четврток, 21 септември 2017 | Вести денес: 91 ново

Политиката на Заев е само празно „Урраааа!”

„Успесите” на Заев и на неговата марионетска влада всушност се најужасни неуспеси и трагедија за Република Македонија и за македонскиот народ.

Алдо Климан

Едно е да се вика „Урраааа!!!” – да се бунтува народот, да се урива и да се пласка боја по ѕидовите – а нешто сосема друго е да се има конкретна општествено-политичка идеја, па и дефинирана идеологија. Затоа е сосема логично, особено гледано од најмрачното дно на оваа денешна општонационална агонија во која Зоран Заев ги фрли македонскиот народ и Република Македонија, да се запрашаме кои се всушност неговите општествено-политички идеи и цели, и дали воопшто ги има?

Со оглед на тоа што, освен неговото „Урраааа!!!” – на пошироката јавност, или поточно, апсолутно никому не му е јасен ниту познат неговиот идеолошко-политички концепт, пред се’ за општеството како феномен, и посебно концептот на нашето македонско општество, како впрочем и тоа дали тој воопшто и има некаков концепт за тие најважни нешта за животот на една заедница, ќе се обидеме на ова место низ некои конкретни прашања неговите тнр. „идеи” да ги разбереме врз основа на неговите „постапки”, зашто на располагање го имаме само тоа – неговото дејствување, т.е. немаме никаков негов (ниту од неговите соработници) политички манифест, никаква негова оригинална социолошка или филозофска студија или расправа, никаков негов научно презентиран став и проекција на општеството како највисок цивилизациски степен на социјално организирање на човекот, туку само настапување од случај до случај, и „ај да видиме што ќе испадне”. А секој, па и најобичниот наш човек знае дека општеството не е велосипетче со три тркалца, туку најсериозна и најсложена организација на човечкиот род, и се темели врз илјадници и илјадници години длабоки филозофски размислувања и научни и теоретски проучувања и проекции од сите аспекти и во сите насоки. Благодарение на таа научна мисла општеството и цивилизацијата постојано одеа и се искачуваа по угорни патеки се’ до денешниот ден, а и денес, и особено денес, без тој научен супорт се апсолутно незамисливи опстојувањето и прогресот на сите најреспектабилно организирани држави во светот. Така беше и со Македонија на нејзиниот долг, мачен и тегобен историски пат се’ до целосно остварената независност и државност.

Основно прашање заради кое ние како граѓани му искажуваме доверба и застануваме зад некој политички лидер, како и зад неговиот општествено-политички проект е тоа да сме добро запознаени со неговата теоретско-политичка мисла или со неговото политички целосно освестено и транспарентно презентирано уверување, за да не се најдеме во ситуација да одиме како слепци по некојси болен авантурист и импровизатор што ќе не’ одвлечка во бездна. Затоа прашувам: која е (личната или барем преземена) теоретско-политичка мисла и идеја-водилка на Зоран Заев? Или сето тоа е само најобична импровизација и авантура?!

Бидејќи тој се декларирал како социјалдемократ, прашувам за сите кои му веруваат и кои се негови „следбеници”, а тоа значи дека ова и на нив се однесува, врз кој вид социјална демократија се потпира неговото видување на македонската општествена стварност? Дали неговата идеја-водилка произлегува директно од учењето на Маркс и Енгелс и раните марксисти? Дали можеби повеќе се „напојувал” врз радикалните револуционерни идеи на Владимир Илич Ленин и Лав Троцки или му се поблиски подемократските парламентарни концепти на марксистичкиот ренегат Карл Кауцки? Дали воопшто Заев учел од општествено-политичките погледи и практики на балканските и особено на нашите македонски револуционери и од нивната социјална мисла од крајот на 19 и почетокот на 20 век? Или пак модерната социјална демократија на Заев ги прескокнува сите тие долги и важни фази и директно се надоврзува на социјалистичките и комунистички идеи на југословенската и македонска левица меѓу двете светски војни, или пак е израз на прифаќање и задржување на концептите на Јосип Броз Тито и на повоената комунистичка практика? Или можеби идејно/идеолошко-политичката левичарска матрица Заев едноставно ја побарал некаде подалеку, во Латинска Америка, во Африка или на Далечниот Исток, во Кина, или пак по пат на баналното copy-paste само механички ја презел формулата на европската социјалдемократија, па што и да значи тоа? Или, пак, е во прашање сето тоа заедно во една идеолошко-политичка турли-тава?!

