петок, 20 октомври 2017 | Вести денес: 0 ново

Груевски на свеченоста се сретна со првиот човек на УЕФА и со легендарниот сер Алекс Фергусон

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера беше во друштво на, можеби, најголемото тренерско име во историјата на фудбалот, сер Алекс Фергусон, откако на покана на УЕФА и на ФФМ присуствуваше на коктелот за високите гости, по повод одржувањето на фудбалскиот спектакл – финалето на Суперкупот на УЕФА.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, покрај средбата со Алекс Фергусон се сретна и со Александар Чеферин, претседателот на УЕФА, под чијашто капа е Суперкупот што ќе се одржи на арената „Филип Втори“, која во минатите години од еден обичен просечен стадион стана, можеби, најмодерен во регионот.

Груевски денеска на „Фејсбук“ упати честитки за сите тие што многу работеа овој Суперкуп да дојде во Скопје.

„Почнувајќи од претседателот на ФФМ Илчо Ѓеоргиевски и неговиот тим, министрите за транспорт Миле Јанакиевски и Владо Мисајловски и нивните тимови, министерката за култура Елизабета Канческа и нејзиниот тим, како и раководната структура на МНТ и на Музејот на македонската борба, директорот на ПУИК Цветко Грозданов и неговиот тим врз кои беа поголем дел од обврските и роковите, градоначалникот на Скопје Коце Тајановски и неговиот тим, но и мојот тим во кабинетот на Владата, а особено Славе Веловски и Дејан Герасимовски, кои на дневна основа макотрпно работеа на овој проект“, напиша на „Фејсбук“ Груевски.

Груевски напиша и дека добивањето на Суперкупот, за кој, како што вели,  неговата Влада се борела да биде во Скопје, му помага и на туризмот.

-Освен од Шпанија и од Англија, сретнав луѓе од многу земји, од Малезија и Кувајт, од Србија и Австрија, Данска, Шведска, Белгија, Турција, Сингапур и од каде ли уште не. Се сеќавам многумина не веруваа, имаше и такви што оспоруваа, плукаа и кочеа, но еве дојде денот кога покажавме дека можеме и умееме, Скопје е домаќин на врвен спортски настан, фудбалскиот Суперкуп со кој Македонија е на светската спортска карта. Според правилата на УЕФА, Владата што  ја предводев, заедно со ФФМ, официјално поднесе кандидатура, заедно лобиравме и убедувавме, заедно ветивме дека ќе се исполнат сите услови и заедно ги исполнивме.

 

Top