недела, 19 ноември 2017 | Вести денес: 41 ново

Законот за употреба на јазиците врв на правна дрскост и правна некултура и уцена

Михајло Маневски

Со Законот за употреба на јазиците, како основа на Тиранската платформа, спротивно на Уставот се воведува двојазичност на целата територија на Република Македонија и се руши унитарниот карактер на државата, со што се ставаат темели за основање на трета албанска држава на Балканот на територијата на Република Македонија. Наспроти лажните ветувања за транспарентност и инклузија на Владата и широка расправа и консултација со граѓаните, невладините организации, друштва и здруженија при донесувањето на законите, се постапува сосема обратно.

Се настојува по секоја цена овој неуставен закон да се протури во правниот систем подмолно и таинствено. Во подготвување на Предлог-Законот за употреба на јазиците не е отворена никаква јавна расправа, не е обезбедено мислење од ниту една научна или стручна институција, не се обезбедени мислења од релевантни државни и научни институции, здруженија или други институции.

Ако за некој Закон требаше најширока јавна расправа, тоа беше овој Закон за употреба на јазиците. Никој нема ништо против да се унапредуваат правата на етничките заедници во рамките на Уставот, но не и надвор од Уставот. Вакви прашања не се решаваат набрзина, со уцена и со надгласување. Тоа се прашања за кои се бара да се постигне општ консензус, но за жал се тргна во обратна насока. Не се направи ниту обид јавно да се расправа. Законот долго време се држеше во тајност, со што се подигнаа тензиите во јавноста, бидејки целта е сосема јасна, да се протури закон на штета на државата и граѓаните спротивно на Уставот.

Бесрамно на овој закон Владата му стави европско знаменце, со цел да се ограничи расправата во Собранието, иако таков закон никогаш досега не бил, а ниту сега е услов за евроинтеграциите. Како алиби за сите смислени одбегнувања на јавност и расправа, на 7 дена пред пленарната седница на Собранието, овој закон формално е ставен на дневен ред на Комисијата за евроинтеграции, како да е тоа некој многу важен европски закон, што е голема невистина.

 

Нема уставна основа за спроведување на судска постапка на друг јазик

Како што нема Уставна основа за воведување двојазичност на целата територија на Република Македонија, немаат никаква Уставна основа одредбите од предложениот Закон за употреба на јазиците за  спроведување на судските постапки.

Употребата на јазикот при водењето на судските постапки е уредено со амандманот XXV на Уставот на Република Македонија од 7 декември 2005 година. Според точка 1 на овој амандман, постапката пред судовите се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.

Сите процесни закони со кои се уредува постапката пред судовите за различни видови спорови содржат одредби за употреба на јазикот на кој се води постапката. Употребата на јазикот во постапка пред судовите е уредено со Законот за кривичната постапка, Законот за парничната постапка, Законот за вонпарничната постапка, Законот за управните спорови, Законот за прекршоците, a во управната постапка со Законот за општата управна постапка и други процесни закони.

Наведени процесни закони се системски и се донесени после усвојувањето на уставните амандмани со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието, од кои најголемиот број во времето од 2008 до 2015 година.

Владата како предлагач на Законот за употреба на јазиците, според одредбите што се пропишуваат за водењето на судските постапки во целост ги прекршува одредбите за Уставното уредување на судскиот систем и водењето на судските постапки во Република Македонија.Тоа што се предвидува во Предлог-Законот за употреба на јазиците за водење на судските постапки нема никаква Уставна основа.

Според членот 9 ставот 1 од предложениот Закон, судските, управните, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, извршните постапки, предистражни и истражни постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и институции, се применува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Според ставот 2 на овој член, сите судски и обвинителски постапки наведени во ставот 1, се водaт на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

Во ставот 3 се пропишува дека сите одлуки, писмена и други акти кои произлегуваат од постапките од ставот 1 на овој член се донесуваат и издаваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

Со овој член се воведува:

1. Двојазичност во водењето на судските постапки, постапката пред јавните обвинителства и пред сите други органи и тела.

