недела, 17 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

Градоначалникот Трајановски на увид, Во Бутел се пробива нов булевар (Фото)

Изградбата на првата фаза на новиот булевар во Бутел „Христијан Тодоровски Карпош“ е во завршна фаза и истиот треба да е готов до крајот на оваа година. За текот на градежните работи на првата фаза од изградбата на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ увид на терен извршија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Бутел, Петре Латиновски.

–  Овој капитален проект е од исклучителна важност бидејќи со неговата целосна реализација, која ќе следува во втората фаза, ќе се добие поврзувањето со заобиколницата и ќе се добие нова сообраќајна алтернатива за неколку десетици илјади граѓани. За потсетување, во моментов единствената сообраќајна опција за поврзување со централниот дел од Скопје на неколку десетици илјади жители од Бутел, Радишани, Љубанци, Љуботен, Чучер-Сандево и многу други населени места е улицата „Бутелска“, која нема капацитет да го собере целиот сообраќај и на истата се создава голем сообраќаен метеж. Со изградбата на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ ќе се добие уште едно современо и модерно сообраќајно решение, со што значително ќе се подобри безбедноста и поврзаноста во овој дел во Скопје, кажа градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот на Општина Бутел Латиновски, изјави дека со изградбата на овој булевар трајно ќе се надминат проблемите со сообраќајниот метеж кои што се создава во населбата Бутел.

– Ова е само еден од многуте проекти коишто се реализираат на територијата на Општина Бутел, со што значајно се промени ликот на нашата општина. Изградбата на овој булевар, како и изградбата на булеварот „Словенија“ пред повеќе години, не се само одлични сообраќајни решенија, туку истите се и предуслов за идниот развој на општината – кажа градоначалникот Латиновски.

На новиот дел од булеварот Христијан Тодоровски Карпош е поставена нова водоводна, атмоферска и фекална мрежа, како и целосно ново улично осветлување каде се поставени 76 столба.

За овој капитален проект, Градот Скопје од буџетот издвои околу 160 милиони денари или околу 2,6 милиони евра, а изведувач на градежните работи е компанијата Пелагонија-Гостивар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top