вторник, 12 декември 2017 | Вести денес: 130 ново

„ Детски свет“ го носи креативниот дух на младите на „Охридско лето“      

Повеќе културни содржини креирани од најмладите преку иницијативата „Детски свет“ ќе понуди фестивалот „Охридско лето“ по повод 12 август – Меѓународниот ден на младите. Како што појасни директорката на „Охридско лето“, Сузана Вренцовска, преку ова иницијатива,  културата и вистинските уметнички вредности ќе се приближат до најмладата публика.

– Преку јавна презентација со изложба и театарски претстави на младите, пред публиката на сцената „Долни Сарај“ и платото пред црквата „Света Софија“  ќе се презентира значењето на најголемата музичко-сценска манифестација, но исто така ќе се даде поддршка на промотивните активности на најмладите кои преку креативни идеи ќе го развијат интересот за следење на културата. Настаните на кои се промовира креативноста, во голема мера ќе придонесат во збогатувањето на фестивалската програма, а најголем бенефит е создавањето  фестивалска публика уште од училишна  возраст, изјави Вренцовска додавајќи дека младите како дел од општеството ја градат иднината на државата и затоа, како што рече,  е потребно да се отворат вратите на културата.

Според неа, содржините кои се предвидени да се реализираат со проектот „Детски свет“ би можеле да станат традиција во склоп на фестивалот и да привлекуваат секоја година се’ поголем број млади заинтересирани да ја изразат својата креативност.

– Токму затоа оваа проектна иницијатива е долгорочен бенефит како за Фестивалот така и за градот и за државата, рече директорката Вренцовска.

Координаторот на проектот, Дејан Лилиќ“ нагласи дека иницијативата за „Детски свет“ произлегла токму од идеите на младите.

– Првпат на „Охридско лето“ младите презентираат нешто што излегува директно од нив. „Детски свет“ е огромен проект, со многу сегменти, а целосната слика цели кон презентација на бендови, млади солисти, уметници пред пошироката фестивалска публика, рече Лилиќ нагласувајќи дека е избран Охрид за реализција на оваа креативна идеја зашто градот е лулка на писменоста и културата.

„Детски свет“ е проектна иницијатива замислена и организирана од Центарот за креативен развој и „Арт Вивенди“ во соработка со Министерството за култура, „Охридско лето“, Зоолошката градина од Скопје и средните училишта од градот Скопје. Според Лилиќ, проектот ќе биде проширен со вклучување на млади креативци од поширокиот регион.

Јавната презентација на креативниот дух на младите преточен во дела ќе се презентира на сцената „Долни Сарај со почеток во 12 часот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top