вторник, 22 август 2017 | Вести денес: 70 ново

Барокни дела и музика од Вајл вечерва на „Охридско лето“

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе донесе два концерти што ќе се одржат во црквата „Света Софија“.

Ансамблот „Маскерина“ од Франција ќе настапи со почеток во 20 часот и 30 минути. Ќе музицираат Себастијан Берета на барокна флејта, Мари Гијоми на виола да гамба и  Николас Ватин на теорбо.

„Маскерина“ е основан од виолинистката Гијоми и лаутистот Никола Ватин минатата година за  време на нивните студии во Версај. Ансамблот обединува музичари чиј основен интерес  е барокната музика. Како дует или поголем ансамбл, „Маскерина“ се посветени на музичко истражување на репертоарот на европската барокна музика од 17 и 18 век, со посебен акцент на автентичната интерпретација на оригинални инструменти и на интеракција со публиката.

Досегашните концерти овој музички состав го водат во Париз, Версај, Марсеј, Бордо, Женева…. а настапуваат и со други ансамбли како Ревеус и Амичи Ме.

По завршувањето на концертот на „Масерина“, во 22 часот, Кабаре  „Зборувај тивко“ ќе донесе дела од композиторот Курт Вајл.

Кабарето „Зборувај тивко“ го сочинуваат сопранистката Тијана Ѓуричиќ од Србија, пијанистката Ирина Наумовска од Македонија и српскиот  хармоникаш Александар Будимир.  Кабарето е обликувано да ги претстави сите фази на творештвото на Курт Вајл, со посебен акцент на делата настанати пред самото заминување од Германија, делата настанати за време на престојот во Париз и непосредно по доаѓањето во Америка. Транспарентно тематски, стилски и хармонски се забележуваат интертекстуалните преклопувања на сè она што Вајл би го нарекол „живот“ во траење од 60 минути.

 

Top