понеделник, 18 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

Голи пред децата: За и против

Има многу придобивки од оваа навика, бидејќи ја промовира идејата дека луѓето треба да се чувствуваат пријатно во своја кожа, тврдат експертите.

Голотијата пред децата им се спротивставува на традиционалните норми и им помага на децата да развијат здрава слика за нивното тело и сексуалност. Тоа, пак, не значи дека треба да се однесувате како нудисти! Ова се работите што би требало да ги знаете…

1. Децата сами донесуваат одлуки

Децата размислуваат со своја глава. Без оглед на тоа колку се обидуваме да им влијаеме преку нашето однесување, тие секогаш ќе имаат свое мислење кое има улога на филтер за сите нешта што ги перципираат. Тоа значи дека преголемата отвореност околу голотијата може да биде исто толку вознемирувачка колку и преголемата срамежливост и претпазливост.

Ако викате и се криете откако детето ќе ве види голи додека излегувате од туш кабината, тоа може да испрати порака дека голото тело е срамно и дека треба да биде постојано скриено. Од друга страна, пак, ако се шетате голи по дома додека си правите кафе мислејќи дека оставате впечаток на луѓе кои си го сакаат телото, тоа може да биде премногу за децата на кои им е непријатно да ги гледаат интимните делови на нивните родители. Треба да знаете колку може детето да прифати за да биде свесно за неговата приватност.

2. И децата имаат двојни стандарди

За некои деца постои разлика помеѓу гледањето и покажувањето. На пример, можеби не им пречи голотијата во базен, но сепак сакаат да имаат приватна соблекувална за да го соблечат својот костим за капење. Исто така, има голема разлика од тоа да ги видат нивните другарчиња голи до тоа да видат повозрасни голи луѓе.

Многу општествени норми и лични правила играат улога кога е голотијата во прашање. Ваша задача е да го најдете вистинскиот начин со тоа што ќе им праќате охрабрувачки пораки кои даваат нормална слика за човечкото тело и неговата убавина. До кој степен можете да гледате голи луѓе и да ја откривате вашата голотија зависи од вашето лично чувство за приватност и треба да им дадете простор на децата да си го најдат своето.

Дали е во ред да бидете голи пред вашите деца?

3. Времето менува сѐ

Природно е тоа што перцепцијата на вашето дете ќе се менува со текот на времето. Типичен пример за тоа се малите деца кои без проблем трчаат голи наоколу, но стануваат посвесни како што поминува времето и стануваат поголеми. Најстресен период за детето е пубертетот кога и децата со најголема самодоверба се соочуваат со многу проблеми предизвикани од промените на телото. Тогаш повеќето деца претпочитаат да си ги задржат овие промени за себе колку што можат повеќе.

Што треба да направат родителите?

Кога ќе се земат сите околности предвид, најдобро е:

1. Да го задржите позитивниот став кон вашето сопствено тело.

2. Да не му давате засрамувачки и потценувачки коментари на вашето дете за неговото тело.

3. Да разговарате отворено и редовно да споделувате информации поврзани со телото.

4. Да најдете книга за телото којашто вашето дете ќе може да ја прочита и да разговара за неа со вас.

5. Да имате отворени дискусии како семејство за да се договорите околу тоа што ќе им одговара на сите кога се работи за голотијата. Ако вашето дете одлучи да не си го покажува телото, почитувајте го неговиот избор и поставете правила како што се задолжително тропање на врата пред да се влезе во тоалет или спална соба.

Според сето ова, во ред е да бидете голи пред вашите деца сѐ додека тоа не прави тие да се чувствуваат непријатно. Не смеете да танцувате во кујната со вашите интимни делови ако знаете дека вашето дете не сака да го гледа тоа, но не смеете ни да ги плашите со идејата дека голотијата е нешто погрешно. На крајот од денот, сѐ зависи од личниот избор и здравиот компромис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top