вторник, 26 септември 2017 | Вести денес: 138 ново

Биг-бендот на ЗЏМ го отвора Интернационалниот џез-викенд во Прилеп

Со настап на Биг-бендот на Здружението на џез музичари на Македонија, вечер во Прилеп почнува 6. Интернационален џез викенд.

Манифестацијата ќе трае три дена, до сабота, а ќе учествуваат најактуелните џез музичари од регионот.

По отворањето со Биг-бендот, на летната сцена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ концерт ќе одржи и легендарниот тапанар Круно Левачиќ со својот квартет The Problems. Претходно, во фоајето на Центарот за култура во 19:30 часот ќе се одржи промоција на компакт дискот „Пет години Prilep Jazz Weekend“.

Утре публиката ќе ужива во концертите на Џон Илија Апелгрин и Мартин Ѓаконовски Трио, како и во настапот на белградскиот хип-хоп изведувач Марчело.

Фестивалот на 26. август ќе го затворат украинскиот саксофонист Maкс Кочетов и неговиот  квартет, а концерт ќе има и француското трио Metacronic talking.

Годинава фестивалот нуди и богата оф-програма со промоции, изложби, концерти и перформанси. Изложба на ECM кавер фотографии на Fotini Potimia aka LAMP, A bass to bass performance на Гоце Јованоски и Дине Донеф, како и аудио-визуелен перформанс на Тома Домовски и Дине Донеф.

Сите концерти и перформанси се одржуваат во Центарот за култура „Марко Цепенков“ на летната сцена или во големата сала.

Top