сабота, 18 ноември 2017 | Вести денес: 58 ново

Моето име е РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (REPUBLIC OF MACEDONIA)

Алдо Климан

По повеќенеделни најавувања, во Скопје стасува грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас. Според добриот стар дипломатски обичај во светот, очекуваме високиот гостин од Грција да научи барем два збора на македонски јазик, а, се разбира, за нас Македонците најубави и најсакани зборови се Република Македонија.

Имаме навистина многу причини да се надеваме дека господин Коѕиас ќе ја надрасне официјалната политичка тесноградост на својата земја и ќе го направи тој „мал чекор за него а голем за човештвото” и ќе научи да го изговара тоа – Република Македонија, бидејќи самиот тој остава впечаток на цивилизиран, модерен, отворен и добронамерен Европеец, кој многу добро знае дека името, татковината, твојот народ и твоето семејство ти се се’ на светот. Така и нам нашето име Македонци, името на нашата татковина Република Македонија и името на нашиот македонски народ, вклучително и претставниците на македонското национално малцинство во соседните земји, па се разбира и во Република Грција ни претставуваат најсвети национални вредности со кои се гордееме, се грижиме за нив и ги чуваме како капка вода на дланка.

Еве, господине Коѕиас, обидете се да го изговорите ова, едноставно е: Република Македонија, Република Македонија, Република Македонија. Лесно се учи и прекрасно звучи!

Сегашниот престој на министерот Коѕиас во Скопје е извонредна можност да се доближиме само на педа до признавањето на официјалното уставно име на Република Македонија од страна на Република Грција и, во рамките на тој договор меѓу двете држави, нашиот јужен сосед конечно да го признае и македонското национално малцинство во Егејскиот дел на Македонија со сите човечки права загарантирани со Повелбата на Обединетите нации, вклучувајќи ја и слободата на употреба на својот мајчин македонски јазик и на своето национално име Македонец, Македонка. Се’ што би било помалку од тоа не би било задоволително за еден негов вака важен престој во Република Македонија.

За жал, морам да признам дека егзалтацијата малку ми спласна кога ја видов веста на балканската новинска агенција ИБНА дека наместо договор за конечно признавање на Република Македонија под нејзиното уставно име, од министерството на господин Коѕиас пред неговото доаѓање наеднаш почнаа нешто да тргуваат со ситни, чаршиски работи како кога се пазариме кај нас во нашата стара чаршија или во некое зафрлено дуќанче на периферијата на Солун: те македонските ракометни репрезентативки носеле дресови со натпис „Македонија”, те македонскиот конзул во Торонто Палешевски говорел пред картата на „Голема Македонија”.

Прво, сосема е нормално македонските ракометарки да носат дресови со натпис „Македонија”. Па нема белки да пишува „Зелено’ртски острови” или „Мартиник”. Тоа е репрезентација на Република Македонија и се разбира дека на своите дресови девојките гордо ќе го носат и низ светот ќе го афирмираат и слават името на нашата татковина Република Македонија. Колку што мене ми е познато ниту нашето министерство за надворешни работи не побарало грчката ракометна репрезентација на дресовите да носи натпис „Казабланка” или „Мадагаскар”. Ако случајно побарало – е тогаш тоа е за секаква осуда. Тогаш и вие, господине министре, би имале право да се лутите. А вака, доколку агенциската вест од Атина е точна, тоа се најобични детски глупости, далеку под нивото на еден префинет министар за надворешни работи на така угледна европска земја како што е Грција. Освен тоа, и ова што младите грчки ракометарки го напуштиле турнирот, па и тоа не треба да им се забележува. Тоа се пубертетски години, лоши оценки во школото, можеби и младешки љубовни маки. Ние во Република Македонија им го простуваме тоа и се надеваме дека на следниот турнир што ќе се одржи кај нас ќе го стават во преден план своето спортско достоинство и нема да се мешаат во глупите работи на возрасните како што е здодевната и злобна политиката.

