сабота, 18 ноември 2017 | Вести денес: 0 ново

По Лешоски се повлече целиот Управен одбор на СВП

По најавата дека Дарко Лешоски се повлекува од функцијата претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, од функцијата се откажаа и останатите членови на одборот.

-Маринела Ојлеска, Николина Велкоска Глигороска и Џеладин Пошка, членови на Управниот одбор на СВП, ќе бидат наскоро заменети- изјави Петрит Сарачини од Министерството за култура.

-Министерот ќе ја има предвид жестоката јавна дебата којашто се случуваше деновиве во однос на решенијата, ќе ги земе предвид критиките и забелешките на јавноста, но секако и нашите заложби овие манифестации коишто се случуваат надвор од Скопје да одговараат на локалниот амбиент. Ние сакаме во тие манифестации, да внесеме луѓе од локалните средини, коишто го разбираат локалниот контекст во кој се сместени тие институции и манифестации- вели Сарачини.

Првичниот мотив на Министерството за промените кои се направија во одборот на СВП, бил да се прекине „ланецот на можни злоупотреби“, бидејќи, како што вели Сарачини, во многу од овие институции и манифестации има индиции за злоупотреби. Поради тоа, додава, ќе покренат сериозни постапки, откако тие индиции ќе ги утврдат и со целосни факти.

Министерството, сепак, изразува жалење за повлекувањето на Лешоски бидејќи сметале дека „со својата смелост и автентичен поетски опус ќе внесе свежина и ќе и помогне на манифестацијата да кореспондира повеќе со овие модерни времиња“.

Деновиве на социјалните мрежи и во медиумите беа изложени низа критики за назначувањето на Лешоски за претседател на УО на Струшките вечери на поезијата, пред се поради неговиот слаб книжевен опус, но и јавно искажаниот негативен став кон поетските читања. Писатели, на социјалните медиуми не ги поштедија ни другите членови на одборот, кои исто така немаат искуство во книжевноста. Според Законот за култура во Управниот одбор треба да има двајца истакнати членови од областа на културата, еден член доаѓа од локалната самоуправа и двајца се претставници од вработените во установата.

Новите членови на одборот на СВП, велат од Министерството, ќе бидат назначени во текот на следните неколку дена.

Top