среда, 18 октомври 2017 | Вести денес: 5 ново

Аплаузи за „Сенки над Балканот“ на Бјелогрлиќ на Сараевскиот филмски фестивал

Екипата на серијата „Сенки над Балканот“ синоќа премиерно беше претставена на 23. Сараевски филмски фестивал (СФФ). На црвениот килим во Сараево се претставија режисерот и продуцент Драган Бјелогрлиќ, како и актерите Марија Бергам, Виктор Савиќ, Андрија Кузмановиќ, Горан Богдан, Адмир Шеховиќ, како и дел од македонската екипа што учестува во проектот – актерката Јана Стојановска и продуцентот Томи Салковски. Во серијата уште играат и Петар Арсовски и Тони Михајловски. Композитор на оригиналната музика е Мањифико.

Синоќа премиерно беше прикажана пилот-епизода на серијата, која од октомври ќе се емитува на националните телевизии во Србија, Македонија, БиХ, Словенија, Црна Гора, како и Руската Федерација.

Дејството во „Сенки над Балакнот“ се одвива во бурниот период кон крајот на 20-тите години од минатиот век. Балканот како простор на кој се вкрстуваат високата политика, локалните интереси, капиталот и криминалот е амбиентот во кој се одигрува оваа серија.

– Се менуваат само актерите, но кога ќе го споредите тоа време со денешното, ќе сфатите дека е многу слично. Затоа оваа серија ја нарековме „Сенки над Балканот“ бидејќи тие постојано се надвисуваат над овој простор – изјави Бјелогрлиќ.

Сценариото за оваа серија, според филмската приказна на Стеван Копривница го напишаа Даница Пајовиќ, Дејан Стоиљковиќ, Владимир Кецмановиќ и Драган Бјелогрлиќ.

„Сенки над баканот“ е копродукција на Кобра Филм Србија, Скопје Филм Студио и Искра Русија. Како копродуценти се вклучија и Радио Телевизија Србија, Радио Телевизија Република Српска и Македонската радио-телевизија. Проектот е поддржан и од страна на Агенцијата за филм на РМ. Македонски копродуцент е Томи Салковски.

Top