недела, 17 декември 2017 | Вести денес: 76 ново

Се подготвува стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот, но и нов закон за енергетика

Владата, на предлог на Министерството за внатрешни работи, денеска усвои Информација за потребата од изготвување  стратегија на Република Македонија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот, со акциски план за нејзино спроведување.

Со оглед на тоа што оваа стратегија е дел од агендата на Планот 3-6-9, Владата ги задолжи министерствата за правда и за финансии (Управа за јавни приходи, Царинска управа, Управа за финансиска полиција; Управа за финансиско разузнавање), да достават номинации за  членови на работна група за изготвување на стратегијата, соопшти владината служба за информирање.

На седницата на Владата е донесена  и Уредба за методологија за распределба на приходите од Данокот на додадена вредност по општини за следната година. Уредбата спаѓа во документите од особена важност за рамномерниот развој на општините како дел од владините стратешки определби. По дискусијата за оваа точка, членовите на Владата очекуваат и дополнителни мислења од Заедницата на единиците на локална самоуправа и министерствата за локална самоуправа и за финансии, врз основа на кои ќе се градат идните политики за зголемување на процентот од приходите на додадена вредност кои од Буџетот на Република Македонија се наменети за општините.

Владата усвоила и Информација во врска со побарувањата на Министерството за финансии по основ на користен кредит од страна на Мешовитото јавно претпријатие „Проаква Струга“ по основ на Поддоговорот за кредит од Акциската програма за унапредување на општините и животната средина. Донела одлука за укажување до општините Струга и Охрид, како и до МЈП „Проаква Струга“, во рок од една недела, да достават до Министерството за финансии барање со предлог за исплата на обврските согласно Законот за задолжување на Република Македонија со кредит кај Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) по договорот за проектот „Акциона програма за унапредување на општините и животната средина во Куманово, Велес, Штип, Струмица, Охрид/Струга“. Оваа одлука, стои во сопштението, е во согласност со определбата на Владата да изнајде трајно решение за состојбата со долгот по овој основ што го имаат општините Струга и Охрид, што претставува сериозна пречка во нивното работење.

Усвоена е и Информација во врска со формирање работни групи за подготовка на нацрт текст на нов закон за енергетика. Министерството за економија во координација со Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања треба да формираат работна група која ќе ги координира активностите поврзани со подготовката на нацрт текст на нов Закон за енергетика со претставници од кабинетите нa премиерот, вицепремиерот за економски прашања, Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика. Одредбите кои ќе се подготвуваат се однесуваат на пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, топлинска енергија, нафта и нафтени деривати и обновливите извори на енергија.

Разгледана е и Информацијата за Годишниот извештај за управување со јавниот долг на Република Македонија за 2016 година, и е заклучено извештајот да биде доставен како информација до Собранието на РМ.

Усвоена е  и Информација за утврдените активности со регионалните бизнис центри формирани во рамки на центрите за развој на планските региони.Дополнително, Министерството за локална самоуправа добило задолжение до декември годинава да ја информира Владата за степенот на реализација на aктивностите утврдени во договорите за поддршка на aктивностите на регионалните бизнис центри формирани во рамки на центрите за развој на планските региони за 2017 година.

Не денешната, 22. владина седница се усвоени повеќе извештаи за работењето на јавни претпријатија, како и извештаи за реализација на годишни програми во надлежност на владата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top