сабота, 16 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

Пет девојчиња од Македонија нападнати на одмор во Грција (видео)

Летувањето во Калитеа во соседна Грција за пет другарки од Македонија се претворило во кошмар, откако сопствениците на апартманот во кој биле сместени предизвикале инцидент, кој завршил со физички напад, пренесе ТВ24.

На четвртиот ден, од планираните седум, сопственичката и нејзиниот син, ги исфрлиле од станот под изговор дека не ги почитувале правилата и пуштале прегласна музика, при што се обиделе брутално да се пресметаат со нив.

„Ни викаа дека сме животни, дека не сме никој и ништо и ќе ви правиме што сакаме, не омаловажуваа. газдарицата ја тегнеше другарка ми за коса ја давеше, а на другата и маваше шамари.“ – вели Катерина Еленинска.

Но нивната голгота не завршила откако го напуштиле станот. Тврдат дека ниту полицијата ниту брзата во Грција не сакале на време да реагираат само поради тоа што доаѓаат од Македонија.

 „Не сакаше да каже детали дека бевме нападнати и дека ни упатуваше расистички навреди и ни се потсмеваа полицајците“ – вели Леа Авриќ.

Црногорскиот и американскиот пасош на две од петте другарки ги спасиле и останатите ноќта да не ја поминат под отворено небо. Откако контактирале со конзуларните претставништва на двете земји, биле згрижени, а веќе следното утро се вратиле дома, но велат дека се разорчарани поради тоа што ваква помош не добиле од македонскиот конзулат.

„Додека од црногорската амбасада и се јавија на другарка ми, од нашиот конзулат никој не се загрижи.“ – изјави Еленинска.

Петте другарки на одморот во Грција заминале преку туристичка агенија, меѓутоа велат дека нема да поднесат тужба за инцидентот во кој биле нападнати, бидејќи велат дека агенцијата се понудила за помош. Нема да ги тужат ниту мајката и синот кои ги нападнале бидејќи не очекуваат да го добијат спорот во Грција, но апелираа до македонскиот конзулат поажурно да се грижи за македонските државјани кои престојуваат или патуваат во Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top