Тоа значи дека постапките пред судовите и јавните обвинителства, како и пред сите други органи и тела ќе се водат на двата јазици на Македонски јазик и неговото писмо и Албански јазик и неговото писмо, доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

2. Сите одлуки, писмена и други акти кои произлегуваат од судските постапки, постапката пред јавните обвинителства и пред сите други органи и тела се донесуваат и издаваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

Од овие одредби може да се заклучи дека водењето на судските постапки, постапката пред јавните обвинителства и пред сите други органи и тела и донесувањето и издавањето на судските одлуки на Македонски јазик и на Албански јазик и нивните писма ќе се спроведува според етничката припадност на судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката, ако  е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

Тоа значи дека доколку само едно од лицата кои учествуваат во судските и други постапки е етнички албанец во својство на судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката, постапките ќе се водат на македонски и на албански јазик и сите одлуки и писмена ќе се донесуваат и издаваат на македонски и на албански јазик.

 

Што значи ова од практичен аспект?

Ако на пример, се спроведува парнична постапка пред суд по поднесена тужба од еден тужител против 5 тужени лица, во која постапка има 3 адвокати како застапници на странките, еден судија и дваица судии поротници, 1 проценител, 2 вештаци и 20 сведоци или вкупно 35 лица, ако само едно од тие лица, на пример еден од тужените, судијата или судијата поротник, вештак или сведок е етнички Албанец, односно лице кое го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, постапката пред судот ќе се води на Македонски јазик и неговото писмо и на Албански јазик и неговото писмо и сите одлуки, писмена и други акти кои произлегуваат, се донесуваат и издаваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Тоа значи дека во таков случај мора да се водат два записника за главната расправа на Македонски јазик и на Албански јазик и на нивните писма, мора да има дваица записничари и дваица преведувачи кои ќе преведуваат од македонски на албански јазик и од албански на македонски јазик. Бидејки ќе се водат два записника на двата јазика, кој ќе го диктира записникот, кој записник е веродостоен, тој на Албански или на Македонски јазик?  Кој ќе го утврди тоа? Каква ќе биде постапкаата пред повисокиот суд во жалбена постапка? Нема одговор на ниту едно прашање.

Овој пример се однесува и на сите други судски постапки: кривични, прекршочни, вонпарнични,  управни спорови, управни постапки  и други постапки пред судовите и јавните обвинителства. Членот 9 од Предлог-Законт за употреба на јазиците е спротивен на Уставот.

 

Сите одредби во Законот за воденење на судските, предистражни и истражни постапки на јавниот обвинител се спротивни на Уставот

Одредбите од Законот за употреба на јазиците за судските постапки, предистражни и истражни постапки  на јавните обвинителства се спротивни на амандманот XXV и на Амандманот XXX на Уставот на РМ.

Според амандманoт XXV, постапката пред судовите се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, а според амандманoт XXX, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Сите процесни закони и Законот за јавното обвинителство се донесени со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници и сите содржат одредби за употреба на јазикот во постапката. Овие двотретински закони неможат да се изменуваат со Законот за употреба на јазиците, кој се донесува со мнозинсртво од најмалку 1/3 од присутните пратеници во Собранието (40 пратеници) и Бадинтерово мнозинство од присутните пратеници.

Според членот 8 од Законот за кривичната постапка донесен на 17 ноември 2010 година за кој гласале и пратениците на ДУИ, во кривичната постапка службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо. Друг службен јазик што го зборуваат најмалку 20%  од граѓаните и неговото писмо во постапката се користат во согласност со законот.

На никого во постапката не му е скратено правото да зборува на својот јазик. Со Законот се гарантира правото на обвинетиот, оштетениот, приватниот тужител, сведоците и другите учесници што зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот во постапката имаат право го употребуваат својот јазик и писмо и на сметка на државата се врши превод од овластен судски преведувач.

Освен тоа, со членот 10 се гарантира правото на граѓаните што зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот, поднесоците можат да ги поднесуваат на својот јазик и писмо, кои се преведуваат и се доставуваат до странките. Поканите, одлуките и другите писмени документи на граѓаните што зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот јазик ќе им се достават и на тој јазик.

Одредбите од Законот за кривичната постапка за употреба на јазикот во постапката соодветно се применуваат и во прекршочната постапка.

Законот за парничната постапка е донесен на 15 септември 2005 година, а значајни измени и дополнувања на Законот се донесени на 25 јули 2010 и на 22 јули 2015 година. За донесување на законите гласале и пратениците на ДУИ во Собранието.

Според членот 6 од Законот, парничната постапка се води на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Припадник на заедница кој како странка или друг учесник во постапката не го разбира и не го зборува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо има право на преведувач, а трошоците за преведувањето паѓаат на товар на судот. Судот е должен да ја поучи странката, односно учесникот во постапката за правото да говори на мајчиниот јазик и писмената да ги добива на својот јазик и писмо како што е предвидено во членот 6 ставовите 2 и 3 на законот. Претседателот на советот или судија поединец е должен да ги внесе во записникот поуката на судот и изјавата на странката, односно на другиот учесник во постапката.

