вторник, 16 октомври 2018 | Вести денес: 95 ново

Заев почна да „јаде живи луѓе“ – Разговор со самохраната мајка избркана на улица

Со највисоки признанија и достигнувања и со животна борба како да се биде добра самохрана мајка, врвен работник и извор на егзистенција за своето дете, Катерина Матиќ, која пет години работела како државен советник во Агенцијата за храна и за ветеринарство, доби отказ без никаква претходна најава или опомена. Таа за „Република“ вели дека ѝ е направена голема неправда и дека ќе ги искористи сите можни правни инструменти во државата за си го поврати работното место и да си ја поврати својата чест

Кои беа Вашите задолженија во Агенцијата за храна и за ветеринарство?

Матиќ: Во Агенцијата за храна и за ветеринарство јас сум вработена од 2012 година, прво бев инспектор за храна, па државен советник и шеф на кабинет. Во работен однос во Агенцијата сум пет години.

 

Излеговте пред медиумите за да го искажете Вашиот револт за тоа дека неосновано сте добиле отказно решение, постоеше ли претходно опомена до Вас за можен отказ?

Матиќ: Напротив. Јас во текот на своето работење се качував по нормални скалила, со мојот труд прво станав инспектор, па државен советник, па шеф на кабинет. Што значи дека сите скалила нормално сум ги искачила, тоа е сѐ постигнато со мојата макотрпна работа, која досега моите претпоставени ја оценуваа како многу стручна и професионална. Имам признанија од меѓународни организации и институции со кои сум соработувала. Секогаш како професионалец сум се трудела да го дадам својот максимум во сѐ што било моја задача.

 

Од АХВ велат дека законите важат еднакво за сите, вклучително и одредбите што се однесуваат на почитување на работното време и на присуство на службениците на работното место. Тоа ли е причината поради која добивте отказ и како дознавте за оваа одлука?

Матиќ: Во понеделникот, пред крајот на работно време, архиварката во мојата канцеларија ми донесе плик во кој стоеше дека добивам отказ затоа што во електронската евиденција не сум евидентирана пет работни дена од јуни, месец за кој имам примено плата. Директорот што ми дава отказ ја потпишал мојата плата, за која претходно треба да се потпише редовност, значи прво ја потпишува мојата редовност и потоа го потпишува чекот за плата за по еден месец да добијам плик со отказ, нешто што во нормални услови е нереално. Барав да се видам со директорот, инсистирав неколку пати, меѓутоа не добив одговор. Сѐ уште немам добиено никаков прием, никакво објаснување, нема никаков одговор. Претходно ниту бев, ниту сум информирана, ниту опомената. Ако веќе евентуално имале некоја претпоставка за ваков чекор, требало до мене да стигне барем некакво барање за изјаснување. Да се изјаснам дали сум била тие денови на работа или само не ми е заведена електронската евиденција.

Бевте ли Вие на работа за тие денови за кои се тврди дека сте отсуствувале?

Матиќ: Да, јас тие денови бев на работа, но по самата природа на моето работно место – шеф на кабинет, вршам работни активности во институцијата и надвор од институцијата. Работното време не е секогаш фиксно, како што не е ни фиксно работното време на директорите. За конкретниот период за кој имам добиено отказ сегашниот директор сѐ уште не беше директор, туку беше Зоран Поповски. Така што јас, според неговите задолженија и насоки, си ги извршував работните задачи. Затоа постојат и докази, е-пошта, службени комуникации, состаноци и средби во институцијата и надвор од неа. Јас во канцеларија сум со колешка, не е возможно мене некој да не ме видел тие денови. Станува збор за пет дена, во една толкава институција не може да бидете невидлив.

 

Во изјава за медиумите рековте дека се сомневате дека оваа одлука да добиете отказ е политичка. Во што конкретно се сомневате?

