среда, 22 ноември 2017 | Вести денес: 100 ново

Кабинетот на Иванов демантира: Македонските служби не побарале услуги од српскиот разузнавач Живаљевиќ

Од кабинетот на претседателот Иванов велат дека изјавата на Живаљевиќ е спротивна на фактите. Македонските служби не побарале услуги од него. Фактите говорат дека критичниот ден, пред да влезе во Собранието, дипломатот не побарал писмена, или усна дозвола од овластено лице и надлежен државен орган, туку откако го завршил дејствието, известил за своите активности, со што не може да ја намали одговорноста за неовластен престој во Собранието. Во изминатиот период, Кабинетот на претседателот реагираше на амбасадорот на Србија, да се прекине со злоупотреба на името на советникот, со цел да го користи како алиби и да одбегне одговорност за непрофесионалното однесување на дипломатот. На погрешна адреса се обратил Живаљевиќ.

Од Кабинетот на претседателот Иванов, велат дека посочениот советник на претседателот, не е овластено лице за пријавување на движење, и престој на странски преставници, и во конкретниот случај, постапил согласно безбедносните протоколи, за што изготвил и архивирал извештаи проследени до надлежните претпоставени. Согласно законите, надлежен државен орган за комуникација со странски дипломатски преставници е Министерството за надворешни работи, додека посебна служба на Собранието се грижи за редот во зградата. Кабинетот на претседателот не е надлежен, ниту овластен да дава дозвола за престој, и одобрение за активности на странски преставници и дипломати во Собранието. Случајот со неовластениот престој на господинот Живаљевиќ во Собранието на Република Македонија е затворен во постигнат договор меѓу службите.

Top