Околу ова другово, пак, со картата на Македонија во Торонто, за тоа господин Коѕиас веројатно од некого злонамерно погрешно е информиран. Не можам да сфатам зошто третите страни секогаш сакаат да ги скараат најблиските добри соседи што се сакаат и што заемно се почитуваат! Значи, министерот Коѕиас нека си спие мирно и воопшто да не се вознемирува и да не се грижи кога ќе види такви призори како тој во Торонто, и тоа не само по македонските амбасади и конзулати низ светот, туку и насекаде каде за тоа ќе се укаже културолошка потреба. Такви ситуации ќе има уште многу. Ќе има и изложби на старите мапи на кои Македонија од најстарите времиња од разни врвни европски и светски картографи секогаш е прикажувана во истите свои историски, географски и етнички граници. Затоа во случајот од Торонто воопшто не станува збор за никаква карта на „Голема Македонија”, не дај Боже, туку за обична историска карта на Македонија, а Македонија тогаш навистина беше голема земја, се’ до Балканските војни во 1912 и 1913 кога, како што веројатно многу добро знае и министерот Коѕиас, беше немилосрдно парчосана и поделена помеѓу Бугарија, Србија и Грција на која тогаш и’ припадна околу 66% од нејзината историска, географската и етничка територија. Тоа се само факти што времето и’ ги предаде на историјата, и ништо повеќе. Верувам дека министерот од таков европски ранг ќе се согласи дека македонскиот народ има право да ги негува своите најтажни спомени на откраднатата татковина, на уништените домови, на раскопачените гробишта, на најтешките семејни спомени, на денационализираниот и нехумано избркан, раселен македонски народ од Егејскиот дел на Македонија. А најдобра илустрација за тоа секогаш се старите карти на Македонија на кои се гледа сета слава и достоинство на нашата татковина што бесните меѓународни интриги и грабежи ја сведоа на тоа денес околу неа и нејзиното славно име да се води ваков беден чаршиски муабет како меѓу продавачи на семки, кикирики, туткал и мачкини влакна. И тоа е се’. Па зарем ќе си дозолиме да бидеме на такво бедно ниво, господине Коѕиас?

Наместо таквиот апсолутно погрешен и приземен пристап, ви сугерирам грчкото Министерство за култура веднаш да издвои средства за печатење на грчки јазик на импресивниот тритомен „Атлас на населените места во Егејска Македонија”  од Тодор Христов Симовски, едно навистина епохално дело кое до најситни подробности ги систематизира, ги опишува и ги толкува тие историски и демографски процеси во Егејскиот дел на Македонија, а ова нека биде можност да ги поттикнам и нашите македонски читатели оваа книга секако да ја земат в раце, за подобро да си го запознаат и тој дел од нашата драматична и тешка историја.

Инаку, господине Коѕиас, вие многу добро го познавате македонскиот народ, неговата благородност, неговата топлина и благост, и над се’ неговата вљубеност во своите преубави народни песни и ора. Македонскиот народ ја сака и вашата убава грчка музика и нема веселба и прослава да не се заигра и сиртаки. Затоа ви велам, ич немајте гајле, Република Македонија ниту има воинствени намери кон Грција, ниту има таква оружена и организациска сила, ниту и’ паѓа на памет да прави планови за инвазија (зборот е навистина многу смешен!) на една членка на НАТО или на било која друга земја, а нема ни претензии да го враќа тркалото на историјата. Но тоа не значи дека за историјата нема да зборуваме од наша гледна точка и со своја научна и архивска аргументација. А во тоа, ќе се согласите, многу помагаат старите карти на Македонија, какви што има насекаде, низ целиот свет, низ сите најугледни светски библиотеки, па така, верувам, и во Атина и во Солун. Ги има и во Народната и универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски” во Скопје. Ги има и по разни приватни збирки. Затоа јас енергично ја отфрлувам секоја примисла дека вашата министерска екселенција би се зафатила со надчовечки илјадагодишен проект сето тоа да се истреби, да се уништи, да се спали и да се забрани нивната презентација. Па тие стари карти се пред се’ и над се’ убави како артефакти и зошто да не уживаме заедно гледајќи ја таа уметничка убавина создадена од најдобрите светски картографи и печатари. Исто така верувам дека и вашето министерство има многу поважни работи од тоа како некој комунален инспекторат да води сметка дали некој некаде, според вашиот министерски куќен ред и протокол, направил прекршок со старите мапи на Македонија, поради што ќе морате да губите време во пишување здодевни глупи ноти и на лепење казни.

Затоа, господине Коѕиас, ви предлагам во текот на вашиот престој во Република Македонија да отидете до НУБ „Св. Климент Охриски” и да ја погледнете тамошната збирка стари мапи на Македонија и ќе видите дека станува збор само за Македонија како голема земја што некогаш била целина, а сега е разделена и разграбена од други земји, а не воопшто за некакваси „Голема Македонија”.

Многу жалам што вашиот колега во Скопје, министерот Никола Димитров воопшто не е и реално на вашето дипломатско ниво за да разбере колку сето тоа околу картата во Торонто е бенигно, па се затрча недостоинствено, кутро и бедно да се извинува дека веќе никогаш на светот и во вјеки вјеков нема да си дозволиме нешто такво како „излетот што ни се случи во Канада”. Ма, господине Димитров, страшно се лажете, ќе има уште многу такви „излети”. Ние не ја злоупотребуваме својата македонска историја, но многу, многу се гордееме со неа и нема на сила да ја правиме невидлива, како што на сила ни ја прават невидлива Република Македонија, ни по теркот на нашите соседи Грци, Бугари, Албанци и кој и да е друг, а најмалку според вашиот предавнички терк со дупки на погрешно место. Нашиот македонски конзул во Канада Палешевски направи чесна и убава работа на 2 август, и му упатувам искрени честитки, а вие, господине Димитров, со својата ступидна и лигава изјава на негова сметка направивте нешто од што како министер за надворешни работи на Република Македонија треба само да се срамите.

Top