среда, 22 ноември 2017 | Вести денес: 36 ново

СИЕР: Измените на Законот за минимална плата отвораат можност за манипулација на штета на работниците

Во нашата држава всушност ниту имало ниту ќе има утврдена гарантирана минимална заработувачка за работикот за полно работно време, смета Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на РМ – СИЕР.

„Сè додека во законот стои терминот „нормиран учинок“ како услов за остварување минималната плата, тоа значи дека пред сè нема никаква гаранција дека работникот ќе ја добие минималната сума предвидена со законот, а исто така значи можност за манипулација од страна на работодавачите, што беше пракса и до сега“, стои во писменото сооптение испратено од СИЕР до медиумите сво врска со евентуалното усвојување на измените на Законот за минимална плата.

Од Синдикатот велат дека текстот на измените на законот усогласен во јавната расправа и потврден на Економско-социјалниот совет на 18.07.2017 од страна на трите социјални партнери не содржел „нормиран учинок“ во членот 2 од Законот.

„Затоа се прашуваме кој, зошто и во чие име ја додаде повторно оваа формулација? Такво нешто нема во регулативата за минимлна плата во нашето опкружување ниту во земјите-членки на ЕУ, ниту во другите (Словенија, Хрватска, Бугарија, Србија и т.н) Бараме Владата на РМ, односно пратениците кои се предлагачи на законот амандмански да интервенираат и да се исфрлат зборовите „нормиран учинок“ од членот 2 од Законот за минимална плата, односно Собранието да го прифати усогласениот текст на законот на Економско-социјалниот совет“.

Само на тој начин, смета Синдикатот, Македонија конечно ќе добие Закон за минимална плата кој гарантира дека работникот кој работи со полно работно време ќе ја добие, без условувања, злоупотреби и присила да работи подолго од полното работно време без дополнителен надомест.

Top