вторник, 12 декември 2017 | Вести денес: 130 ново

 Ќе ги броиме предавствата или ќе застанеме пред предавниците?

Ненад Мирчевски

Ете, Заев реализира уште едно предизборно ветување – Тиранската платформа стана реалност. И уште еднаш го предаде својот народ без око да му трепне. Марионетата на Бејли ги пополнува црните страници на македонската историја со молскавична брзина, а Македонија под негова власт ги живее најопасните и најсрамните денови од своето постоење. Народот пак, збунето гледа и се прашува како еден патолошки лажго, еден предавник успеа да ја продаде државата? Па не е можно. Еден човек ова не може да го направи колку да е вешт во своите лаги, а Зоран е очајно лош и провиден манипулатор кој сам себе се демантира за половина час.

Да, Зоран е доволно неинтелигентен да се нафати да биде грдото лице на предавството на македонскиот народ. Да, тој е стебло без корен и тело без душа. Без принципи и без почит кон никој и ништо. Исклучително лицемерен да лаже без мерка  и неверојатно бескрупулозен за да тргува со туѓото. Безобразно сервилен пред моќниците, бесчувствителен и брутално агресивен кон послабите. Сепак, не и доволно моќен сам да продаде цел еден народ колку и да има помош од гувернаторот Бејли и „дип стејт“.

Но, зад него вешто се затскрива цела армија со подеднакво грди лица како неговото, кои пет пари не даваат за Македонија и македонското. Во овој кош ставете ги слободно сите оние кои ќе го изгласаат овој закон во Собранието, сите оние кои ќе го одобрат и парафираат, сите судии и обвинители кои нема да се водат по уставот и законите за да го спречат предавството, туку ги следат наредбите на гувернаторот, сите оние кои го одобруваат со премолчување од страв или од срам дека гласале на избори за нив, сите новинари и аналитичари кои од петни жили од денес ќе го правдаат и релативизираат предавството за да ги оправдаат парите и бенефициите што ги добиваат за тоа…

Сега баш би сакал да ги чујам што мислат сите оние кои гласаа за СДС и седеа на тоа уво дека тиранската платформа е само во главите на вмровците, дека Зоран ги „вози“ Албанците за да го урне „режимот“…  дека ВМРО ако биле вистински патриоти и од опозиција ќе го спречеле воведувањето целосна двојазичност затоа што требало двотретинско мнозинство. Сега не само што ќе биде заобиколена опозицијата, туку законот ќе има европско знаменце, што значи било какво негово менување или укинување ќе значи итна реакција од Брисел и блокирање на интеграциите во ЕУ. Венецијанската комисија ќе има задача да го оправда пред јавноста наместо соросовите експерти кои веќе немаат никакво влијание кај огромното мнозинство, а уставниот суд пак, под притисок на гувернаторот ќе мора да премолчи уште едно газење на уставот.

И сега што правиме бе луѓе? Пак Груевски ќе биде виновен? Сега и на клада да го ставиме нема да ни ја олесни совеста ни нам што предупредувавме ни вам што не верувавте. Нам затоа што не успеавме да ве убедиме, а вам затоа што не сакавте да ги отворите очите на време. Затоа што не сакавте да му верувате на Зоран кој ветуваше редефинирање на државата, а му верувавте на Заев кој тврдеше дека тоа се вмровски лаги. Затоа што за нереални ветувања, реално му дадовте можност да ја уништи државата.

Сега верувале вие или не, тиранската платформа станува реалност. Реалност е и дека за нецела недела и Зоран и Заев потпишаа едно предавство во форма на договор со Бугарија во кое ги жртвуваа македонскиот народ, јазик и историја на „јазик согласно уставот на Македонија“, а четири дена потоа квислиншката влада што тој ја раководи соопшти дека албанскиот јазик го прогласува за официјален јазик на целата територија на државата.

Пред неколку дена се откажа од македонското културно и историско наследство во корист на Бугарија, а сега се погрижи албанското културно наследство да се најде на македонските банкноти и поштенски марки. Од Куманово до Гевгелија и од Тетово до Струмица албанскиот ќе биде официјален јазик во сите институции – значи не само во Собранието на Република Македонија, Претседател на Република Македонија, Влада на Република Македонија, туку албанскиот ќе биде официјален јазик и во судството, јавното обвинителство, Уставниот Суд, Народниот Правобранител, во изборниот процес, во образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, во радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата… Со овој закон сите табли и обележја на државните институции ќе бидат и на албански, како и улици, мостови, обележја низ цело Скопје – како во Чаир и Сарај, така и во Центар и во Карпош. Двојазични ќе бидат униформите на полицијата, пожарникарите, лекарите…

Празниот Мечкин Камен не му беше доволна порака на Заев дека народот е против оваа предавничка власт. Но, очигледно е и дека Заев се обидува пред локалните избори да ги задоволи амбасадорите што го ставија на власт, а не народот, очекувајќи гувернаторот и странските дипломати да му ја надоместат недовербата кај гласачите на локалните избори. Ова остава сомнеж дека или од нив ќе бара да му ги одложат изборите или да му ги наместат како претходниот пат. Вољата на народот повторно  ќе биде исклучена. Време е да се разбудиме за да не се чудиме еден ден каде не разденило. Ако се претвориме во аморфна маса која немо ги следи предавствата на сопствената држава ќе станеме соучесници во истите. Тогаш сите ќе станеме Зорановци. И со право. Затоа отворено ја прашувам целата јавност – уште ќе ги броиме предавствата или ќе ги сопреме предавниците?

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top