вторник, 17 октомври 2017 | Вести денес: 91 ново

„Темната кула“ на Стивен Кинг, вестерн дуел меѓу Светлината и Темнината

Македонската компанија ФХ3Х учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на филмот „Темната кула„ најновото филмско остварување според делото на Стивен Кинг, кое премиерно ќе се прикажува во Синеплекс во четврток на 10 август во 20.00 часот.

Темната кула е американски, научно-фанстастичен вестерн, во режија на Николај Арчел, а кој е продолжување на истоимениот серијал новели на Стивен Кинг. Носители на главните улоги во филмот се Идриз Елба како Роланд Дешаин, револвераш кој трага по начин да ја заштити Темната кула од Волтер о’Дим, толкуван од Метју Меконахју, попознат во филмот како „Човекот во црно„.

„Книгите „Темната кула„ Стивен Кинг започнал да ги пишува во седумдeсеттите години и тие се 8 книги на битка меѓу Роланд и Човекот во црно во една алтернативна реалност која може да се опише само како неверојатна мешавина на светот на Толкин и сега замислете го Клинт Иствуд во тој свет„ – изјави Кристијан Даниловски, еден од основачите и ко-сопственик на компанијата ФХ3Х. „На овој филм работевме од август минатата година до февруари оваа, со тим од околу 80 артисти. Со нетрпение го исчекуваме, бидејќи за да се пренесе на филмско платно приказната на Стивен Кинг, биле потребни 10 години и три режисери и тоа не било кои: првиот бил Џеј Џеј Абрамс, вториот Рон Хауард и конечно ќе го видиме резултатот на Николај Арчел. Верувам дека ќе биде прекрасна визуелна забава и ќе уживаме во четврток на премиерата„ – додаде Даниловски.

Низ приказната ќе не води Џејк Чемберс, единаестгодишен авантурист кој следејќи ги трагите открива нов свет во друга димензија наречен Среден свет. Љубопитно следејќи ја мистеријата се сретнува со револверашот Роланд кој е на пат кон Темната кула која се наоѓа во Крајот на светот. Дали тие двајца, сосема различни херои, во трката меѓу времето и просторот ќе успеат да ги спасат своите светови од потполно уништување, ќе погледнеме во филмот.

Top