понеделник, 18 декември 2017 | Вести денес: 120 ново

Милан Бандиќ, градоначалникот на Загреб го посети „Алколид“ и го гледаше Суперкупот во Скопје

Милан Бандиќ, градоначалникот на Загреб беше во посета на „Алкалоид АД Скопје“ и потоа го следеше натпреварот на УЕФА Суперкупот кој синоќа се одржа во Скопје.

– За време на работната средба, Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на УО на „Алкалоид“, го запозна Бандиќ со работењето и резултатите од работењето на „Алкалоид АД Скопје“ како и деловните операции на компанијата на хрватскиот пазар, каде производите на „Алкалоид“ се присутни речиси половина век – соопштија од „Алкалоид АД Скопје“.

По обиколката на производните капацитети на „Алкалоид АД Скопје“, Бандиќ бил боодушев од она што го видел низ производните погони на „Алкалоид“.

– Кога една компанија успеала цели 8 децении да се одржи на европскиот и да допре до светскиот пазар, тогаш нејзин главен гарант е единствено високиот квалитет. Навистина сум воодушевен од она што имав можност да го видам низ производните погони на “Алкалоид” и сега ми е сосема јасно зошто кога ме боли глава, веднаш посегнувам по „Кафетин“ – рече Бандиќ.

Од Кабинетот на загрепскиот градоначалник истакнаа дека бизнис и пријателските релации помеѓу Мукаетов и Бандиќ, пред сѐ се базираат на заедничката страст која ја имаат кон работата и грижата кон вработените, како неизбежен предуслов за напредок и успех.

Како тема на разговор во рамки на агендата на работната средба, беше и претстојното сениорско Европско ракометно првенство 2018 во машка конкуренција, кое во јануари следната година ќе се одржува во Хрватска. На првенството, чии натпревари ќе се играат во четири различни града, македонските ракометни сениори боите на Македонија ќе ги бранат во градот Загреб. Од позиција на Претседател на Ракометната федерација на Македонија, Мукаетов побара логистичка поддршка од домаќините, имајќи го предвид огромниот интерес кај македонските ракометни фанови за следење на овој спортски спектакл од трибините на „Арена Загреб“, како и искуството од 2009 година, кога македонската „Фаланга“ ‘ги запоседна’ Вараждин и Задар за време на Светското ракометно првенство.

Неодамна Бандиќ го отпочна својот шести мандат како челник на градот Загреб. Меѓу Загрепчаните, тој е познат како реформатор, за време на чие раководење градот доживува економска и културна ренесанса. Меѓудругото, во низата инфраструктурни проекти реализирани под негова палка, се вбројува и комплексот „Арена Загреб“, кој симболично е пуштен во употреба токму со ракометна „пресметка“.

Мукаетов и Бандиќ заедно го проследија натпреварот од УЕФА Суперкупот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед на трибините на ВИП Арената Филип Втори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top