понеделник, 25 септември 2017 | Вести денес: 45 ново

Со победа на гости кај Хофенхајм, Ливерпул на чекор до Лигата на Шампионите

Натпреварот меѓу Хофенхајм и Ливерпул беше најатрактивен од бараж дуелите кои се одиграа вечерва во Лигата на шампионите, а мора да се напомене дека актерите на теренот го оправдаа ваквиот епитет, не само поради постигнатите голови, туку и поради шансите на мечот.

Хофенхајм во својот први историски настап во европските натпреварувања се покажа во препознатливо офанзивно светло, но сепак неискуството на крајот се покажа како пресудно за претрпениот пораз од далеку поискусниот противник кој има реноме во Европа.

Ливерпул победи со 1-2 на гостувањето на „Рајн Некар арена“, но мора да се признае дека доста шанси во текот на мечот имаше и домаќинот кој промаши и пенал при резултат 0-0. Крамариќ на катастрофален начин го изведе ударот од 11 метри, а тоа беше само најава за лошата вечер за нив. Ливерпул знаеше како да го казни тоа со ремек-делото на Арнолд кој го постигна својот првенец во европските натпреварувања на маестрален начин, а гостите до водство од 0-2 стигнаа на доста среќен начин бидејќи еден центаршут на Милнер се претвори во автогол на Нортвајт.

Пред самиот крај, Хофенхајм постигна гол преку Ут за намалување на поразот, а овој резултат гарантира отворен и возбудлив натпревар на „Енфилд“.

Top