понеделник, 25 септември 2017 | Вести денес: 82 ново

Целта им е да ме дискредитираат: Ристески осуден оти не ја осигурал од штета општинската зграда

На прилепскиот градоначалник Марјан Ристески му е изречена условна казна затвор во траење од три месеци, но и парична казна од 600 евра оти не ја осигурал од штета општинската зграда. Истовремено, Ристески е задолжен на име надомест на штета на Општина Прилеп да ѝ исплати скоро 3.900 евра.
Основниот суд во Прилеп  пресудата ја донел пред неколку дена по кривична пријава поднесена од адвокатот Жарко Стеваноски од Прилеп.

„Конкретната кривична пријава врз основа на која што е донесена пресудата на Основен суд Прилеп  се однесува за штета што е предизвикана на општинската зграда за време траење на „Шарената револуција“. Тогаш градоначалникот излегуваше во локалните медиуми со изјави дека штетата е енормно висока и од тие причини поведовме постапка за утврдување на вистинската штета и од тоа вештачење произлезе вистинскиот износ на штета и се утврди дека истата градоначалникот не ја осигурал“, вели  адвокатот Жарко Стеваноски.

Градоначалникот Ристески за пресудата реагираше преку соопштение во кое вели дека до судот веќе поднел приговор, така што одлуката на судот се смета како воопшто да не била донесената.

„Јас како градоначалник на Општина Прилеп имам обезбедено заштита на сопственоста на Општината. Во Општината функционира служба за обезбедување на општинската зграда и има видео надзор за набљудување на зградата со што во целост го имам применето Законот за локална самоуправа. Целта на сите овие случувања е дискредитирање на мојата личност, на локалната самоуправа и на сите проекти“, напиша Ристески на Фејсбук.

 

Top