понеделник, 20 ноември 2017 | Вести денес: 0 ново

Трпчески е резидентен артист во една од најпосакуваните сцени – лондонски „Вигмор хол“

Македонскиот пијанист, кој досега повеќе од десeтина пати има настапувано на оваа сцена, во јануари наредната година на престижната лондонска сцена ќе го донесе хит-проектот на Трпчески и пријателите МАКЕДОНИСИМО, инспириран од македонскиот фолклор и посветен на македонскиот народ. Овој циклус во британската престолнина нашиот пијанист ќе го заокружи со самостоен рецитал во мај

По низата незаборавни настапи во најпрестижната светска рецитална сала – лондонски „Вигмор хол“, нова чест за македонскиот пијанист Симон Трпчески кој во најновата сезона е поканет да биде резидентен артист на една од најпосакуваните сцени.

Веќе утревечер (15 септември), првиот од серијата од три концерти со различна програма во текот на сезоната ќе ја означи соработката на Трпчески со еден од водечките светски виолончелисти Даниел Милер-Шот.

„Само неколку дуо партнерства може да ги понудат силниот интензитет и убеденоста што ја создадоа Даниел Милер-Шот и Симон Трпчески. Двојката се враќа во Wigmore Hall за рецитал што сигурно ќе ја проектира емпатијата што ја делат двајца од најдобрите уметници на денешницата“ – го најавува петочниот настап престижниот Вигмор Хол, за чија пак издавачка етикета Трпчески веќе е потписник на две компакт-диск изданија снимени од тамошните настапи во живо.

Македонскиот пијанист, кој досега повеќе од десeтина пати има настапувано на оваа сцена, во јануари наредната година на престижната лондонска сцена ќе го донесе хит-проектот на Трпчески и пријателите МАКЕДОНИСИМО, инспириран од македонскиот фолклор и посветен на македонскиот народ. Овој циклус во британската престолнина нашиот пијанист ќе го заокружи со самостоен рецитал во мај.

Инаку, Трпчески по настапите со Словенечката филхармонија во Грац, Австрија, при крајот од месецов ќе го означи и официјалниот старт на новата сезона на словенечкиот филхармониски оркестар кога под диригентската палка на Александар Марковиќ ќе го изведе фаворитот во пијанистичката литература –  Концертот број 3 за пијано и оркестар на Рахманинов.

Top