недела, 19 ноември 2017 | Вести денес: 41 ново

Шапуриќ знаел англиски

Министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Зоран Шапуриќ се навредил што во текстот „Кадровски промашувања на Владата: Директори со средно, историчари се занимаваат со спорт, министри кои не знаат англиски“ сме го ставиле во ист кош со Самка Ибраимовски – дека и двајцата не знаат англиски, па за да се „одвреди“ го објавуваме во целост демантот што го испрати до нашата редакција, без никаква интервенција, дури и лекторска.

„На веб порталите на Курир и Република во написите со наслов ,,Кадровски промашувања на Владата: директори со средни, историчари кои се занимаваат со спорт, министри кои не знаат англиски”, помеѓу другите, се спомнува и името на министерот Зоран Шапуриќ. Во овие текстови е наведено дека проф. д-р Зоран Шапуриќ министер задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија, не го познава англискиот јазик, што НЕ Е ВИСТИНА, и претставува навреда за него.

Министерот проф. д-р Зоран Шапуриќ поседува неколку сертификати за познавање на англискиот јазик. Истиот има објавено преку 40 меѓународни научни трудови НА АНГЛИСКИ ЈАЗИК  кои се индексирани во бројни респектабилни научни бази, меѓу кои и 10 (десет) во најпрестижната Web of science, во која ретко кој од областа на општествени науки достигнал објавување на таква бројка на трудови.

Покрај горенаведеното, проф. д-р Зоран Шапуриќ, има учествувано на преку 50 (педесет) респектабилни меѓународни конференции, каде што како публика и сведоци имаат присуствувано бројни членови од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, што знае за тоа претходната Влада, која иако често пати го потенцираше значењето на Web of science, истата всушност нема појма што тоа претставува, бидејќи во неа, како и во целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, со чесни исклучоци, учествуваа т.н. “кецароши” со сомнително и спорно образование.

Помеѓу другото, министерот проф. д-р Зоран Шапуриќ е автор на бројни стратешки документи и законски прописи во земјите во регионот во рамки на меѓународни проекти.

Проф. д-р Зоран Шапуриќ има специјален престој во најдобро рангираниот универзитет во САД Харвард и во Велика Бротанија во Оксфорд, кој е меѓу првите 10 најдобро рангирани во светот.

Длабоко навлезени во 21-от век, ова може да се провери многу лесно, и тоа на веб страните на меѓународните научни бази каде се прикачени објавените научни трудови на проф. д-р Зоран Шапуриќ, а исто така ќе сретнете дека тој е со статус на “Рецезент”(ако знаете воопшто што тоа значи).

Соочени со падот на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, порталите Курир и Република по нарачка на ДПМНЕ пишуваат бројни лаги и невистини за министерот Шапуриќ и останатите членови на Владата на Р.М., која за мошне кус период достигна бројни видливи резултати.

Доколку Курир и Република не го објават ова соопштение/демант, и не се извинат за изнесените лаги и невистини, кои претставуваат навреда за Шапуриќ, ќе добијат соодветна тужба. Меѓутоа, како тужени нема да се јават новинарите кои по нарачка го напишале истото, имајќи го в предвид фактот дека веќе неколку месеци немаат добиено плата

Во иднива објавувајте исклуливо проверени факти!

Кабинет на министер проф. д-р Зоран Шапуриќ“.

Top