вторник, 21 ноември 2017 | Вести денес: 107 ново

Концерт на дуото „Алиада“ во „Света Софија“

Фестивалската програма на „Охридско лето“ за денеска предвидува концерт за саксофон и хармоника на дуото „Алиада“. Концертот што ќе се одржи во „Света Софија“ од 20:30 часот носи наслов „Нови бои на минатото“, а во исполнение на двајцата талентирани музичари – саксофонистот Михал Кнот и хармоникашот Богдан Лакетиќ.

Насловот на концертот е идентичен на нивниот прв албум, на кој се поместени дела на Хендл, Григ, Пендерецки, Де Фала, Барток и Пиацола, сите аранжирани за саксофон и хармоника од дуото.

Од нивното формирање во 2013 година, дуото веднаш станува впечатливо во светот на класичната музика што резултира со бројни концерти насекаде низ светот. Во минатата сезона остваруваат повеќе од 80 настапи на пет различни континенти во престижни концертни сали како „Карнеги хол“, „Музикферајн“ во Виена, „Тонхале“ во Цирих, театарот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, Театарот дел Лаго во Чиле и многу други. Нивната кариера започнува со победата на натпреварот „Фиделио“ каде едногласно им е доделена наградата „Гран при“. Нивниот прв албум насловен „Нови бои на минатото“ се здобива со одлични критики, а Дуото Алиада е вклучено во програмата „Новиот австриски звук на музиката 2016-17“ финансирана од австриската влада. Настапите на дуото редовно се емитуваат на австриските радио и телевизиски станици.

Top