среда, 20 септември 2017 | Вести денес: 30 ново

Промоција на романот „Клада“ од унгарскиот писател Ѓерѓ Драгоман

Издавачката куќа „Готен“ организира промоцијата на романот „Клада“ од унгарскиот писател Ѓерѓ Драгоман, утре, вторник 12 септември, со почеток во 20.30 часот во „Кино Култура“. Промотор на изданието ќе биде Ермис Лафазановски.

„Клада“ е третиот роман на унгарскиот писател од поновата генерација Ѓерг Драгоман. Романот претставува возбудлива комбинација од роман за растењето и созревањето, историски роман и книга напишана во традицијата на магичниот реализам. Станува збор за напната приказна поставена врз фонот на револуционерните случувања при падот на комунизмот во источна Европа. Главниот лик е Ема, девојче спасено од дом за сираци од нејзината необична баба, која никогаш претходно не ја сретнала. Раскажан од перспектива на девојчето кое постепено станува девојка, „Клада“ изобилува со сцени кои како да се извадени од сон, спротивставени на сцените од грубата реалност на едно гратче од источна Европа.

Преводот од унгарски јазик е на Златко Панзов.

Ѓерѓ Драгоман (1973) е унгарски писател и преведувач. Роден е во Тиргу Муреш, Романија. Во 1988 година со семејството се преселува во Унгарија. Добитник е на бројни книжевни награди, меѓу кои наградата Шандор Броди.

Преводот и промоцијата на книгата се поддржани од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Top