За жал, „социјалдемократските идеи” на Зоран Заев не се потпираат ниту врз некаква негова оригинална, ниту врз никаква и ничија преземена научно-теоретска мисла, дури не се ни таа идеолошко-политичка турли-тава, туку претставуваат само „Урраааа!!!” и најбедна гола (секој)дневна импровизација и сплет од разни физички и политичко-политикантски околности и дејствувања, всушност една шупелка од трска низ која сосема немушто шишти само тотален идеолошко-политички и секаков друг аналфабетизам, дилетантизам и какофонија.

Во деведесеттите години, со доаѓањето на демократијата и повеќепартискиот систем, македонската политичка практика, како впрочем и политичката практика во другите бивши држави на СФРЈ, како да остана без актуелна, ажурирана научна, социолошка и филозофска поддршка, како нов темел за разбирање на најновите општествени феномени. Истовремено, демократијата е сфатена крајно буквално: секој лесно и едноставно можеше да стане политичар, само да влезе во некоја партија, да се кандидира и да биде избран во некое јавно тело, од најниските локални до највисоките државни функции. (Која мајка го загубила детето нека си го побара во политиката!). И тоа, за жал, по инерција трае веќе 26 години. Нагло препуштени на себе самите по распаѓањето на претходниот еднопартиски, комунистички систем, се снаоѓавме како што знаевме, но очигледно не баш најдобро, и еве не’ тука каде што сме сега.

Десните политички опции кои во новите, постјугословенски услови и во Македонија имаа можност да се појават и да се искажат во јавниот живот, лесно можеа да се потпрат врз големите, сродни, апсолутно живи десни идеолошко-политички и економски практики во Европа и во светот, како и врз оние далеку поскромни искуства на таа трага од нашата подалечна национална политичка историја. И тие тоа и го направија мошне успешно.

Но левицата во таа смисла имаше многу повеќе проблеми. Пред се’ тука беше и сеуште е присутна стигмата на комунизмот од кој најтврдокорните комунисти ниту се срамеа ниту пак од него се откажуваа, додека другите како муви без глави бегаа од каква и да е идентификација со тоа и такво политичко минато. Па се појавија, а и сега ги има, и оние што не се ниту ваму ниту таму, туку имаат само некакви аморфни активистички и левичарски чувства што ги сметаат за свои идеи, поради што постојано се приклонуваат секаде каде што ќе им се укаже буквата Л.

За оние што се бараа себеси во левиот спектар, најсреќно пронајдено терминолошко решение беше поимот социјалдемократија, временски предалеку од изворните но исто така стигматизирани марксистички значења и вредности на тој поим, а блиску до современите европски видови организирана социјалдемократија. Но на ова место треба да се каже дека и севкупната западноевропска социјалдемократија денес е сепак директна или индиректна наследничка на пропаднатите и трансформирани комунистички партии во западноевропските земји (Италија, Франција, Шпанија), а со неа се случи нешто мошне чудно: едно спонатно доближување, и речиси целосно слижување со филозофијата на неолибералниот капитализам, но сепак како некаков негов божемен модерен, политички лев, социјално праведен, граѓански етички коректив, што, всушност, само малку подлабински гледано е contradictio in adjecto (спротивност во самото себеси). Разбирливо, таа нова европска социјалдемократија временски се појави пред социјалдемократските партии во посткоминистичките земјите, па речиси сите од неа (и тоа најчесто сосема некритички) го преземаа основниот урнек со гореспомантите парадоксални карактеристки и аномалии, а со нив и македонската социјалдемократија која, пак, со големата (не)морална црна дупка што во самата нејзина идејно-политичка срж хистерично ја издлабија Заев и неговата партиска врхушка, како и со целосно нарушениот изворен социјалдемократски емотивитет, сосема го загуби патот, се загуби себеси, и во суштинска смисла практично не постои.

