа што сакаме да дознаеме и сакаме да влеземе во тајните сфери кај една личност, во сите негови дилеми и прашања.

– Ти благодарам Тони што продолжуваш со една неверојатна свежина, ентузијазам и длабочина да ги работиш овие интервјуа – рече Митевска.

Александар Прокопиев, писател и книжевен критичар потсети за првото интервју за кое малкумина знаат.

– Можеби првото интервју го направил еден од најголемите филозофи на сите времиња, Платон, кој интервјуирал човек, многу интересен, богат и полн со знаење и провокации кој едноставено не сакал да пишува. И се споиле во оној прекрасен дијалог од каде што сите Платонови дијалози потоа ме хранат и ги хранат генерациите читатели кои го сакаат мудриот збор. Разговорот е со Сократ, кој останува поим за тоа како мислата води и доведува до вистина. Сократ инаку не напишал ништо во животот. Благодарение на големиот ум и талент на Платон ние ги добивме тие дијалози и разговори – рече Прокопиев, кој беше промотор на „Кантар со метафори“.

Според него за секое интервју се потребни двајца.

– Тоа е дијалог меѓу две суштества кои на прв поглед може да бидат многу различни. Така, во книгата на Тони среќаваме широка галерија на соговорници кои се различни меѓу себе, различна возраст, тема… Кога Тони навлегува во нивната творечка територија, тоа го прави без пасош, ненаметливо, со знаење и со можност да се влезе во еден подлабок слој од оние што ги нудат вообичаените интервјуа. Цврсто сум убеден дека интервјуто станува книжевен жанр – рече Прокопиев.

Тони Димков (1969 г., Скопје) е новинар од областа на културата и уметноста, кој со години ги следи творештвото на македонските уметници од речиси сите области и сите позначајни фестивали и културни манифестации во Република Македонија. Во 2016 година кај издавачот „Магор“ ја објави својата прва збирка со интервјуа „Зборот остава траги“, за која ја доби државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за новинарство.

 

Top