вторник, 22 август 2017 | Вести денес: 70 ново

Драган Спасески Охридски: Желба ми е да го продолжам патот на Михаил и Ефтихиј

Авторот на мултимедијалниот проект појасни дека „ Човекот е трепет и ангелот трепет е, а ти Боже мој...“ е всушност пресек од неговото досегашно творештво, а неговата желба е да го продолжи творечкиот пат на зографите Михаил и Ефтихиј

Мултимедијален проект со ликовни дела на македонскиот уметник Драган Спасески Охридски беше отворен синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид,  во рамки на 57. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Отворајќи ја изложбата, историчарот на уметност, академик Цветан Грозданов подвлече  дека циклусот насловен како „Мајка и дете“ содржи 30 изненадувачки  експонати  создадени од уметникот Спасески.

– Овие експонати изненадуваат. Има голем циклус на мајка и дете.Тоа е циклус на Христос и Богородица. Тоа е циклус на обичен човек. Во црквата „Света Богородица-Перивлепта“  го има еден од најголемите вакви циклуси  во светот, дело на големите зографи Михаил и Ефтихиј. И таму се насликани околу  30 сцени почнувајќи од Рождеството Христово, рече академик Грозданов.

Зборувајќи за самиот автор, академик Грозданов рече дека го познава триесеттима, а можеби и повеќе години. Според него, Драган Спасески –Охридски е неверојатен читач кој постојано читал теорија на книжевноста, литература, поезија, проза, но и сликал.

– Овој циклус „Мајка и дете“ покажува дека Драган Спасески Охридски сака да кореспондира со духовното. Тој е модерен уметник  во модерна смисла, но не е имитатор. Тој е уметник којшто се враќа на антиката, на ренесансата , на неокласицизмот, се до наше време и не повторува никого.

Авторот на мултимедијалниот проект појасни дека „ Човекот е трепет и ангелот  трепет е,  а ти Боже мој…“ е всушност пресек од неговото досегашно творештво, а неговата желба е да го продолжи творечкиот пат на зографите Михаил и Ефтихиј.

– Мојата желба беше да го продолжам патот на Михаил и Ефтихиј .Како пчела одам од цвет на цвет, собирам се што е најзначајно во цивилизациска смисла и ставам авторски печат на она што го создавам, без да ми биде важно дали тоа е трендовски или не е, дали се исплатува или не. Едноставно,  го следам  својот пат на духовното, на фантастичното и еротското во сликарството. Тоа е еден дел на проектот. Другиот дел е промоција на книга со истиот наслов, која што од правдани причини, за отворањето на изложбата не беше презентирана,  туку ќе биде претставена во друг дел од оваа изложба, рече уметникот Драган Спасески Охридски.

Изложбата со неговите дела ќе биде отворена во црквата „Света Софија“ до 20-ти август. Многубројните посетители на отворањето, според академик Цветан Грозданов“ покажуваат колку авторот е ценет како пријател и сограѓанин.

Уметникот Драган Спасески Охридски е голем презентер на македонската уметност надвор од границите на земјава. Тој е еден од првите автори кој уште кон крајот на осумдесеттите години  на минатиот век се претставува со мултимедијални проекти пред љубителите на уметноста. Зад него стојат повеќе вакви проекти почнувајќи од „Апокалиптичен Нарцис“  што беше претставен во 1989 година. За следната година, овој исклучително вреден, плоден и интересен уметник, најавува и голем архитектонски проект. По професија, Драган Спасески Охридски  е доктор-специјалист ортопедски хирург.

 

Top