Одредбите од Законот за парничната постапка за употреба на јазикот во постапката се однесуваат и на Законот за вонпарничната постапка, донесен исто така со двотретинско мнозинство на 18 јануари 2008 година.

Законот за управните спорови донесен на 17 ноември 2010 година со двотретинско мнозинство, во членот 7-а предвидува дека одредбите за јазикот на кој се води постапката во управните спорови, соодветно ќе се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка.

 

Постапка пред јавното обвинителство

Според амандман XXX на Уставот, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Законот за јавното обвинителство е донесен на 12 декември 2007 година и беше доставен на верификација на Венецијанската комисија.

Јавното обвинителство ја спровадува предистражната и истражната постапка. Според  членот 10 од овој Закон за ЈО, Јавниот обвинител во извршувањето на функцијата соодветно ги применува одредбите од Законот за кривичната постапка, што се однесуваат на употреба на јазикот во постапката.

Сите темелни закони што се однесуваат на судските постапки имаат целосна верификација на ЕУ. Според компаративните искуства, сите закони од областа на судските постапки и во сите држави содржат одредби за употреба на јазикот на кој се води постапката. Тоа е предвидено во членот 8 од Законот за кривичната постапка на Хрватска, во член 6 од Законот за кривичната постапка на Словенија, во параграфот 259 од Законот за кривичната постапка на Сојузна Република Германија и во многу други држави, и тоа не само за кривичната, туку и за сите други судски постапки.

 

Преодни одредби на Законот  за употреба на јазиците

Законот за употреба на јазиците формално нема преодни и завршни одредби. По својот карактер преодна одредба е членот 23 од Законот, во кој се пропишани роковите за исполнување обврски на повеќе субјекти кои треба да ги преземат, како што се: во рок од шест месеци сите органи и институции од членот 7 да ги променат називите на органите и институциите (таблите), како и печатите, и во рок од една година да ги донесат подзаконските акти.

Во ставот 4 се предвидува обврска за усогласување на одредбите од другите закони со Законот за употреба на јазиците. Сите други закони во рок од една година мора да се усогласат со овој закон.

Во ставот 5 се предвидува гаранција за примена на Законот, а имено во случај на неусогласеност на одредбите на овој закон со јазичните одредби на друг закон, органите се должни да ги применуваат одредбите од овој закон.!!?

Со ова одредба, на Законот за употреба на јазиците му се дава сила на закон над сите други закони и над Уставот. Тоа во суштина значи дека ако Собранисето во рок од една година не ги усогласи процесните закони донесени со двотретински мнозинство, по автоматизам ќе се применуваат одредбите од Законот за употреба на јазиците!!. Ова е невидена небулоза, бидејки на Закон донесен со 40 пратеници му се дава сила да дерогира закони донесени со двотретински мнозимсто. Ова е таа голема правна дрскост да се предвиди ваква небулозна одредба.

СДС и Зоран Заев прифаќаат сè, само да се одржат на власт. За Зоран Заев не важи ниту Устав, ниту закон. За одржување на власт по секоја цена, ги загрозува и крчми највиталните вредности на државата.

Ако Зоран Заев има барем елементарна доблест и се грижа за државните и националните интереси на Република Македонија ќе го повлече овој неуставен закон.

Што мислат молчаливите експерти, професорите кои ги предаваат судските постапки на правните факултети од кои во голем број учествувале при подготвување на процесните закони, што ќе им кажат на студентите, магистрантите и докторантите? Ќе им кажат ли дека двотретински закон може да се дерогира со закон донесен со 40 пратеници и ќе им објаснат ли дека тоа е елементарно кршење на Уставот. Ќе им објаснат ли за овие прашања на граѓаните? Ќе стапат ли во одбрана на уставноста и зако итоста во државата? Што чекаат?

Проф. Д-р Осман Кадриу смета дека неможат да се предвидат вакви одредби за судството и судските  постапки доколку не се извршат измени во Уставот на Република Македонија. Според него, ќе биде проблем применувањето на Законот за употреба на јазиците. Доколку не се усогласат сите закони со Законот за употреба на јазиците во конкретен период, повторно треба да се применуваат тие закони, а не Законот за употреба на јазиците, смета Д-р Осман Кадриу. Се надевам дека ќе се одважат и други експерти и ќе дадат свој стручен придонес.

Top