четврток, 21 септември 2017 | Вести денес: 91 ново

Катастар 2034 или Катастар 1990

Славчо Трпевски, поранешен директор на Катастар

На ХХ-тиот Конгрес на FIG (Меѓународно здружение на геодети од целиот свет) кој се одржал во 1994 година во Мелбурн Австралија, се формирала работна група да направи анализа и изработи визија за тоа каде катастарските системи може или би требало да бидат за дваесет години.

Мисијата на работната група била именувана како “Визија за Катастар 2014” за да се нагласи задачата за создавање на визија за тоа како катастрите би можеле да функционираат и изгледаат дваесет години после 1994 година.

Работната група ја раководел г-дин Јург Кауфман со неговиот секретар, Даниел Штоидлер, која заедно со уште 40 експерти од 26 земји од областа на катастарот и правото ширум целиот свет го создадоа документот „КАТАСАТАР 2014 – Визија за идниот катастарски систем“.

Во документот има сеопфатна анализа за постоечките катастарски системи, нивните слаби и јаки страни и мноштво на други податоци и информации, а секој заинтересиран овој документ во целост може истиот да го превземе од веб страната на FIG http://www.fig.net/resources/publications/figpub/cadastre2014/translation/c2014-macedonian.pdf.

Документот КАТАСАТАР 2014 – Визија за идниот катастарски систем“ нуди шест заклучоци за развојот на катастрите до 2014 година  и тоа се:

  1. Катастарот во 2014 ќе ја покаже севкупната правна ситуација врз земјиштето вклучително и сите јавни права и ограничувања;
  2. Во 2014 Катастрите нема веќе да бидат поделени на картографски и Регистри благодарение на технологијата;
  3. Во 2014 година Катастарското картирање е дел од минатото иднината лежи во моделирањето;
  4.  Во 2014 година Катастарот со пенкало и хартија е минато, дигиталниот катастар е иднината
  5. Во 2014 година Јавниот и приватниот сектор ќе работат заедно, јавниот ќе се сконцентрира на контрола и надзор над приватниот сектор;
  6. Катастар 2014 ќе овозможи поврат на трошоците во инвестициите.

Агенцијата за катастар на недвижности изминатите 10 години со макотрпна работа во целост ги имплементираше сите заклучоци, односно денес  во катастарот се запишуваат сите права но и играничувања на земјиштето, објектите и инфрастуктурните објекти (заклучок бр.1), Македонскиот катастар е една од ретките катастарски институции каде што има комплетна хармонизација на алфанумеричите и графичите податоци на катастарот на недвижности (заклучок бр.2), со дигитализацијата на катастарските планови веќе нема картирање на аналогите планови целокупниот процес од купување на податоци, изработка на дигитален геодетски елаборат, проверка на истиот и негово спроведување е во дигитална околина(заклучок бр.3), со Електронскиот катастар и ЕРП и ДМС системите во катастарот употребата на пенкалото е заменето со Електронски потпис(заклучок бр.4), во Република Македонија егзистираат 140 геодетски фирми кои се задолжени за теренските геодетски работи додека катастарот е сконцентриран на контрола и надзор над истите и покривање на уставната компонента за заштита на социјалните категории на граѓани (заклучок бр.5) и катастарот е непрофитна институција сите приходи по пооделни категории мора да бидат во висина на реалните трошоци кои ги има катастарот(заклучок бр.6).

Со оглед дека 2014 година е позади нас, FIG (Меѓународно здружение на геодети од целиот свет), формираше 10 работни групи кои неуморно работат за го проектираат идниот мултифункционален модел на катастарските системи до 2034 година.

Тоа е светот, но каде сме ние? Во програмата на Владата на Република Македонија во делот на катастарот име предвидено донесување на Закон за геодетска дејност, Адресен регистар, намалување на цените на катастарот и изготвување на  Регистерот на просторни податоци.

Како што бива пред избори спротивно на членот 8-а од Изборниот Закон,  спротивно на членот 11 од Законот за спречување на корупција, Владата предводена од СДС се фати за намалување на цените на катастарот од една страна а од друга страна замаглено преку поимите воведување на пазарна конкуренција најави драстично зголемување на цените на геодетските елаборати на приватните геодетски компании. Најавени се намалувања на повеќе производи на катастарот но како најголемо се најавува 100% укинување на трошоците кога странката била одбиена и по вторпат ќе поднесе барање во катастарот.

Цените на катастарот во никој случај не смеат да зависат од дневната политика туку исклучиво од трошоците кои катастарот ги има за секој производ пооделно и приходите кои истиот ги има во текот на годината (заклучок број 6). Од 2007 па до 2014 година имаше вкупно 3 големи намалувања на цените на катастарот и тоа во 2007 со Регулаторната гилотиња се намалија за 50%, во 2010 поедини производи се намалија од 10 до 72 % и во 2014 година сите производи што се издаваат во дигитална форма се намалија за 19%.

Во 2017 година благодарение на кризата предизвикана од СДС како севкупната економија така и катастарот се соочува со сериозни проблеми со остварувањето на приходите. Приходите на катастарот директно зависат од пазарот на недвижности во Република Македонија. Согласно последниот извештај од Регистарот на цени на недвижности кој е јавно објавен може да види дека пазарот на недвижности е паднат во споредба со истиот период лани за 52% а со тоа и приходите на катастарот  се драстично намалени. Намалувањето на цените на катастарот во услови кога приходите се мали е почеток кон банкрот на катастарот кој ќе оди постепено бидејќи благодарение на досегашното домаќинско работење, катастарот има и резерви, но веќе со почетокот на наредната година ќе се појават и проблемите кога  нема да можат да се одржуваат системите или да се обезбедат плати за вработените.

