петок, 24 ноември 2017 | Вести денес: 70 ново

Бабата на Рашковски ќе одлучува по жалби во Централниот регистар

Владата ја именува бабата на Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, за претседател на Комисија во Централниот регистар. Елена Начевска, мајката на неговата сопруга, е назначена на владина седница одржана на 9 август.

Од Владата не одговaраат на чиј предлог е назначена Начевска, ниту пак дали Рашковски ја информирал Владата дека се работи за негова блиска роднина, туку дека ќе ја вршела функцијата без никаков надоместок, објави Нова ТВ.

„Начевска е член на ад хок комисија во рамките на Централниот регистар која не е поврзана со јавни набавки и чии членови немаат месечен надоместок. Таа комисија има стриктни услови за избор – 5 години искуство после правосуден и сл. Елена Начевска работи 20 години во Основен суд Скопје 2. Доколку има надоместок истиот ќе биде пријавен и Начевска најавува дека ќе го донира во хуманитарни цели во Домот за деца без родители. Комисијата во Централниот регистар е вон функција 10 месеци, бидејќи сите членови си дадоа отказ, а никој не сакал да работи во неа бидејќи не се плаќа, односно се покриваат само минимален износ за патни трошоци“, стои во изјавата од Владата за телевизијата.

Комисијата, чиј претседател е Начевска, е второстепена комисија која постапува по жалби и нејзините одлуки се извршни за Централниот регистар, како првостепен орган. На пример, оваа Комисија одлучува доколку до нив стигне жалба за некоја одлука на Централниот регистар како забрана за вршење на дејноста на некое правно лице или пак одлука за бришење на некоја фирма.

Од Владата објаснуваат дека Елена Начевска не е член на Комисијата за жалби по јавни набавки, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ. „Таа комисија ја избира Собранието на РМ и истата е уште во стар состав“, велат од Владата за НОВА ТВ

ВМРО-ДПМНЕ секојдневно го прозива Рашковски за непотизам, бидејќи на повеќе функции поставил свои блиски луѓе.

-Повторно на дело се покажа непотизмот на владата предводена од СДС. Генералниот секретар на владата, Драги Рашковски ја поставил бабата за претседател на второстепена владина комисија. Елена Начевска која е мајка на Вероника Начевска, сопругата на Драги Рашковски е избрана за претседател на Комисијата за жалби, што покажува дека непотизмот во владата на Заев и СДС добива невидени размери, изјави денеска Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторска содржина (текстови и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top