понеделник, 11 декември 2017 | Вести денес: 108 ново

„Телеком“ го раскинува договорот, националната арена го враќа старото име „Филип Втори Македонски“?

Македонски Телеком предвреме го раскина договорот со Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од интерес на Република Македонија (АДСДП), за ребрендирање и именување на националната арена „Филип Втори Македонски“ во „Телеком Арена“, јавува Екипа.

Иако засега од АДСДП нема информација околу одлуката на „Телеком“, според информациите на порталот, по препорака директно на централата на „Телеком“ од Германија е изгласана одлука од страна на бордот на директори на Македонски Телеком за раскинување на договорот. Според информациите, Германците се силно револтирани поради непочитување во изминатите две и пол години на одредбите од меѓусебниот договор од македонската страна за соодветна покриеност и промоција на „Телеком“ на сите настани кои биле организирани на нашиот најголем стадион, како и несоодветно брендирање на националната арена.

Никогаш во јавноста не беше објавена висината на меѓусебниот договор, но сега Телеком, поради неисполнување на договорот од едната страна, иако неофицијално, ќе бара и рефундирање на дел од средствата кое претходно беа вложени за реконструкција на Арената.

По ова, нашиот најголем стадион повторно се враќа на своето претходно име „Филип Втори Македонски“, иако не е тајна дека добар дел повозрасни љубители на фудбалот, како и навивачи на најтрофејниот македонски клуб Вардар бараат и враќање на неговото прво име – Градски стадион Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top