вторник, 19 септември 2017 | Вести денес: 76 ново

Македонското вино замена за француското

Угледниот портал за вина Вајнпер (Vinepair) неодамна објави дека Македонија е една од новите 7 држави чии вина мора да се пробаат. „Заборавете ја Франција, пијте вино од овие 7 земји“ е насловот на текстот во кој се препорачува македонскиот вранец. Освен Македонија, на оваа листа од седум земји се и Англија, Мексико, Либан, Мароко, Уругвај и Бразил.

Во делот од написот за Македонија се вели дека оваа земја сѐ уште се бори да го најде својот идентитет за вино по стекнувањето независноста во 1991 година. За разлика од Словенија и Хрватска, кои исто така беа дел од поранешна Југославија, Република Македонија сега почнува да привлекува внимание за своето вино, делумно и заради новите инвестиции во земјата. Земјата има многу сончеви денови, медитерански и континентални климатски услови, карпести почви и многу семејства кои дома си прават вино.

Најважниот регион за вино во Република Македонија е Повардарието, централно поставен во земјата, во близина на главниот град. И додека се одгледуваа меѓународните сорти на грозје, земјата го прифати и црниот Вранец како своја сорта. Вранецот, кој исто така е пронајден и во соседните Црна Гора, Србија и Хрватска, е како раскрсница меѓу Небиоло и Зинфандел: моќен со интензивна боја, со танини и мирис на темно овошје. Со оглед на тоа што Република Македонија продолжува да го наоѓа својот стил, винариите имаат тенденција да го прават виното Вранец, создавајќи поизразен „меѓународен” стил, но потенцијалот на грозјето е огромен. Вреди да се проверуваат вината на Република Македонија, додека тие сѐ уште се прилично непознати и гледајќи како се развиваат винариите од гроздобер до гроздобер, пишува во текстот на Вајнпер.

Top