сабота, 26 мај 2018 | Вести денес: 56 ново

Теловска: Расте бројот на децата што имаат говорен или јазичен проблем

Според листата на чекање за логопедски третман во Заводот за рехабилитација на слух, говор и на глас во Скопје, како и според систематските прегледи во градинките, за жал, сѐ повеќе деца имаат потреба од логопедски третман, вели м-р Теловска

Расте бројот на деца што имаат говорен или јазичен проблем, вели Нермин Теловска, магистер по логопедија, специјалист за дисфлуентни нарушувања на говорот, во интервју за „Република“.

Според м-р Теловска, секое отстапување од некоја просечна рамка на појавување на говор може да претставува причина родителот да се посоветува со логопед.

Во време на електронска комуникација и развиена технологија, многу е важно физичкото присуство на родителот во развојот на говорот. Родителот претставува жив модел, кого детето ќе го имитира, и со него ќе учи во една атмосфера на заедничко внимание и љубов. Емоцијата е таа, која детето ја разбира, пред да го разбира говорот, таа е појдовната точка на развој на комуникациските способности, нежниот поглед в очи и насмевката од страна на родителот е најсилниот мотив за поттикнување говор кај детето. Тоа не можат да го направат електронските апарати и играчки, смета м-р Теловска.

 

Според најновите истражувања во логопедијата, говорните вештини на децата се нарушени. Која е причината?

ТЕЛОВСКА: Говорниот развој е сложен процес во кој се обединуваат различни модалитети на физиолошки, говорни и јазички процеси. Неговиот развој во голема мера е одреден од нашата внатрешна биолошка природа. Се знае дека голем број причинители имаат влијание и можат да го нарушат природниот тек на развојот на говор и на јазик. Таа широка лепеза на причинители или фактори може да се класификува во: надворешни; органски: анатомските и невролошките, како што се расцепите, назалност, отстапувања во градбата на артикулаторите; губење слух, невролошки; психолошки и наследни. Постојат и други фактори, како што се, неснаоѓањето на артикулаторите, лош фонематски слух, инфантилен говор, запуштеност.

И заостанувањето во интелектуалниот развој секогаш има последица во говорниот и јазичен развој на детето.

 

Кои се знаците на задоцнет говор? Како родителите да препознаат дека детето има проблеми во говорот?

ТЕЛОВСКА: Посматрајќи го своето дете во секојдневната комуникација, родителите често се прашуваат дали говорот на нивното дете е уреден. Предупредувачките знаци што родителот може да ги согледа уште во рана детска возраст се следниве: Ако кај детето до тримесечна возраст е отсутна реакцијата на звуци, детето има проблеми со цицањето и со голтањето, постои хипотонија на мускулите на говорните органи.

Ако од четири до шест месеци возраст детето не гледа со интерес во лицето на родителот додека тој му зборува, ако не се насмевнува, нема појава на брборење.

Ако од шест месеци до една година нема гугање, ниту обид за имитација на говор.

Ако од 12 до 18 месеци детето воопшто не прозборувало или не е социјабилно или друштвено.

Ако од 18 до 24 месеци детето користи повеќе гестови отколку зборови и родителот е загрижен за способноста на детето да зборува и да го разбира кога му зборува.

На возраст од две до три години, знаците на предупредување се фрустрацијата кај детето кога се обидува да зборува, тешкотии да се разбере детето и ако детето не поврзува два збора заедно.

 

Во време на електронска комуникација и развиена технологија, колку е важно физичкото присуство на родителот во развојот на говорот?

ТЕЛОВСКА: За детето, во период на раниот развој, присуството на родителот е незаменливо и од пресудно значење. Тој претставува жив модел, кого детето ќе го имитира, и со него ќе учи во една атмосфера на заедничко внимание и љубов. Емоцијата е таа, која детето ја разбира, пред да го разбира говорот, таа е појдовната точка на развој на комуникациските способности, нежниот поглед в очи и насмевката од страна на родителот е најсилниот мотив за поттикнување говор кај детето. Тоа не можат да го направат електронските апарати и играчки.

 

Што вели Вашето искуство, дали расте бројот на деца што имаат говорни мани или почнуваат да зборуваат подоцна од вообичаеното?

ТЕЛОВСКА: Според листата на чекање за логопедски третман во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје, како и систематските прегледи во градинките, за жал, сѐ повеќе деца имаат потреба од логопедски третман, што значи расте бројот на деца што имаат говорен или јазички проблем.

 

Колку се важни сликовниците и квалитетно поминатото време со децата за развојот на комуникациските вештини кај детето?

ТЕЛОВСКА: Сликовницата овозможува активно, квалитетно поминато време на родителот со своето дете. Постојат многу причини поради кои е потребно кај детето да се развие љубов кон книгата од рана возраст, а подоцна и навика за читање. Важен е односот на родителите кон книгата бидејќи детето учи од нив. Не е доволно само да му се купуваат книги за подарок на детето, туку потребно е активно да се учествува во изборот и читањето книга. Од возраст на девет до 10 месеци возраст, се препорачува средбата на детето со првата книга. При изборот на книги да се обрне внимание не само да се интересни, убави, туку да ги задоволуваат образовните и здравствени барања кога станува збор за најмладите. Првата книга треба да биде отпечатени во хартиена форма, листовите да се од картон пластично обложен, за полесно одржување, рабовите на книгата да се во форма на круг за да не може, бебето или малото дете да се повреди. Сликовниците мора да имаат доказ дека материјалите од кои се направени не се токсични. Понатаму, илустрациите и цртежите треба да се по едноставни и јасни, со помалку детали. Сликовницата не треба да биде претерано шарена за детето да може да се фокусира на објектите, да ги препознава и именува, така го збогатува својот речник и ги развива своите вештини за зборување.

 

Која е пораката за родителите? Што можат да сторат за да им помогнат на децата околу говорот, но и со комуникациските вештини?

ТЕЛОВСКА: Најважно од сѐ е родителот да му покаже на детето љубов и поддршка, додека тоа ги прави првите напори да се искаже со глас, да гуга, кога имитира говор тоа треба да ја гледа радоста во очите на родителот. Родителот треба да поминува време со своето дете, нежно да му пее, да му зборува, да си игра со него, да го вклучува во секојдневните активности зборувајќи му за нив на начин што ќе биде соодветен на возраста на детето, да му чита книги со кратки реченици и со едноставни илустрации.

Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александра Ивановски
(Текст објавен во 255. број на неделникот „Република“, 21.07.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top