среда, 22 ноември 2017 | Вести денес: 100 ново

Почина тројка на ГАК

Пред два дена, на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје починале три новороденчиња, односно тројка, дознава „Република“. Мајката е од тетовското село Доброште.

Како што објаснија од Министерството за здравство, пациентката И.М била хоспитализирана на 21 август на Клиниката за гинекологија и акушерство заради болки во абдоменот. Била породена со царски рез во 27. недела од бременоста, а новороденчињата биле транспортирани на Одделение за интензивна неонатална нега и терапија.

– На 21. август пациентката била хоспитализирана и истиот ден е породена со царски рез во 27 недела со тројка, по претходно прснат воденик и пролабирана (испадната) папочна врвца и со цел да не биде прекинат доводот на кислородот, веднаш е извршено породување. Новороденчињата се прифатени од педијатар и акушерка во операциона сала. Спроведена е и примарна реанимација со аспирација, вентилација со маска и амбу и термостабилизација и во инкубатор сите три биле транспортирани на Одделение за интензивна неонатална нега и терапија – велат од Министерството за здравство.

Според информациите од ГАК, со семејството во неколку наврати од страна на персоналот на Клиниката било разговарано, со цел да се објасни состојбата на новороденчињата, третманот и можните шанси за преживување и веќе следниот ден е констатирана смрт на сите три.
– Министерството за здравство веднаш по добивање на информациите формираше комисија за стручен надзор која детално ќе го испита случајот, со цел да утврди дали во целокупниот третман на родилката и новороденчињата е постапено согласно протоколите и медицината базирана на докази. Истовремено комисија е формирана и од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат – велат од Министерството.

 

Top