понеделник, 25 септември 2017 | Вести денес: 43 ново

Колинда Грабар Китановиќ непријатно изненадена од блокадата на Унгарија за влез на Хрватска во ОЕЦД

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ изјави дека е „непријатно изненадена од ставот на Унгарија“, која го блокира влезот на Хрватска во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и оти ќе бара тоа прашање „малку подлабоко да го разгледа“ со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Таа тоа го изјави во интервју во емисијата „Точка на седмица“ на телевизијата Н1, кое беше емитувано денеска. Претседателката на Хрватска во интервјуто ги коментираше и односите со соседните држави.

– Сметам дека оваа арбитража (за граничниот спор меѓу Хрватска и Словенија) не би требала да го одредува словенечкиот став кон нас во однос на други прашања, од ОЕЦД до Шенген. Односите на Хрватска и Словенија во глобала се многу попозитивни, од ова прашање за кое постојано се зборува, рече таа.

Таа наведе дека повеќе од милион Словенци го посетуваат хрватското крајбрежје, а ист е случајот и со Унгарците.

Хрватската претседателка се осврна и на унгарската блокада на влегување на Хрватска во ОЕЦД.

– Непријатно сум изненадена од ставот на Унгарија и за тоа ќе разговарам со премиерот Орбан и претседателот Јанош Адер. Ќе го ставам тоа прашање на маса за подлабоко да го разгледаме. Постојат отворени проблеми, кои не се решаваат лесно, како ИНА МОЛ. Сметам дека постои начин како зрели демократски држави да пристапиме кон решавање на сето тоа, рече Грабар Китаровиќ.

Унгарското Министерство за надворешни работи во петокот соопшти дека Унгарија нема да го поддржи хрватското барање за членство во ОЕЦД поради односот на Загреб кон МОЛ и нејзиниот шеф Золт Хернади.

Претходно денеска словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец потврди дека Словенија во Париз ќе гласа против членството на Хрватска во ОЕЦД.

Таквата одлука, официјална Љубљана ја донела поради одбивањето на Хрватска да ја спроведе пресудата од Арбитражниот суд околу граничниот спор.

Одлуката на ОЕЦД за прием на нови членки се очекува кон крајот на септември.

ОЕЦД е основана во 1948 година како Организација за европска економска соработка. Основна улога на ОЕЦД е да прави обемни економски анализи за глобалните и микро-економските движења и да дава конкретни препораки и совети на своите членки и други земји.

Во Организацијата има 35 членки, едни од економски најразвиените во светот.

Top