Ајде конкнретно, 100% намалување на цената во случај кога по втор пат се поднесува исто барање. Агенцијата за катастар на недвижности годишно прима преку 1,2 милиони предмети а одбиени предмети има помалку од 10%. Значи мерката се однесува на помалку од 10% од вкупно примените предмети. Понатаму, од овие 10%  сите одбиени премети кои се по вина на катастарот  надоместокот за нивно повторно поднесување е 0, да драги мои е надоместокот е 0 денари. Во Електронскиот катастар односно Електронскиот шалтер за вакви случаи предвидена е можноста за поднесување “врска предмет“ односно барање кое се поврзува со предходното одбиено барање и надоместокот за така поднесеното барање е 0 денари. Проценка е дека ваков тип на барања се 5% од вкупниот број на одбиени барања. Значи ни остануваат 5% за кои странките (нотарите, геодетските фирми, општините) згрешиле и мора да поднесат повторно барање.

Со цел дополнително намалување на бројот на одбиени барања, на почетокот од оваа 2017 година се имплементираше надградба на електронскиот шалтер, согласно која референтот кој го решава предметот кога ќе констатира недоследности во самиот предмет должен е електронски да ја повика странката во рок од 24 часа да ги отстрани грешките. Ваквиот начин на работа овозможи дополнително намалување на бројот на одбиени предмети за 2%, што значи бројот на одбиени предмети се намали на 3%.  За да се има целосна контрола дали референтите правилно и во целост ја спроведуваат оваа мерка, се започна со надградба на електронскиот катастар со која секој премет мора да биде електронски проверен и потпишан од страна на непосредниот раководител, мерка која треба да оневозможи евентуална злоупотреба на службената положба и овластување од страна на референтите и мерка која треба да оневозможи неосновано одбивање на предмети. Заклучно со месец јули надградбата е направена и се очекува одобрување од новото раководство на катастарот.

Значи од тоа дали е подобро да се спречи одбивањето на предмети или да се лечи, минатото раководство одлучи да се спречи и превзема низа на мерки кои доведуваат да странката со едно доаѓање, 24 часовна корекција доколку е потребна во барањето и контрола над службените лица кои го решаваат предметот, одбиените предмети да се сведат на минимум. Владата на СДС се одлучи минималниот број на одбиени предмети да ги прикаже како огромно намалување на цените на катастарот и да ги тера луѓето повторно да доаѓаат во катастарот и бесплатно да поднесуваат барања  притоа изложувајќи ги на дополнителни трошоци и доополнително време за решавање на нивното барање.

Под плаштот на намалување на цените во катастарот, под плаштот на либерализација на цените на услугите што ги имаат приватните геодетски фирми, Владата на СДС најави драстично покачување на цените кои ги наплаќаат приватните геодетски фирми. Имено, моменталното законско решение предвидува максимален износ на надоместок на кој имаат право да го наплатат приватните геодетски фирми со можност за 50% намалување на цените. Новото законско решение кое беше промовирано предвидува максималните цени да станат минимални цени додека максимални цени да нема. Ваквото законско решение, во услови кога имаме мал број на геодетски фими (во Хрватска со 4 милиони жители има преку 700 геодетски компании додека Македонија со 2 милиони жители има 140 геодетски фирми) и кога максималната цена е минимална на која ќе се надградуваат цените неминовно доаѓа до драстично зголемување на цените кои ќе паднат на товар на граѓаните.

Цените кај геодетските фирми се формираат со методологија која ги вклучува нивните реални трошоци за секој производ поеднечно плус во сегашната цена е вклучена и 20% заработка. Доколку се донесе ова законско решение тогаш заработката на геодетските фирми ќе биде и повеќе од 50, 70% што го нема во ниедна друга професија и што ќе падне директно на товар на  граѓаните и бизнис заедницата. Ако знаеме дека преку 200.000 елаборати за легализација сеуште не се изготвени, најавата за продолжување на рокот за легализација за 1 година, како и законската обвркса на имателите на инфраструктурни објекти до 2019 година да изработат геодетски елаборати за своите инфраструктури тогаш јасен е заклучокот дека Владата на СДС не работи во интерес на граѓаните туку во интерес на сопствените бизнис интереси.

Сосема на крај но нималку незначајно е еден од Владините приоритети е и носење на Законот за геодетска дејност. Закон за основите на геодетска дејност од интерес на целата земја имаше и истиот беше донесен во 1990 година од Сојузното Собрание на СФРЈ и објавен во Службен лист на СФРЈ број 63/90. Под покровителство на Светска банка, експерска помош од развиените европски катастри овој закон беше укинат  и донесен нов  Законот за катстар на недвижности во 2008 година во кој се регулира и геодетската дејност во Република Македонија. Во 21 век кога сите светски умови неуморно работат на Визијата каков катастарот ќе биде во 2034 година, Властите во Република Македонија, наместо 20 години нананпред размислуваат како Катастарот да го вратат 27 години наназад.

На кого му е потребно најдобриот катастарски ситем во Регионот, 10 ти во Европа и 16 ти во Светот по извештајот на Светска банка за 2017 година, да го врати 27 години наназад, стварно е нејасно, ако не се знае во ред е да се праша посебно што два проекти во катастарот за градење на капацитети се во тек од двата најдобри катастри во светот, ако не се праша тогаш е јасно дека се работи за бизнис интереси со други зборови тоа е СДС кога е на власт.

Top