Се враќам сега на Зоран Заев. Она во што тој е најдобар и поседува своевиден, јас би го нарекол, „примитивен интуитивен систем”, тоа е неговото „Урраааа!!!” Се’ друго се само глупости, незнаење, импровизации и лаги. Со тоа свое „Урраааа!!!” тој во спомнатиот неолиберален ќорсокак сериозно го заглави оној не баш мал дел од македонскиот народ на кој му се блиски чисто левите општествени идеи, а со тоа, истовремено, во мрачно меѓународно менгеме ја стисна и Република Македонија. Се разбира, прашањето што се тоа леви идеи денес – тоа е посебна тема, зашто нејзиниот распон се протега од познатите традиционални идеолошко-политички матрици па се’ до најразлични радикални, наднационални, надграѓански, па и квази-хумани и какви се’ не социопатски и шарени движења и манифестации на општествената свест. Неолиберализмот, пак, т.е. неолибералниот капитализам, е сосема легитимен општествено-политичко-економски концепт во Европа и во светот, но тој му е крајно и смртно спротивен на изворниот концепт и на самиот поим на социјалната демократија. Во тоа се состои и сета измама на Зоран Заев: тој македонската (социјалдемократска) левица вешто ја превесла и под божемен лев предзнак и превез ја одвлечка во инфериорна позиција на десното неолиберално крило, без таа воопшто да го почувствува и да го сфати тоа.

Но иако токму таа голема измама ги овозможи и сите негови натамошни политички дисфункционални комбинации, валкани шпекулации и длабински заговор со разни странски фактори, неговите апсолутно и национално и идеолошко-политички неприродни коалиции само заради коалиции и заради искачување на власт, и нанесување непоправливи штети за Република Македонија и за македонскиот народ – во најважниот, највиталниот, стопански сегмент на општеството, тој заевски апсурден (дрвено-метален) лево-десен хибрид, тој социо-економски монструм никако не може и нема да може да функционира и да опстане: не можеш за потребите на ненаквиси „шарени револуции” и за брзинско изборно мамење и навлекување на своите политички „следбеници”, во преден план да им ја подметнуваш непостоечката и неодржлива соцреалистичка планска економија, што тој сега настојува (краткорочно) да го прави со финансиски средства затечени во буџетот, како и со нови задолжувања на државата, а притоа целосно да не ги изиграш и да не ги поништиш општопознатите законитости на либералната економија и слободниот пазар, за што е определена Македонија и што, впрочем, е основната социо-економска ориентација на ЕУ кон која тежнееме и чии услови за прием треба да ги исполниме и во тоа важно поглавје. (Мошне илустративен пример на заевскиот економско-политички примитивизам е ступидната одлука, од типот на кинеската Културна револуција, со која се забранува државата да се рекламира во приватните медиуми, туку само на јавната телевизија! – што е повеќе смешно одошто тажно). Сето тоа произлегува од невиденото политичко лудило и најдлабокиот дилетантизам на Зоран Заев „на кој му се случи (шарен) народ” и тиранска коалиција и кој затоа мисли дека е можно се’ што нему и онака како што нему ќе му текне. Меѓутоа, економијата и нејзините закони и законитости го држат и го движат светот, а не некој таков месечарски активистички или социопатски инает како неговиот.

Но, само да се присетиме: токму тој и таков, аморален и безидеен, фатен во дебел криминал, поткуплив и лесно изложен на уцени Заев им требаше на НАТО и на Европската Заедница за да можат до крај да ги реализираат своите планови за конечно преземење и целосно покорување на Македонија како дел од последните непреземени и непокорени останки од комунистичкиот балкански гео-политички комплекс, т.е. со предавство по предавство на сопствениот народ и на сопствената држава од негова страна да се отклонат сите измислени формални пречки кон соседите, Грција, Бугарија и Албанија, кои имаат различни, но сите до еден, јасни освојувачки аспирации кон Република Македонија. ЕУ и НАТО, и особено НАТО стрпливо бараа токму таков свој конспирант, извршител и предавник, и го најдоа Зоран Заев.

И еве ни го сега Заев во неговата вистинска светлина: идеолошко-политички сосема празен и безначаен, дури здодевен, и без дефиниран или барем превземен нечиј вистински социјалдемократски, или каков и да е друг концепт за сегашноста и иднината на македонското општество, но со проверено и потврдено криминално минато и кримогена сегашност. Така ни преостана само „читањето” на Заев (од непостоечкото теоретско) да го префрлиме исклучиво на планот на неговото секојдневно практично дејствување и „трчање” во разни насоки. Она „Урраааа!!!” и апсурдната и шарлатанска „шарена револуција”, извршениот државен удар во Собранието на 27 април 2017 година, како и инсталирањето на неговата марионетска влада добро ни се познати. Да видиме што прави сега „социјалдемократот” Зоран Заев.

