четврток, 14 декември 2017 | Вести денес: 1 ново

Нермин Теловска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Секоја одлука на еден ваков состав на ИК ќе води кон заедничко добро во државата

Секоја одлука на еден ваков состав на ИК ќе води кон заедничко добро во државата. Во нашата политичка борба секогаш ќе бидат цел општите, заедничките државни добра, а не тесно партиските или интересите на поединци бизнисмени, вели во интервјуто м-р Теловска, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ

Нермин Теловска останува член и во новиот состав на Извршниот Комитет – ИК на ВМРО-ДПМНЕ, таа е родена во Скопје, 1965 година, мажена и мајка на две деца. Има одбрането две магистратури, магистер е по логопедија и магистер по компаративна јавна администрација. Единствен европски клинички специјалист за дисфлуентни нарушувања на говорот во Македонија. Претседател на Одборот на логопеди во Македонија. Член на Интернационалната асоцијација за брзоплет говор во Мисури – САД. Во својата професионална кариера како логопед, има многу стручни престои, учества на конференции и предавања, надвор од државата, како во Лондон, Даблин, Антверпен, Бенцхајм, Софија, Порторож, Загреб и други. Поборник е за правата на жената, правата на децата, правата на малцинствата, на лицата со попреченост како и на стручните лица кои работат со лицата со говорно јазични нарушувања. Но, исто така, таа се залага за здрава природна средина, здрав животен режим, спортување и здрава исхрана.

 

Која е пораката со новиот ИК?

Теловска: ВМРО-ДПМНЕ е современа партија со огромен демократрски потенцијал, и составот на ИК е израз на демократијата во партијата која сплотува и обединува луѓе кои потекнуваат од различни професионални области во кои постигнале одлични резултати, од различни сектори во општеството и од различно културно, етничко и религиско потекло, со исти политички цели. Со ова се докажа дека политиката на ВМРО-ДПМНЕ се темели на слободата, отвореноста, толеранцијата и критичкото преиспитување. Модерната демократија им дава еднакви шанси на сите.

Секоја одлука на еден ваков состав на ИК ќе води кон заедничко добро во државата. Во нашата политичка борба секогаш ќе бидат цел општите, заедничките државни добра а не тесно партиските или интересите на поединци бизнисмени.

 

Што за вас значи членството во ИК?

Теловска: Да се биде член на ИК, кога се отвара нова страница, ново поглавје во политичкиот живот во Македонија, навистина е предизвик и можност да се пренесе сопствената енергија и сопствените идеи и знаења во остварувања на општествено корисни цели или заеднички добра, но и огромна одговорност. Верувам дека со својата работа и политички ангажман ќе придонесам за подобра иднина на нашите деца и внуци. Сите ние, како конзервативна партија, се грижиме за одржување на јавниот морал и традиционалните вредности преку развој на свеста. Возвишен принцип за нас е кога човекот се однесува морално и според општествено прифатени норми, не заради присила, туку заради развиената свест за значењето на човекот, семејството и нацијата. Ниту јас ниту останатите членови на ИК, како припадници на различните етнички заедници, не сакаме да бидеме само квоти, туку вистински да работиме, да предлагаме јасни програми за работа, да предлагаме решенија поврзани со самоопределувањето, малцинските права, верската автономија и добра интеркултурна комуникација. Перспективата ја гледаме во мултикултурна, унитарна, суверена држава, без фаворизирање на било кои етнички заедници, што би довело до маргинализирање на други етнички заедници на сметка на помалиот процент на застапеност.

 

Како гледате на процесите за влез во ЕУ и НАТО?

Теловска: Отворени сме кон процесите на европската и евроатлантската интеграција како и кон развојот на меѓусоседската и генерално меѓународната соработка, но ние при тоа јасно знаеме што е нашата светост, длабоко почитувајќи ја, почитувајќи ги нашите аманети од нашите татковци и дедовци, и мислејќи на иднината на нашите деца и внуци.

 

Која е визијата на ВМРО-ДПМНЕ?

Теловска: Постигнување на политичко единство на целата заедница, развој на колективната свест кога се работи за важни национални прашања, облик на социјален цемент за национален опстанок и сочувување на суверенитетот и територијалниот интегритет. Како и целиот регион, се наоѓаме пред предизвиците на вештачки наметнатите радикални процеси на глобализацијата која во суштина наметнува фрагментација и дезинтеграција на општеството. Ние како партија, се чувствуваме доволно енергични, упорни и умешни да останеме битен фактор во државата. Нема да дозволиме етничкиот и религискиот колорит во Македонија, да биде разорно средство за разбивање на државниот суверенитет и територијалниот интегритет и инструментализација на некои негативни сили.

Не го сакаме хаосот, не сакаме нашите поколенија да незнаат што се, да не го чувствуваат зборот татковина, сакаме задоволни, среќни луѓе, среќни семејства во среќно општество со свои традиции и вредности.

Нашата идеологија кон очувување на основните човекови и семејни вредности, дава конзистентност на нашето делување за задоволувањето на битната човекова потреба за идентитет, ориентација и континуитет. При тоа, не може да се игнорира традицијата, верувањата, обичаите и различните идентитети, вредности и потреби на сите кои живееме во оваа прекрасна, сончева и најубава држава на Балканот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top