понеделник, 21 август 2017 | Вести денес: 49 ново

Изложба на Борислав Траиковски (1917 -1996) на БИТ ФЕСТ

На 24 јули (понеделник) во 20 часот во КЦ Магаза ќе биде отворена изложба на слики од еден од доајените на македонското современо сликарство, акадeмскиот сликар Борислав Траиковски (1917-1996).

Оваа изложба се вбројува во најзначајните настани од областа на ликовната уметност на овогодинешниот БИТФЕСТ и е една од активностите на Друштвото на ликовните уметници Битола (ДЛУБ), НУ Завод и Музеј Битола и Македонското научно друштво Битола, кои со поддршка на Општината Битола, Битолското културно лето и семејството на Борислав Траиковски, се организира во рамки на програмата за одбележувањето на големиот јубилеј 100 години од неговото раѓање.

На отворањето на изложбата во понеделник, ќе бидат изложените 25 дела кои се со карактеристичниот формат 100х80, во техника масло на платно и истите се сопственост на љубители на уметноста, институции и компании од Битола. Скоро сите дела досега не се изложувани. Станува збор за дела кои Траиковски ги создавал во периодот од 1959 до 1993 година.

Овој настан следува по успешната изложба на слики од Борислав Траиковски, во Белград, Р.Србија во Галеријата на НУ „Куќа на легатите“ лоцирана на главната улица во Белград, каде беа изложени 40 дела сопственост на семејството на сликарот. Изложбата ја отвори Нејзиното кралско височество, Принцезата Јелисавета Караџорџевиќ. Оцените и впечатоците беа прекрасни, особено од оние, кои со делата на Траиковски се сретнале и во минатото, преку редовните групни изложби на македонските и југословенските сликари во Белград, на изложбите на ВДИСТ, како и преку изложбата на дел од творештвото на Траиковски во 1976г. во Белград.

Планирано е одбележувањето на големиот јубилеј да продолжи со поставување на спомен плоча на објектот каде се наоѓаше ателјето на Траиковски во Бистрица, со издавање на монографија, отварање на спомен ателје на Борислав Траиковски во рамки на НУ Завод и Музеј Битола и со изложба во НУ Завод и Музеј Штип. Со овие активности ДЛУБ и останатите институции од областа на културата прават напори да се оддолжат на делото на Борислав Траиковски кој како еден од доајените на македонското современо сликарство и сликарска екселенција остави неизбришливи траги на нашите простори.

Траиковски е еден од најмаркантните современи македонски сликари кој се јавува во почетокот на 50-тите години од минатиот век како експресионист и сликар кој негува слобода во изразувањето. Карактеристичен е по уникатниот колорит и експресивниот израз, црната контура, неговата приврзаност за Битола и посебната љубов кон сликарството.  Роден е на 15 јуни 1917 година во Битола. Во 1951г. Траиковски заврши Ликовна академија во Белград, со што тој е првиот македнски академски сликар кој по ослободувањето дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград. По 1951 година тој се вратил во Скопје каде бил назначен за асистент на Архитектонскиот факултет по сликарство. Само по неколку денови престој во Скопје се вратил во Битола и изјавил „Доколку би се преселил на друго место и не би можел а го гледам синилото на битолското небо, сигурен сум, би престанал да сликам!.“

Во Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) бил примен 1952г., а во 1951г., бил одбиено неговото барање за членство. Како член на ДЛУМ бил на студиско патување во Италија (1954). Во 1961г., добил стипендија од фондот „Моша Пијаде“ и бил на едногодишен престој во Париз. По неговото враќање во Битола, бил вработен како професор по уметност во Гимназијата „Браќа Миладиновци“, а подоцна и во Педагошката академија во Битола.

Траиковски е еден од најизразитите претставници на повоените македонски современи сликари, изразит експресионист, мајстор на бојата, доајен на битолското сликарство, прв претседател и еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Битола (ДЛУБ) и еден од најзначаните членови на групата ВДИСТ (Видимче, Димовски, Ивановски, Спировски и Траиковски).

Добитник е на наградата 11-ти Октомври за животно дело, Орден на Републиката од 2 степен, 4-ти Ноември, награда на Општина Битола и други. Траиковски е пионер во организацијата на изложби по работни колективи, фабрики, плоштади, училишта, на тој начин доближувајќи ја ликовната уметност до народот. Негови дела се наоѓаат скоро во сите музеи во Македонија, повеќе музеи во Европа и во бројни приватни колекции и збирки. Во 2006г. во Битола, во негова чест е воведена наградата „Борислав Траиковски“ која се доделува за најуспешно дело на годишната изложба на ДЛУБ. Во постојаната поставка на НУ Завод и музеј Битола е изложен еден дел од неговото ателје и дел од неговите дела. Почина во Битола на 11 Октомври 1996г.

Изложбата која е дел од БИТ ФЕСТ 2017 ќе трае до 03.08.2017 година.

Top