Како хистеричен практичар тој веднаш бесно се нафрли на она што најдобро знае да го прави – на физичко запоседнување на власта од клучните артерии до последното капиларче во државата, т.е. на брза брзинка изврши, главно со незаконски методи, комплетна безумна и бескрупулозна партизација на општеството, а тој процес сега, пред претстојните локални избори, настојува „успешно” да го приведе кон крај. Не верувам дека обичниот чесен македонски човек со леви уверенија, заинтересиран за вистински квалитетни општествени промени во Македонија, воопшто и помислувал дека ќе се случи ова безобѕирно партизациско лудило. ЕУ, пак, и непосредните протектори на Заев, Хан, Бејли и компанија, и покрај патемни повремени предупредувања, тоа однесување му го толерираат затоа што сеуште не се доведени до крај процесите на целосно потчинување на РМ, за што им служи и им слугува Зоран Заев. Тоа што на (за нив) „ситно-внатрешнополитичкиот план” се случува во Македонија нив многу-многу не ги тангира, се’ додека не се прелие чашата. А при еден вака голем и скапоцен залак како што е Република Македонија нивниот праг на толеранција е многу висок.

Безидејното дејствување на Заев на внатрешнополитичкиот план се одвива исклучиво низ евтини популистички постапки и ветувања од кои не само што досега не видовме ништо, туку и нема да има ништо, или ќе успее да има само „нешто” набрзинка и краткорочно до изборите и до новото „потенцијално” завземање на локалната власт низ општините и градовите во Македонија, на што, како што и самиот вели, „се надева”. Тоа дека „се надева” кажува многу, зашто очигледно и самиот станува свесен оти веќе сосема го исцрпил потенцијалот на сите свои внатрешни и надворешни адути за натамошни спектакуларни манипулации, и неговиот политички балон полека но сигурно се истишува.

Да заклучиме:

„Успесите” на Зоран Заев и на неговата квислиншка влада всушност се ужасни неуспеси и трагедија за Република Македонија и за македонскиот народ.

Непогрешливо „мерило” за тие „успеси” на Заев и на неговата клика во меѓународната политика е тоа колку го имаат пофалено и тапкано по рамо Федерика Могерини, Јоханес Хан, Џес Бејли, Бојко Борисов, Никос Коѕиас, Еди Рама, Самуел Жбогар, Кристиан Тимоние, Метју Нимиц и други надворешни „фактори” за неговата голема „пресретливост” и подлизурковска, предавничка сервилност во остварувањето на нивните идеи за тотално потчинување и разнебитување на Република Македонија и на македонскиот народ. А тие, се разбира, апсолутно се презадоволни од неговиот неограничен колаборационизам и предавништво, па одвреме-навреме се препуштаат на тие охрабрувачки тапкања.

Непогрешливото „мерило” за „успесите” на Заев во внатрешната политика, пак, е тоа до која мера и со која брзина ги исполнува безобѕирните услови над „црвената линија” од Тиранската платформа, т.е. до која мера и без задршка и двоумење ги реализира уценувачките барања на неговите големоалбански коалициски парнери што го држат на власт. А тој тоа го прави со светлосна брзина и, исто како и во надворешната „политика”, сосема на своја рака, нанесувајќи и’ трајни штети на Република Македонија.

Прашање 1: Кој е среќен од наворешната политика на Заев?

Среќни се Европската Заедница, НАТО, Република Бугарија, Република Албанија и Република Грција.

Прашање 2: Кој е среќен од внатрешната политика на Зоран Заев?

Среќни се носителите и промоторите на големоалбанската политика во Република Македонија, што брзински си ги остваруваат целите за нејзино редефинирање и претворање во двонационална држава.

Прашање 3: Кој е несреќен од „успесите” на надворешната и внатрешната „политика” на Зоран Заев и на неговите големоалбански коалициски партнери?

Несреќен е, допрва ќе биде уште понесреќен, а на крајот ќе биде трајно унесреќен македонскиот народ.

Top