среда, 18 октомври 2017 | Вести денес: 8 ново

Балетот на Игор Киров „Дервишот и смртта“ го затвори „Сплитско лето“

Со праизведба на балетот „Дервишот и смртта“ на македонскиот кореограф Игор Киров на сцената на Хрватско народно казалиште во Сплит синоќа заврши 63. Сплитско лето.

Уште тројца Македонци се дел од балетската претстава работена според мотивите на истоимениот роман на Меша Селимовиќ, едно од најзначајните книжевни дела на овие простори. Автор на либретото е македонскиот писател Сашо Димоски, музиката за претставата е дело на музичарот и композитор Горан Бојчевски, а впечатливите костими се на Александар Ношпал. Тој редовно соработува со Киров на сите негови претстави.

Претставата ја изведува Балетот на ХНК Сплит, а насловната улога ја игра националниот првак на ХНК во Загреб Томислав Петрановиќ.

– Мојата задача како кореограф беше да го прикажам соочувањето со сопствената душа и обидот за ослободување на душата, што би требало на крај на сите нас да ни биде цел, да застанеме и да земеме здив – вели Киров, кој освен што е кореогаф, тој е директор на сплитскиот балет.

Димоски либретото го реорганизира во девет целини, девет главни сцени што ги поврзува со девет архетипски патувања на душата и на телото – од личниот пекол, преку личното чистилиште со личниот, односно интимен рај.

– Сакам да го пронајдам новиот дервиш, кој живее денес, а всушност доаѓа од минатото и ќе живее во иднината. За тоа размислував со својот тим. Се собравме за да го пронајдеме новиот девриш и мислам дека успеавме во тоа – изјави Киров.

 

Top