понеделник, 18 декември 2017 | Вести денес: 54 ново

Никола Ристановски се враќа дома

Од септември ќе почне со емитување новата телевизиска серија „На терапија“, првата македонска ТВ-продукција снимена според странска лиценца.

Во македонската верзија на серијата, која е во продукција на „Кинооко“, играаат Никола Ристановски во улогата на психотерапевт, заедно со Јелена Јованова, Амернис Нокшиќи, Тони Наумовски, Ангела Димитрова, Драгана Костадиновска, Висар Вишка и Бедија Беговска.

Дејството на серијата се одвива околу приватниот и професионалниот живот на психотерапевт, кој во текот на петте работни дена работи со своите пациенти на нивните проблеми за во слободното време и самиот да побара стручна психијатриска помош. Секоја епизода е фокусирана на одреден пациент и неговиот однос со главниот лик: суицидална пливачка на тинејџерски години; професионален војник, кој ги преиспитува своите постапки; жена што има еротска фиксација кон терапевтот; брачна двојка што не може да се соочи со обврските на родителство; како и сопругата на психотерапевтот, која се обидува да го спаси нивниот брак, кој е во криза.

Оригиналната серија „На терапија“ потекнува од Израел. Концептот на серијата доживува планетарен успех и се снимаат верзии во Канада, Аргентина, Бразил, Јапонија, Холандија, Чешка, Полска и во Италија. Во балканскиот регион досега се снимени романска, словенечка, српска и хрватска верзија.

Повеќе детали за проектот се достапни на официјалната веб страна www.NaTerapija.mk.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top