четврток, 21 септември 2017 | Вести денес: 91 ново

Најголемиот македонски син Гоце Делчев спокојно си почива во својата сакана татковина Македонија

Бугарската антимакедонска политика е како жива песок: Бугарија никако да се извлече од неа и да си заживее нов, модерен меѓународен политички живот, ослободена од своите антимакедонски опсесии.

Алдо Климан

Новоразбудените и задишани големобугарски страсти кај нашиот сосед и реактуелизираното присвојување на Гоце Делчев, браќата Миладиновци и, впрочем, на сето она што е македонско, всушност не е ништо ново, само сега на бугарските острвени политичари потпишувањето на бугарско-заевскиот договор добро им дојде како своевидна политичка трафостаница за нагло и засилено зголемување на антимакедонскиот напон во Бугарија и за негово пренесување врз сопствените потрошувачи – бугарскиот народ.

Надворешната политика на Република Бугарија е веројатно една од најздодевните и најнеинвентивни не само на Балканот, туку и воопшто во светот. Веќе 150 години се состои само и исклучиво од тоа чергарски, патолошки, со сите можни изопачени средства, со гола, дебело финансирана пропаганда, со лаги, измислици и особено со некои рабни полувистини да го докажува недоказливото: а тоа е дека Македонија е Бугарија, дека Македонците се Бугари, дека македонската национална историја е бугарска историја и оти македонската национална култура е бугарска култура. Има ли нешто поздодевно од тоа цели 150 години, од ден во ден, да се слушаат сите тие глупости? Има ли од тоа поголем и понецивилизиран говор на омраза кон еден друг, питом, соседен народ, како македонскиот, кој и покрај сета таа приземност и мемлосана бугарска политичка беда и натаму настојува да биде отворен, пресретлив и пријателски?

Погледнете ги, на пример, само оние двајца хиперактивни „сумашедши” бугарски европарламентарци Ангел Џамбаски и Андреј Ковачев: па, нивната единствена и постојана тема во Брисел се само Македонците кои не се Македонци туку Бугари, како оние во Република Македонија, така и оние во Албанија, па сега, влегувајќи во нов меѓународен ризик со Грција, се проширија и на Егејска Македонија, а за Македонците во Пиринска Македонија и да не зборуваме. Така, со сите тие преџвакувања за Македонците како Бугари тие и во Брисел станаа веќе одамна прочитана, банална книга. Но друга работа е што внатребриселските интереси и политички агенди засега му овозможуваат на тоа бугарско дрндаво тркало и натаму да се врти во таа насока.

Иако на сите веќе ни се качија на глава со тие папагалски продуцирања на фалсификати и веќе ни шишти пареа од ушите од тие нивни неуморни посегања по Македонија, застапниците на таа и таква политика упорно, од генерација во генерација, си веруваат и се уверуваат самите себеси и своите нови покленија дека, доколку постојано ја повторуваат истата безочна лага – таа постапно ќе стане вистина. Но тоа никогаш нема да се случи, попусто се трудат. И покрај сите меѓународни дипломатски вратоломии, баснословни поткупувања, лобирања, сплеткарења и комплотирања со најевтини предавници во редовите на македонскиот народ (како и во последниов случај со квислингот Зоран Заев) – сите тие нивни бесмислени напори засекогаш ќе си останат само ступидна политичка фикција.

Реално, хранејќи се некрофилски исклучиво од тој освојувачки, одамна изгниен санстефански национално-политички труп, бугарските политичари денес, во 21 век, останаа без материјал за нови спекулативни конструкции и лаги, и панично се држат само за старите матрици од крајот на 19 век и за оние хистерично создавани и создадени по трагичното парчосување на Македонија и на македонскиот народ во 1913 година и низ целиот 20 век. За сето тоа, меѓутоа, модерната македонска историска наука, врз автентични историски, и македонски, и бугарски, и разни други историски извори, отворено и без задршки, без мистификации но и без компромиси, и особено во ова најново време, ги има детекрирано и искажано сите релевантни сознанија и факти кои, во конечниот исход, сведочат само за тоа дека Македонците се одделен народ и од Бугарите, и од Србите и од другите балкански народи.

