сабота, 20 октомври 2018 | Вести денес: 54 ново

Мисајловски: СДС нема капацитет да ги заврши проектите на ВМРО-ДПМНЕ

СДС е влезен во медиумска кампања и во прикажување дека проектите што ги почнавме не се добри, дека имало проблеми и не знам што сѐ уште не, но верувам дека тоа го прави плашејќи се да се соочи со реалноста

Македонија доби грант од ЕУ во делот на инфраструктурата од 70 милиони евра. Сето тоа е резултат на залагањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ за подготовка на добри и одржливи проекти. Колку Вие го гледате вашиот придонес во сето тоа?

Мисајловски: Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше силно посветена на реализација на многубројни инфраструктурни проекти што се од особено значење за сите граѓани во Република Македонија. Тоа е факт и никој не може да го негира. Низ цела територија на државата може да се забележат голем број проекти, од автопатишта, регионални и локални патишта, нови возови, плажи, пешачки патеки, училишта, болници, спортски сали, водоводи и канализации и многу други проекти што ги реализиравме во изминатиот период, но и голем број што веќе ги почнавме и ѝ ги оставивме на оваа Влада да ги заврши. Реков дека почнавме голем број капитални проекти за кои обезбедивме средства, но нивната изградба, поради големина и комплексноста, ќе се реализира во следните неколку години. Таков е и примерот со изградба на пругата кон Република Бугарија, конкретно за делницата од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 32 километри, за што веќе се обезбедени пари. Зошто ја спомнувам оваа делница, бидејќи ме прашавте за грантот од ЕУ од 70 милиони евра, а токму овој грант е наменет за изградба на овој дел од пругата кон Бугарија. Да појаснам, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изминатите години обезбеди средства од ЕБРД во висина од 147 милиони евра за изградба на оваа делница. Но изминатата година преку инструментот на ЕУ за регионално финансирање инфраструктурни проекти – ВБИФ, се отвори можност да обезбедиме грант за реализација на капитални проекти. Јас како министер и вработените во Министерството за транспорт и врски решивме да аплицираме до ЕУ преку овој инструмент и да обезбедиме дополнителни средства токму за изградба на оваа пруга. Планот ни беше овие 70 милиони да се искористат за изградба на пругата и да се искористи дел од заемот од ЕБРД, а друг дел од средствата да се искористат за друг капитален проект. Во декември 2016 година ја изработивме апликацијата, аплициравме и, како што соопштија од ЕУ, средствата се одобрени. Им честитам на вработените бидејќи несебично се вложија, а ја сум задоволен што овие средства се обезбедија бидејќи тие ќе бидат наменети за општиот интерес за сите граѓани во Република Македонија.

 

Запрени се многу проекти што ги почнавте, почнувајќи од автопатот Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип. Кои сѐ проекти се запрени?

Мисајловски: Веднаш да ви кажам дека ниту еден проект не е запрен, на одредени проекти е намален интензитетот со работа поради причини што ги наметна СДС за да прикаже дека не се работи на терен, но не е точно дека се запрени. СДС имаше обид да направи медиумска кампања и да прикаже дека проектите што ги почнавме не се добри, дека имало проблеми и не знам што сѐ уште не, но верувам дека тоа го прави плашејќи се да се соочи со реалноста. Реалноста е дека ВМРО-ДПМНЕ почна голем број капитални проекти за кои е потребно многу труд, макотрпна работа и максимално вложување за да се завршат. Изминатите години ВМРО-ДПМНЕ работеше посветено за да се изградат што повеќе капитални проекти за доброто за сите граѓани. Но, наспроти тоа, СДС без ниту еден ден согледување на реалноста излегува по медиуми и нѐ напаѓа дека не требало да се работи на тој начин и така натаму. Лесно е да работите од канцеларија и кога не сте сигурни како да го сработите тоа излегувате по медиуми и напаѓате, а, од друга страна, сега гледаме дека владата бега од решавање на предизвиците, а со тоа од ден за ден на секој проект му се намалува интензитетот во градењето. Изградбата на одреден автопат или експресен пат или регионален не е ниту малку лесна работа, секој ден, ама, буквално, секој ден се соочувате со нови предизвици, кои треба сериозно да ги решавате. Нема застанување, секој проблем треба да се решава во континуитет за да не дојде до запирање на проектот. Дополнително, на располагање имате голем број стручни лица, кои треба да ги вклучите за надминување на таквите предизвици. За првпат во независна Македонија се градеше со толкав силен интензитет и вложени се повеќе од една милијарда евра за подобрување на патната инфраструктура. Зад сите тие завршени проекти стоеле одредени проблеми со експропријација, со дополнителни градежни зафати, со непредвидени работи, но сите тие сме ги надминале во текот на градбата. Главниот резултат е подобрена инфраструктура и задоволни граѓани. Така што не е оправдување тоа што го прави власта сега, таа само покажува дека не е подготвена да го заврши тоа што го почна владата на ВМРО-ДПМНЕ. И на граѓаните им е јасно тоа.

Дали, навистина, има пропусти во проектите или се работи за кампања против вас?