Матиќ: Знаете, со самата смена на менаџментот на директорите, како дел од претходниот менаџмент. Новата гарнитура што дојде почна веднаш да врши одреден вид притисок врз мене. Ме доведоа во една непријатна ситуација. Со решение за службен пат, одобрен налог за службено патување, во три часот наутро отидов на аеродром за да одам на обука за која бев номинирана и прифатена од страна на Европската комисија, која е организатор на обуките. На аеродром се соочив со фактот дека ми е откажана картата. Таму останав до осум часот наутро за да добијам објаснување кој ми го откажал патувањето. Јас сум самохрана мајка со дете со починат татко од пред три месеци, за мене е голем напор и организација да ја доверам грижата за моето дете за да одам стручно да се дообразувам за да напредувам во кариерата за да бидам добра мајка, но и успешна жена, која треба да обезбеди егзистенција за своето семејство. Моето патување беше откажано со само една порака од лице што лажно кажува дека јас нема да бидам во можност да бидам дел од обуката. Откажувањето на моето патување се совпадна со денот кога е именуван новиот директор. Јас побарав објаснување зошто е тоа така, зошто не сум информирана дека некој ми го откажал патувањето и добив банален одговор дека не сум била компетентна ,не сум била стручна за да одам на таква обука. За да се биде дел на таква обука прво се конкурира, па од Европската комисија решаваат дали ги исполнувате критериумите или не, ве прифаќаат или одбиваат. Што значи дека одговорот што го добив не е вистински. И друго објаснување беше дека не сум го информирала лично директорот. Јас немав кога да го известам бидејќи по завршувањето на мојот годишен одмор, веднаш следниот ден тргнав на обука.

 

Јавноста е веќе запознаена, а и сами споменавте дека Вие сте самохрана мајка на седумгодишно девојче, сами сте се бореле за егзистенцијата на своето дете. Како Катерина ќе продолжи со борбата сега?

Матиќ: Да, јас сум веќе пет години самохрана мајка, меѓутоа, за среќа, моето дете имаше двајца родители, иако јас некако успевав да се грижам за мојата ќерка, сепак таа имаше уште еден жив родител со кој се гледаше, со кој живееше, со кој се сакаше за пред три месеци нејзиниот татко ненадејно да почине. Ние сѐ уште живееме со таа болка, тоа за нас е отворена рана, која многу боли. Сѐ уште е болна тема. Уште не е ни поминат периодот на тагување, посебно за мојата ќерка, бидејќи таа сѐ уште не сака да го прифати фактот дека него веќе го нема. Дека нема да може да ја прошета во парк, дека нема да може да ја носи на базен, дека нема да дојде на приредба да ја гледа. Таа е многу успешна во пеење, освои и неколку награди и секогаш е тежок моментот дека недостига таткото за да може да ја пофали или да ја поттикне да биде уште подобра.

По ова што ми се случува јас, искрено, не знам како би продолжила понатаму, нормално дека нема да се предадам, ќе барам работа, меѓутоа не знам колку тоа би траело временски.

 

Кои се следните чекори што ќе ги преземете во врска со Вашиот отказ?

Матиќ: Секако дека ќе продолжам со борбата, тоа е карактеристика на самохраните мајки. Цело време да се борат во животот за своите деца, за нивната иднина, за нивниот подобар живот. Посебно во ситуација во која знаете дека сте праведни и дека ви се случува неправда. Ќе ги искористам сите можни правни инструменти во државата за прво да си го повратам работното место и, секако, да си ги повратам својата чест, углед и достоинство бидејќи во потрагата по пристоен живот човек се труди и да ја гради својата кариера, меѓутоа и својот углед и интегритет. Со тоа што ми го направија тие згазнаа на моето достоинство. Верувајте, јас бев последната што си оди од работа, јас требаше да внимавам на сите што работат како работат и ова што ми се случува сега е толку неправедно, да добијам отказ од работа поради тоа што не сум била на работа, односно добив отказ затоа што не сум се забележала со електронска картичка за која имав пријавено дека ми е загубена. Во подготовка е тужба до Агенцијата за администрација, која е надлежна, и се надевам дека комисијата ќе ги цени објективно доказите и сите факти и дека ќе донесе поништување на решението за отказ.

Ќерка ми беше многу вознемирена не дека јас се најдов во оваа состојба туку од фактот дека сите дознале дека таа нема татко, ние сѐ уште се бориме психички таа да се стабилизира, да прифати дека, едноставно, мора да продолжиме понатаму да живее само со еден родител, дека нема татко. Поради овие немили настани што ми се случија и ме затекоа јас морав мојата тага да ја поделам со цела јавност. Дури и да го изневерам свето дете, кое ме моли тоа да остане тајна меѓу нас. Затоа ова ме прави уште посилна, затоа ќе се борам до крај.

Разговараше: Кристина Николова – Кузмановски
Фото: Александaр Ивановски
(Текст објавен во 255. број на неделникот „Република“, 21.07.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top