четврток, 21 септември 2017 | Вести денес: 91 ново

Демографска бомба

Доцент д-р Оливер Андонов

Лажачките на СДС или нивната безобразност во односот кон сопствената татковина и граѓаните немаат крај. Уште една од збирот на „наивности“ и „хуманости“ со кои треба да се урнат темелите на Македонската држава и „изработат“ граѓаните е приказната за бегалците. Наизглед многу бенигно прашање со оглед на претходното искуство кога низ државата поминаа што легално што илегално неколку стотици илјади мигранти, а за што поголемиот дел од граѓаните дознаваа преку медиумите. Да така беше, бенигно за поголемиот дел од населението и на поголемиот дел од територијата на Македонија, но благодарение на ангажманот на тогашната влада и безбедносните сили. И само луѓето од МВР и АРМ, како и оној дел од граѓаните и локалните самоуправи кои имаа директна средба со бегалците и кризата која ја предизвикаа знаат како во пракса изгледа тоа, а тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ знае колку ресурси и напор се вложи за да се зачува безбедноста на државата и граѓаните, вклучително и економската и здравствената и социјалната безбедност.

Тврдам дека и тогаш, како и сега имаше „добри понуди за Македонија“ од типот да примиме 30 илјади – 40 илјади бегалци и да ги вдомиме во Македонија, а за возврат „хуманите“ луѓе од странство ќе давале по 20 евра за бегалец дневно и што ќе било многу добро за македонската економија, односно нема да почувствуваме оптоварување. Да ама оптоварувањето ќе го почувствувавме подоцна. Бидејќи, во тоа време имавме свесна за овие опасности и одговорна влада на чело со Груевски и државни политики насочени кон заштита на националните интереси на Македонија и нејзините граѓани кои ги спроведуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ, оваа „убава“ непристојна понуда беше одбиена и се пристапи кон заштита на територијата на Република Македонија со сите можни механизми и методи на дејствување на безбедносните сили и државата во целост. Секако, притоа не беа заборавени и хуманиот однос кон сите оние кои како бегалци транзитираа низ териоторијата на Република Македонија.

За жал, и тогаш како и сега, СДС го користеше моментот на криза во сопствена полза не водејќи сметка за националните интереси на земјата и граѓаните. Сега СДС-то се обидува повторно на мала врата да ни ја протне нивната „Стратегија за бегалци“ за периодот 2017-2027. Ова е план за прифаќање на 200.000 бегалци од Блискиот Исток и незнам се од каде во период од 10 години. Тоа е план за создавање на демографска бомба во Република Македонија која е на штета на Македонските граѓани, а која токму сите ние иако е на наша штета ќе треба да ја финансираме со наши пари. Притоа, како впрочем и секогаш и секаде кога се во прашање уништувачките политики на СДС тие се обидуваат да ни фрлат прав во очите и да не дефокусираат од вистинскиот проблем. Затоа СДС никако да каже јавно дека оваа стратегија постои и е официјален документ на владата на Заев, подготвен од Царовска и збирштината на нивни таканаречени НВО. Истата е „образложена“ на 57 страни текст и Акционен план на уште 30-тина страници. Доколку вака обемната стратегија за која СДС вели дека час постои час не постои, а час е всушност стратегија предложена од ВМРО-ДПМНЕ (да се утепа човек од смеење да не е жалосно и трагично), а која изобилува со детали и е доставена до Собранието на Р.Македонија за комисиско разгледување е непостоечки документ, тогаш сите ние кои го видовме документот изворно и учествувавме на јавна расправа за истиот (тука ги вклучувам и пратениците на СДС, заменик министерот за Труд и социјална политика, претставниците на министерството, локалната самоуправа и особено невладините на СДС-то), живееме во илузија дека сме гледале, читале, расправале и слушале за нешто што не постои. Бравос за Заев (алијас Црпко) и целото СДС со се нивните саботерски невладини. Успеаа да не внесат во имагинарен свет или да не замајуваат во целост сите во Македонија. И повторно да се запрашаме: „Каква е оваа влада на СДС која си ги мами и замајува сопствените граѓани и за чии интереси таа работи“?

Сепак, и покрај обидот на една арогантна и невоспитана госпоѓица од таканаречените невладини на СДС, со поддршка на „свезнајката“ Шехпаска-пратеничка од СДС-то и „независната“ Туфегџиќ која постојано е загрозена од некого и „нешто“, да ја дезавуираат јавната расправа во Собранието, таа се одржа во неколку продолженија и ги испрати алармантните пораки до Македонските граѓани дека нашата држава се насочува кон самоуништување преку демографски дисбаланс со силни економски, социјални и безбедносни импликации што ќе предизвика несогледиви штети.

Покрај тие пораки неопходно е во интерес на согледување на ризиците и заканите кои ни ги носи оваа антидржавна стратегија на СДС-то со се Акциониот план што претставува оперативна активност за нејзино спроведување, а во кој нема ниту збор за финансиските импликации од оваа антидржавна авантура на СДС-то, потребно е да го знаеме и следново:

1.Државите од Европската унија вршат репатриација (враќање) на бегалците во Грција, бидејќи Турција не сака да ги прими.

2.Грција е земја членка на ЕУ и останатите држави од Унијата имаат обврска да и помогнат, во спротивно Грција преку механизмите во Унијата ќе блокира многу клучни прашања.

3.Во оваа игра на политика и се останато, очигледно е дека решението е пронајдено да голем дел (200.000) од бегалците се вратат преку Грција во Македонија, за што владата на СДС се согласила.

4.Ова населување веќе во 2027 година, а и порано ќе ја измени демографската слика во Македонија и мнозинството Македонци ќе стане малцинство во сопствената држава.

5.Оваа демографска промена нема да го засили чувството на припадност и инклузивност на бегалците кон Македонија, колку и да се обидува тоа да ни го објасни Царовска во нејзината црпната стратегија. Искуствата и научните истражувања покажуваат дека оваа категорија луѓе поради многу социјални, економски, религиски и други аспекти остануваат гетоизирани.

6.Ќе се зголемат безбедносните ризици и закани и ќе се отежни, а некаде и потполно оневозможи контролата на територијата и лицата кои влегуваат и се населуваат во Македонија.

7.Кон реализација на сето ова ќе придонесат плановите на СДС-то предвидени во оваа Стратегија за потполна либерализација на законите за добивање државјанство и статус на бегалец и азилант, како за поединци така и за нивните семејства (по принципот „еден оди – десет води“).

На крајот сакам да ги прашам овие од СДС-то. Кога мислите да им ја кажете вистината на Македонските граѓани за оваа погубна Стратегија и колку тоа ќе не чини во секој поглед економски, социјален, безбедносен, политички – сега и во иднина? Дали повторно како и многупати ќе излажете со надеж дека ќе ве заштитат вашите таканаречени „демократски ем хумани“ пријатели бидејќи вие сте ИН и им угодувате на своите ментори? Каде мислите да ви раснат и живеат вашите деца или тоа ви е веќе решена работа, ќе заминете во некоја друга држава, бидејќи самите си кажавте дека не ви личи да сте патриоти, а по се изгледа дека сте и апатриди?

Дојде животот нели. Дали сега е јасно почитувани граѓани на Македонија со кого си имаме работа и каков живот ни носи црпнатата влада на СДС и Заев (познат како Црпко)?

 

Top