Мисајловски: Сите проекти што се почнати со градба се поминати на ревизија, што значи дека сите стручни и законски обврски се одобрени, а врз основа на тоа е почната реализацијата. Ме прашавте за автопатот Кичево – Охрид. Дел од тој проект е правен во времето кога СДС беше на власт. Од 2006 година до 2008 година е допроектиран и потоа оди на ревизија. Јас во сите мои излагања објаснив дека не секогаш на терен се јавува истата состојба од моментот кога се вршени геомеханички или геолошки испитувања, но никогаш нема да се согласам дека е погрешена трасата. Јас како министер, а претходно и како директор на Јавното претпријатие за државни патишта, на дневна основа сум имал состаноци со сите вклучени во проектите и во континуитет сме ги решавале работите. Проблеми имало и секогаш ќе има, градењето автопат или други инфраструктурни проекти не е лесна работа, но доколку се има желба, сите проблеми ќе се надминат. Ако само се жалите и цело време го правите тоа, тогаш само си создавате алиби да не сработите ништо.

Ме прашавте и за последиците, секако, секое одолжување на работите ќе ја чини државата и, секако, економијата. На автопатиштата пред СДС да го намали интензитетот работеа повеќе од 2.000 луѓе. Затоа апелирам сериозно да се зафатат со работа и да ги завршат патиштата бидејќи тие се за сите граѓани во државата.

 

Со ребалансот на буџетот се кратат пари за инфраструктурата. Како ќе се одрази тоа врз економијата и граѓаните?

Мисајловски: Тоа што го прави СДС со ребалансот, практично, го докажува тоа што го тврдиме цел овој период. Да кратите пари од капитални проекти тврдејќи дека се непродуктивни и место тоа да зголемувате пари за партиски вработувања е сосема спротивно од домаќинско работење. Не може да кратите во образование, во здравство и за сметка на тоа да обезбедите пари за плати за нови вработувања, тоа ли е реформска власт како што се нарекува? Секој знае дека капиталните проекти имаат подолгорочен ефект врз државата и бенефит за граѓаните. Изградбата на училишта, спортски сали, болници, патишта, пруги и други капитални проекти не се непродуктивни трошоци. Ваква политика каква што спроведува СДС не е корисна за никого, мора да се ослободат повеќе пари за капиталните проекти, тие се најпотребни за граѓаните.

Дали се одржливи предизборните ветувања на СДС во делот на инфраструктурните зафати?

Мисајловски: Анализирајќи ја програмата на новата Влада, ќе се забележи дека сите проекти што ги почна ВМРО-ДПМНЕ се пресликани и во новата програма на СДС. Дополнително, добар дел од патиштата за кои претходно има изработено проекти или, пак, сме биле во фаза на преговарање со финансиски институции за нивно финансирање, се вметнати во нивната програма. Исто така, има повеќе проекти што се веќе завршени, а стојат во програмата на СДС. Има и проекти што биле во изборната програма, но ги нема во владината програма, за што сметаме дека за тие проекти граѓаните се изманипулирани. Од седумдесетина наведни конкретни проекти во владината програма, голем дел се проекти на ВМРО-ДПМНЕ. Но има многу нереални ветувања од типот на изградба на 600 км автопатишта, 550 км регионални и експресни патишта, 1.000 км локални патишта, или изградба на приградски железнички сообраќај или, пак, воведување национален авиопревозник. Но, никој не одговори на суштинските прашање – каде ќе ги градат тие 600 километри автопатишта и другите ветувања? Како ќе создадат приградски железнички сообраќај за кој ниту има проект, ниту, пак, студија за исплатливост на таков проект. Има и други проекти во делот на патиштата што се нереални бидејќи нема економска исплатливост од аспект на недоволен сообраќај за толкави големи инвестиции. Веројатно, како и од практиката, СДС ќе остане само на празните ветувања без конкретна реализација.

Последниов период сте активни меѓу граѓаните. Какви се нивните ставови за чекорите на новата влада во секој сегмент, што е ветено, а што се прави на терен?

Мисајловски: ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш била и во иднина ќе биде меѓу граѓаните. Довербата, легитимноста и конкретните проекти што ги работиме ги црпиме од граѓаните, од нивните реални потреби и од нивните барања. Таква е практиката и така ќе продолжиме. Сѐ што сме направиле досега сме го направиле по посетите од терен и по разговорите и барањата од граѓаните. Сметам дека тоа е најисправна политика и така треба да се работи. Граѓаните гласале за вас и очекуваат да го сработите тоа што сте им го ветиле. И сега како политичка партија континуирано сме посветени на согледување на потребите и на барањата на граѓаните сѐ со цел и од аспект на партија што не учествува во власта да лобираме преку институциите за поквалитетен живот на граѓаните.

Од посетите на терен може да се забележи незадоволство во однос на ветувањата што им ги дал СДС. Им ветувал патишта, водоводи, канализации, но досега нема ништо почнато да се гради. Во општини каде што има градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ се обидува да запре одредени проекти. На терен се работи само тоа што ние веќе претходно сме го почнале, нови проекти и нема. Но тоа ни дава и поголем стимул да ги согледаме сите реални потреби, да се обидеме преку институционален начин да ги решиме и да ги задоволиме потребите на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ секогаш работи за доброто на граѓаните.

 

Разговараше: Александрија Стевкоска
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Владо Мисајловски е објавено во 255. број на неделникот Република, 21.07.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top