Затоа на штотуку возобновените бугарски самовозбуди и лаги околу тоа дека нашиот најголем македонски син Гоце Делчев е Бугарин им одговарам со едно едноставно прашање: зошто тогаш нивниот актуелен премиер Бојко Борисов мораше да дојде дури во Скопје, во срцето на Македонија, за да го види гробот на Гоце?

И веднаш додавам: тоа е затоа, господа, што и бугарската политика во еден момент, во времето на големиот бугарски државник Георги Димитров, меѓу двете бесконечно долги фази на неизлечливото големобугарско пијанство кое денес, за жал, се чини дека е поголемо од кога и да е порано, имаше и една значајна, навистина светла историска фаза на висока хуманистичка и цивилизациска луцидност, и без какви и да е дилеми го призна македонскиот народ. Според резултатите на првиот повоен попис на населението во Бугарија во јануари 1947 година официјално е констатирано дека од 250.000 жители во Пиринска Македонија, 240.000 се Македонци, 4.000 се Бугари и 6.000 Турци, и иако во пописните формулари не постоеја графи за „македонска националност”, 75% од населението на Пиринска Македонија се изјасни како македонско (во Петричко 95%, во Неврокопско 90%, во Светиврачко 90%, во Разлошко 60%, а во Горноџумајско половина од населението). Од овие непобитни историски податоци, господа големобугарски политичари, убаво се гледа што ни направивте во изминатите стотина години со својата немилосрдна и безочна денационализаторска политика во Бугарија која, за жал, не само што никако не стивнува, туку, еве, како чума и денес се шири на сите страни.

Но непосредно пред тој славен и историски важен попис на населението во Бугарија и во Пиринска Македонија, се случи уште нешто многу битно и незаобиколно. Сосема во духот на бугарското признавање на македонскиот народ и на неговата историска, културолошка и јазична посебност и самобитност, во октомви 1946 година, во согласност со Националниот комитет на Сојузот на македонските братства во Бугарија, од Софија во Скопје се пренесени посмртните останки на најголемиот син на нашето македонско револуционерно дело и татко на македонската нација Гоце Делчев. Дрвениот ковчег со неговите мошти, господа бугарски политичари, ние тогаш не ви го украдовме, туку вашите разумни политичари од тоа време и’ го дадоа на Македонија зашто добро знаеја, како што и вие денес добро знаете дека Гоце Делчев беше Македонец, роден во убавото и славно македонско место во Егејска Македонија Кукуш. Тогаш, во придружба на 2.000 Македонци, саркофагот на Гоце Делчев, на патот од Софија кон Скопје, ја помина цела Пиринска Македонија, секаде пречекуван и трогателно поздравуван со најдлабоки македонски национални чувства; во едно село помеѓу Симитли и Петрич каде што населението беше преселено од родното место на Гоце Кукуш, според спомените на генералот Кирил Михајловски-Груица, „машко и женско, старо и младо, празнично облечени легнаа наземи кога лафетот поминуваше покрај нив”. Во Скопје, каде што посмртните останки на Гоце Делчев стасаа на 10 октомври 1946 година и беа положени во црквата Свети Спас, беше организиран незапомнет народен пречек и голема државна свеченост.

Ете, господа големобугарски политичари, затоа вашиот премиер Бојко Борисов мораше да дојде во Скопје, во Република Македонија да му се поклони на големиот Македонец Гоце Делчев, затоа што Гоце спокојно си почива овде, во својата сакана татковина Македонија.

Мили мои македонски сограѓани, големобугарската хистеризација и пијаното и неуморно помпање на минхаузеновскиот балон на нивните ЛАГИ нема никогаш да запре. Ние Македонците со тоа живеевме со децении и децении, и со тоа очигледно и натаму ќе живееме, се’ додека можеби еден ден не се свестат дека сето тоа е бескрајно глупаво, најприземно и дивјачко, и оти, освен ова ступидно незапирливо настојување за дрпање, грабеж и освојување на Македонија, на Македонците и на нашето македонство, постои и  сосема поинаков, цивилизиран начин нашите два соседни народи да се сплотат во искрено пријателство и квалитетен европски соживот.

Top