сабота, 19 август 2017 | Вести денес: 36 ново

Трпески: СДСМ ветуваше 500 км нови автопатишта, а не може да пушти во употреба завршен автопат

Славче Трпески од ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес-конференција на која што рече дека неспособноста на СДСМ од ден во ден се повеќе излегува на површина. Според него, иако СДСМ два и пол месеци е на власт, не може да пушти во употреба веќе завшрен автопат, а ветуваше 500 км нови автопатишта.

– Автопатската делница Демир Капија – Смоквица, во должина од 29 километри и вкупна вредност од 218 милиони евра, важи за една од најтешките автопатски делници во Републиката, која е целосно реализирана од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, и единствено чека пуштање во употреба веќе два и пол месеци. Единствена причина зошто денес граѓаните на Република Македонија не се возат по новиот автопат, е неспособноста на Владата предводена од СДС, цело лето да дислоцира електричен столб и да добие одобрение за градба за диспечерски центар, рече Трпески.

Тој додаде дека незаинтересиранот министер за транспорт и врски Сугарески пред три недели во изјава за медиуми, кажал дека бара од ЈП за државни патишта и АД МЕПСО да ја комплетираат документацијата потреба за решавање на овие две прашања.

– Поминаа три недели, а јавноста нема одговор во што е проблемот. Граѓаните не можат да чекаат неспособниот Сугарески да изведе најобична административна процедура, која се решава во рок од неколку дена.Незнаејќи што да прават, Владата на СДС во својство на собрание на акционери на АД МЕПСО, на 25.07.2017 година донесува одлука за запишување на право на сопственост на далеководот Дуброво – грчка граница, на АД МЕПСО Скопје, која е целосно незаконска. Потврда дека одлуката е целосно нелегитимна потврда е и негативното мислење од Секретаријатот за законодавство во Владата на Република Македонија, рече Трпески.

Според него, Владата на СДСМ не ги познава законите и законските процедури на Република Македонија, а одлуката доставена до Катастарот за запишување на далекуводот која ја засновале на законот за трговски друштва било комплетно незаконска.

– Доколку СДС сака да го реши ова отворено прашање, може на првата наредна седница на Влада да донесе одлука согласно членот 65 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост, кој е легитимен основ за запишување на правото на сопственост на овој вид објекти. СДС треба веднаш да престане со беззаконието кое упорно го практицираат во државните институции и да престанат да прават притисоци врз државните службеници во Катастарот да спроведат незаконска одлука, изјави Трпески.

Тој рече дека Владата на СДСМ доколку сакала да го реши овој проблем требало веднаш да ја повлече незаконската одлука и да ја прекинеле праксата од минатото, кога Владите на СДСМ носеле незаконски одлуки за пренос на право на сопственост и да донеселе нова одлука, согласно решението кое што го понудиле.

– Владата на ВМРО-ДПМНЕ напорно работеше за реализација на овој капителен проект, кој го докомплетира автопатското решение на Коридорот 10 на територијата на Република Македонија. Граѓаните на Република Македонија не треба да чекаат уште дополнителни два и пол месеци за СДС да реши најобичен проблем кој се решава во рок од неколку дена, заврши Трпески.

Top