среда, 18 октомври 2017 | Вести денес: 109 ново

Нашиот докажан капацитет за реализација на проекти ќе ни донесе победа на локалните избори

Зеќир Рамчиловиќ, доцент доктор на Институтот за национална историја, роден е во Долно Коњари, претставник е на бошњачката заедница. Тој е заминик-член во Делегација на Собранието на Република Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација.

Што за вас претставува членството во ИК?

РАМЧИЛОВИЌ: Можност, голема можност да се работи и влијае врз процесите со кои ќе се овозможи подобар живот на македонските граѓани. Навистина, ова е голем предизвик и чест за мене. Верувам дека мојата работа и ангажман ќе придонесат во развојот на демократските процеси и просперитетот на Република Македонија. Своите активности, освен за општото добро на сите граѓани ќе бидат насочени и кон бошњачката заедница, бидејќи како дел од раководството на најголемата македонска партија се отвараат и поголеми можности за унапредувањето на правата на Бошњаците. Она што исто така е значајно е што на овој начин покажуваме дека ВМРО ДПМНЕ е отворена партија за сите, без фаворизирање на било која етничка заедница и нејзиниот процент во вкупното население, а со цел градење на унитарна, мултиетничка, мултикултурна и просперитена Македонија. Односно градење на доверба, македонско национално единство и чувство на припадност кон Република Македонија на сите граѓани без оглед на етничка, верска или друга припадност.

Што ја прави ВМРО-ДПМНЕ поразлична од другите партии на македонската политичка сцена?

РАМЧИЛОВИЌ: ВМРО-ДПМНЕ е модерна европска десничарска партија, која во периодот од осамостојувањето до денес е носител на позитивните промени и процеси во општеството. Партија која ги спроведе најголемиот дел од реформите за економски просперитет на државата, транспарентноста и отчетноста, едноставно ВМРО ДПМНЕ воведе нови стандарди и нов начин на работа на македонската политичка сцена. Таа не останува само на празни зборови и ветувања, туку ги реализира своите ветувања и како таква е позната кај граѓаните. На сите избори пред граѓаните се излегува со конкретни реални проекти и со рокови за нивна реализација. Само на овој начин може да се овозможи повисок животен стандард за граѓаните. Но, она што исто така е важно што ВМРО ДПМНЕ почива и се темели на традиционалните идеи, вредности и принципи кои се од суштинско значење за најголемиот дел од македонските граѓани и општеството во целина.

Вие сте историчар, што мислите за договорот на Владата со Бугарија, СДС не ги слушна вашите барања за корекција на некои делови од договорот, ќе има ли договорот ваков каков што е негативни последици врз Република Македонија во иднина?

РАМЧИЛОВИЌ: Најпрвин, морам да кажам дека градењето на добрососедските односи е наш приоритет. Тие се навистина неопходни за економски развој и за поврзаноста меѓу земјите и народите. Но, добрососедските односи треба да градат со фер договор со кој се затвораат одредени проблеми, а не договор кој може да креира нови. Најдобро ќе беше историјата и процесите од минатото да им се оставија на историчарите, бидејќи воопшто не е потребно да имаме „заедничка историја“ со некого како предуслов за градење добрососедски односи и подобра иднина. Секако, дека со народите од нашето окружување имаме и некои заеднички настани и процеси, но тоа не значи дека имаме заедничка историја. Многу сегменти од тој договор се дискутабилни и од стручен, но и од општествено-политички аспект. Во договорот е и повеќе од забележителната асиметријата на правата и обврските на двете договорни страни, односно се предвидуваат многу повеќе права, а помалку обврски за Република Бугарија, а помалку права и многу повеќе обврски за Република Македонија. Хипотетички гледано, одговорот на вашето прашање може да биде и позитивен и негативен. Но, токму тука е и проблемот. Како политичари и носители на јавни функции ние не смееме да правиме договори кои утре може да имаат негативни последици и да отвораат нови прашања кои ќе зависат од другата страна и од нејзините потреби, дури и од дневно – политички карактер. Пример, со договорот се обврзуваме да формираме заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, со која треба објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Со ова прво ја загрозуваме својата национална историја, а потоа се остава простор како легален аргумент и инструмент на другата страна за условување на Република Македонија на патот кон ЕУ и НАТО да биде одредена наставна содржина во некој наш учебник.

Кои се политиките со кои ВМРО ДПМНЕ ќе истапи пред македонските граѓани во иднина?

РАМЧИЛОВИЌ: ВМРО ДПМНЕ како и досега силно ќе работи за подобри услови и повисок животен стандард на македонските граѓани и нашата интеграција во ЕУ и НАТО, но во согласност со долгорочните национални интереси на Република Македонија. Како најголема партија ќе бидеме фактор на стабилност кој нема да дозоволи нашите разлики да бидат инструментализирани, туку нашите разлики да претставуваат наше заедничко богатство. Пред нас се локалните избори, ние во сите општини како и досега во консултација со граѓаните ќе ги избереме најдобрите кандидати за градоначалници и советници, кои се докажани, работливи и исполнителни. Заедно сите ќе направиме програма со приоритетни и реални проекти важни за секој граѓанин на нашата земја. Ќе понудиме многу труд и работа кои се неопходни за реализација на проекти, нешто што очигледно е дека отсуствува кај СДСМ и што веќе го препознаваат граѓаните. Нашето искуство и стратегија, нашата енергија и потенцијал, но и докажан капацитет за реализација на проекти ќе ни донесе победа на локалните избори. Со тоа, ќе се овозможи процес кој ќе ја делегитимра оваа инертна и неодговорна власт и нејзино што побрзо заминување, а за доброто на сите македонски граѓани.

Top