четврток, 21 септември 2017 | Вести денес: 91 ново

Зошто Талат Џафери го повредува правото на пратениците на годишен одмор?

Михајло Маневски

Во членот 7 од Законот за Собранието на Република Македонија се утврдува дека функцијата пратеник во Собранието се врши професионално и е неспојлива со вршење други јавни функции или професии утврдени со закон.

Според членот 3 ставот 2, правата и должностите на пратениците се уредуваат со Уставот на Република Македонија, Законот за Собранието, Деловникот и други закони. Тоа значи дека правата на пратениците се уредуваат со закони и со Деловникот на Собранието.

Според наведените одредби, пратениците имаат права и обврски за професионалното извршување на функцијата, како што се присуството и учество во работа на седниците на Собранието и работните тела, правото на плата, на социјална и здравствена заштита, правато на годишен одмор и други права и обврски. Правата на пратениците со ништо не се разликуваат со правата на лицата кои се во работен однос согласно одредбите од работното законодавство.

             Право на пратениците на годишен одмор

Правото на пратениците на годишен одмор е уредено во членот 5 од Деловникот за работа на Собранието. Според ставот 2 на овој член, „Одморот на Собранието трае од 1 до 31 август“. Toa значи дека во Деловникот сосема прецизно е утврден годишниот одмор на Собранието и пратениците.

Според член 5 став 1 „Собранието е во постојано заседание“, а според ставот 3 „Претседателот на Собранието може и за време на одморот да свика седница на Собранието“.

Прашањето за постојано заседание на Собранието не е спорно. Тоа значи дека Собранието е во постојана мобилна состојба и може да се свика во секое време за прашања од неговата надлежност.

 

За време на годишен одмор не може да продолжи веќе закажана седница на Собранието

Седница на Собранието може да се свика и за време на годишниот одмор на Собранието за особено значајни прашања од пошироко значење за државата, како што се пожари, поплави или други елементарни непогоди, епидемии, заразни болести и слични актуелни  прашања за кои треба да расправа Собранието. Но, ова одредба незначи дека за време на одморот на Собранието седница на Собранието може да се свика за секое прашање или да продолжи некоја почната седница која не е завршена.

Во конкретниот случај, Седницата број 6 е закажана на 5.7.2017 година и во точка 5 од дневниот ред на седницата е предвиден Предлог за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија.

Во случајот вопште не се работи за нова седница закажана во текот на времето на годишен одмор на Собранието, туку се за продолжување на веќе закажана и започната седница пред повеќе од еден месец. Формулацијата во членот 5 став 3, дека „за време на годишниот одмор“ на Собранието, претседателот може да свика седница на Собранието, значи свикување нова седница, а не продолжување на веќе почната седница.

Одредбата од членот 5 став 3 не предвидува продолжување за веќе закажана седница за време на годишен одмор на Собранието. Продолжување на веќе закажана седница е спротивно на членот 5 ставот 3 од Деловникот за работа на Собранието бидејќи на тој начин се повредува и скратува правото на пратениците утврдено со Деловникот и со закон.

Дали Собранието ќе ја продолжи расправата по сите точки од ова седница или ќе прекине со работа откако ќе биде разрешен Марко Зврлевски? Очигледно, целта да се разреши Јавниот обвинител на Република Македонија  по цена и со кршење на правото на пратениците и повреда на Законот за Собранието и на Деловникот за работа на Собранието.

Зошто на ова точка од дневниот ред за разрешување на Јавниот обвинител на Македонија ѝ се дава посебно значење спротивно на членот 114 од Деловникот за работа на Собранието. Со наведената одредба од Деловникот  се уредуваат  прашањата за избори, именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции за кои е надлежно Собранието.

По цена на елементарно кршење на правата на пратениците, упорно и спротивно на Деловникот се продолжува незавршрна седница за разрешување на Марко Зврлевски. Се врши огромен притисок на пратениците од опозицијата, кои во ова пеколно време остануваат во Собранието по цел ден и до доцните вечерни часови, додека од други пратенички групи или има неколку пратеници, еден или ниту еден пратеник, иако нивна основна обврска е да присуствуваат на седниците, за што примаат плата.

Се врши грубо кршење на парламентаризмот и парламентарната етика со невиден притисок на пратениците од опозицијата да се откажат од нивните права да расправаат. Целта е очигледна. По секоја цена да се разреши Јавниот обвинител на Република Македонија. Ова прашање е издигнато на највисоко ниво од владеачката коалиција,  да се биде или да не се биде, како прашање од најголемо судбоносно значење за државата.

Јавниот обвинител на Македонија треба да се разреши што побргу за да се спаси од обвинението Зоран Заев, против кого е поднесен обвинителен акт за случајот поткуп, за кој случај 11 пати неосновано се одложува почетокот на расправата. Треба да се разреши јавниот обвинител пред септември, за кога е закажана 12-тата расправа по поднесеното обвинение против обвинетиот Зоран Заев. Целта на бројните кршења на законите и Деловникорт е да се избере нов јавен обвинител, некој како Катица Јанева, кој ќе го повлече обвинението за случајот ПОТКУП, како што таа неосновано го повлече обинението за случајот ПУЧ.

  Кривична одговорност за повреда на правата од работен однос

Правото на годишен одмор е гарантирано право со закон. За повреда на тоа право е предвидена казнена одговорност. Во членот 106 од Кривичниот законик е предвидено кривично дело повреда на правата од работен однос. Ова кривично дело го извршува лице што свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор, за засновање или престанок на работниот однос, за платата и надоместоците на платата, работно време, одморот или отсуството, заштитата на жената, младината и инвалидите или за забрана на прекувремената или ноќната работа и со тоа повреди, одземе или ограничи право што на работникот му припаѓа, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Во ставот 2 на овој члебн е предвидена одговорност за правно лице кое за стореното лкривично дело ќе се казни со парична казна.

Во која било држава и кој било да беше на власт, прашањето за пожарите во Македонија, кои опустошија и јагленосаа илјадници хектари шуми и ги доведоа во опасност животите на луѓето и нивните домови, ќе се најдеше на дневен ред на Собранието. Во екот на најголемите пожари и најголемата опасност за животите на граѓаните и ненесување на несогледливи економски и еколошки штети на државата, Министерот – дезертер за земјоделство, шумарство и водостопанство замина на одмор во Шпанија, а Собранието расправа за едно кадровско разрешување ставено на пиедесталот на најголема вредност на државата, посилно и од пожарите.

Top